Извор: Ројтерс
Почетокот на морскиот дел од гасоводот Јужен тек е одложен за еден месец. Ова го изјави членот на управниот одбор на рускиот гасен монопол „Гаспром“ Владимир Марков, а изјавата ја пренесува рускиот бизнис-весник „РБК-Daily“. Според овој топ-менаџер, првично почетокот на изградбата беше планиран за 15 декември, но овој датум не беше конечен. „Планот за изградба не е изменет. Почетокот на изградбата на морскиот дел ќе започне оваа година, како што беше планирано. Точниот датум зависи од целосната подготвеност на бродот што ќе работи на оваа задача и од времето на неговото пристигнување во руските води“, објаснија за „Руска реч на македонски“ во службата за информации на „Гаспром“. Сепак, според руските експерти, одложувањето може да има многу подлабоки причини.
Зголемување на цената
„Одложувањето може да биде поврзано со недостигот од финансии, со оглед на тоа дека неодамна стана познато оти проектот Јужен тек станал поскап. Во врска со ова компанијата може да се соочи со сложеност при наоѓањето нови средства“, вели доцентот на катедрата за државно регулирање на економијата при Руската академија за народно стопанство и државна администрација Иван Капитонов. Освен тоа, според него, бугарската страна досега нема донесено одлука за дозвола за изградба на гасоводот на своја територија. Затоа сега се поставува прашањето што ќе се случи со проектот по изградбата на подводниот дел, забележува тој. Во август годинава Министерството за економија и енергетика на Бугарија ја запреа реализацијата на проектот со оглед на тоа што Европската комисија смета дека проектот не е во согласност со нормите од Третиот енергетски пакет на ЕУ. Според овие правила, сопственикот на гасовод на територијата на ЕУ не може да биде компанија која воедно е и испорачувач. Гаспром, од своја страна, смета дека забелешките се политички мотивирани. „Девалвацијата на руската валута, затегнатоста помеѓу Русија и европските партнери, промената на конјуктурата на пазарот на „синото“ гориво донесоа корективи во плановите на Гаспром“, се согласува главниот аналитичар на UFS IC Алексеј Козлов. Според него во вакви услови гасниот гигант внесува корекции во своите планови, меѓу другото и за реализацијата еден толку крупен проект како што е Јужен тек.
Кон почетокот на октомври беше обелоденето дека цената на морскиот дел од Јужен тек се зголемила од 10 на 14 милијарди евра, а копнениот дел на територијата на Европа од 6.6 на 9.5 милијарди евра. Целосната сума на проектот може да се спореди со целата EBITDA на „Гаспром“ за 2013 година – 55 милијарди американски долари и е оценета како двапати поскапа од првиот дел на гасоводот „Силата на Сибир“ во Кина. Впрочем, според мислењето на Владимир Марков, дури и ако се земе предвид порастот на чинењето, Јужен тек влегува во параметрите на внатрешната норма на принос која е поставена од страна на „Гаспром“.
Ризици на проектот
„Јужен тек е гасовод со моќност од 63 милијарди кубни метри, кои минуваат низ акваторијата на Црно море. На почетокот се предвидуваше дека транспортот на гасот низ него ќе започне во 2015 година, а целосната проектирана можност на гасоводот ќе биде постигната во 2018 година. Гасоводот ќе поминува низ територијата на Бугарија, Србија, Унгарија, Австрија, Италија и Словенија, а желба за учество во него искажа и Македонија. По отпочнувањето на работа со целата можност, извозот на гас низ цевките на Јужен тек од Русија во Европа ќе изнесува 319 милијарди кубни метри годишно, а доколку не се земе предвид моќност на украинската ГТС, во 2017 година ќе изнесува 176 милијарди кубни метри. На овој начин „Гаспром“ може да задоволи околу 55% од побарувачката за гас на Европа. За споредба, во моментов овој процент изнесува 30.
За првпат во целата историја на проектот министерот за економски развој на Русија Алексеј Уљукаев на 27 ноември не ја исклучи можноста дека проектот може да биде запрен од политички причини. „Јужен тек е начин за избегнување на транзитните ризици за европските потрошувачи, доколку кај европските потрошувачи постои барање за намалување на ризиците, тогаш ќе го изградиме Јужен тек, а доколку не постои, тогаш нема да го градиме“, изјави тој за информациската агенција РИА Новости. Сепак, според министерот, во случај на блокирање на проектот од страна на Европската комисија, ризикот за нарушување на гаранциите за испорака на гас во целост лежи кај Европската Унија.
Впрочем, според експертите, во последно време постојат подобрувања во врска со судбината на проектот. „Сепак ситуацијата безусловно се менува на подобро. Станува збор за тоа дека унгарската страна веќе се одлучи за изградба на својата територија, а Европската Унија сфаќа дека засега не постои алтернатива за Јужен тек“, вели Иван Капитонов. Според него без постоењето на овој проект ќе биде мошне тешко да се обезбеди Европа со гас во услови на нестабилност во Украина. Тоа значи дека во интерес на Европската Унија е изградбата на гасоводот да продолжи во најкус рок, со цел Јужен тек да почне да работи назима следната година, додава Капитонов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче