Паника во руските продавници

Извор: AP

Извор: AP

По рекордниот пад на курсот на националната валута многумина граѓани на Русија почнаа да ги трошат заштедите во рубли со тоа што купуваат станови, козметика, автомобили. Многумина менуваат рубли за девизи. Цените во продавниците постојано растат, а девизите во менувачниците ги има сè помалку. Нашата колешка се обиде да дознае на кој начин граѓаните на Русија се обидуваат да ги потрошат заштедените пари пред уште повеќе да изгуби вредност.

Минатата недела во вторникот, кога рубљата го достигна својот историски максимум, дури и најпопуларните московски кафулиња беа полупразни. Ваква невообичаена слика можеше да се види во Москва само кога се случуваа терористички напади. Единствената разлика е во тоа што московјаните за време на вонредните состојби остануваа дома, а во вторникот тие се растрчаа по продавниците, купувајќи сè што може да им затреба. 

Убавината е секогаш важна 

Во една парфимерија во центарот на Москва имаше многу луѓе. Се чинеше дека луѓето сакаат да ја купат сета козметика што може да им затреба, со цел во што било да ги вложат своите пари кои брзо губат вредност. 

„Во овој период обично имаме многу купувачи зашто е во тек божиќната распродажба, но ова што сега се случува е неверојатно“, вели за „Руска реч на македонски“ Наталија, продавачка во една од московските парфимерија. 

Кои се првите резултати од падот на руската валута?
Поради наглото снижување на курсот на рубљата во однос на доларот и еврото во Русија беше запрена продажбата на странски автомобили, беше замрзнато давањето на нови кредити и беше дури и одложен проектот за изградба на нова мрежа за wi-fi во Москва. Според аналитичарите, речиси е невозможно да се предвидат долгорочните последици за руската економија од снижувањето на рубљата.

Во една продавница за долна облека и за чорапи втрча пијан маж и бараше да му продадат кеса зашто како резерва купил неколку шишиња алкохол, па му било незгодно да ги носи во раце. Во истата продавница продавачката ги советуваше сите што доаѓаа да купат по неколку парчиња долна облека, зашто следниот ден ќе биле 20% поскапи. „Сопственикот на продавницата ми се јави и ми рече утре да ги сменам цените“, тажно раскажува продавачката. „Што може да се стори? Не може да се направат резерви за цел живот“. 

Деновиве во Москва се купуваше и бела техника. Во неколку продавници на големите трговски синџири беше забележан пораст на потрошувачката, а купувачите стоеја во долгите редици. Во продавниците на големиот синџир за техничка стока „МВидео“ немаа време да го сменат ценовникот поради големиот метеж и брзиот пораст на цените. На блоговите се појавија информации дека луѓето кога ја носеле стоката на каса, излегувало дека мораат да платат повеќе зашто продавачите не успеале да ги сменат цените. 

На ѕидот на една школа за танц на танчарите им се нудеа чевли за фламенко, а исто така им се нудеше да платат за часови по танц за следните два месеци, и сето тоа по стара цена. Чевлите за танц се мошне скапи, од 170 до 200 евра, но многу девојки ги пробуваа и доколку најдеа некои што им се точни, ги купуваа без размислување. 

Во прехранбените продавници најбарани беа увозните производи со долг рок на траење, а кои не се произведуваат во Русија, како што се маслиновото масло, чајот и кафето. „Не можам да направам долготрајни резерви, но ова ќе послужи барем извесно време“, изјави еден купувач кој чекаше на ред пред касата, држејќи десет пакувања кафе. 

Сергеј Шевељов, директор на компанијата „Мојчај“, за „Руска реч на македонски“ објаснува дека поскапувањето на чајот е неизбежно и дека некои видови поскапеле. „Тоа нема да биде големо поскапување, а 90% од асортиманот увезен до ноември 2014 воопшто нема да поскапи или цените незначително ќе пораснат“, објаснува Шевељов. „Со испорачателите преговаравме и се потрудивме да ги намалиме дополнителните трошоци. Ова би требало да помогне и да го спречи растот на цените“. 

Руската рубља ги преживеа двата најлоши дена во историјата
На руската рубља во текот на два дена нагло ѝ опадна вредноста во однос на американскиот долар и еврото. На берзата на 15 декември рубљата поевтини за 9% во однос на странските валути, а на берзата на 16 декември падот надмина 24%, што е апсолутен рекорд во целата историја на руската валута. Реагирајќи на падот на рубљата, Централната банка нагло ги поскапи кредитите за компаниите и населението.

Побогатите московјани купуваат станови зашто нивниот капитал во рубли со голема брзина ја губи својата вредност. Во големите компании за недвижнини ПИК, „Мортон“ и „Су-155“ за порталот „Газета.Ru“ велат дека прометот со недвижнини пораснал за 2 до 3 пати. Агентите од овие компании потсетуваат дека поради моменталната економска ситуација се принудени да ја подигнат цената на недвижностите. 

Тешко е да се заменат рубли за девизи 

Во моментот на најголемиот пад на руската валута граѓаните масовно се обидуваа своите рубли да ги заменат за евра или за американски долари, но додека да стасаа до менувачниците рубљата уште повеќе имаше изгубено од својата вредност. „По работа седнав во кола и побрзав во менувачница. Пред да излезам од канцеларијата еврото беше 90 рубли, а во менувачница веќе беше 110. Освен тоа, редицата беше огромна“, вели московјанката Валерија. 

Слична беше ситуацијата и во други градови на Русија. Да кажеме, имаше проблеми со недостиг на девизи во менувачниците. Освен тоа во Уљјановск, Краснодар и Махачкала граѓаните побрзаа кон банкоматите за да ги подигнат своите рубли од платежните картички. 

Во Санкт Петербург беше тешко да се купат девизи во банките, а во оние што имаа девизи на клиентите им се исплаќаа најмногу по пет илјади долари или евра. 

Постојат и поинакви примери. Некои граѓани на Белгород (557 километри од Москва) тврдат дека девизите не ги интересираат. „Денес наминав во банка и таму сè изгледа вообичаено. Во Белгород не постојат пречки поради постојаната промена на курсот на девизите. Нашата област е исклучок. Работата е во тоа што промената на курсот на доларот и на еврото практично не влијае врз цените на прехранбените производи. Освен тоа ние самите произведуваме многу од прехранбените производи“, објаснува Александар Белов од Белгород.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.