Што појужно, тоа потажно

Извор: Getty Images / Fotobank.

Извор: Getty Images / Fotobank.

Независно од политичките ориентации, енергетската безбедност од рускиот гас, е значајна за Република Македонија.

За време на тукушто завршените локални избори, најчесто споменуваниот проект кој го ветуваат, речиси без исклучок, сите потенцијални градоначалници, без оглед на политичката или етничката провениенција, беше гасификацијата на општините. Одредени политички аналитичари на помалку сатиричен начин дури правеа и црн хумор на оваа тема, секако, презентирајќи ја во инаква конотација. Но, ако се исклучи таквиот пристап и на гасификацијата се погледне низ сериозната призма на решавање на важен енергетски проблем, тогаш веднаш се наметнува темата за македонско-руските односи и за (не)вклученоста на Република Македонија во регионалниот проект наречен „Јужен поток“. Во поранешна Југославија, постоеше една изрека која на хумористичен начин ја одразуваше економско-социјалната слика и разликите кои постоеја меѓу тогашните републики, а која гласеше „што појужно, тоа потажно“. Ако денес се погледне положбата на Република Македонија на мапата која го покажува „Јужниот поток“, работата станува уште потажна. Дури и проект кој во себе носи атрибут „јужен“ ја заобиколува оваа мала држава, а засега само се разговара околу можностите за отворање на еден крак кој барем би го олеснил дотекот на природен гас до земјата, а со тоа би се олеснила не само дистрибуцијата, туку и цената на чинење.

Во поранешна Југославија, постоеше една изрека која на хумористичен начин ја одразуваше економско-социјалната слика и разликите кои постоеја меѓу тогашните републики, а која гласеше „што појужно, тоа потажно“. Ако денес се погледне положбата на Република Македонија на мапата која го покажува „Јужниот поток“, работата станува уште потажна. 

Ова не е прв пат, Република Македонија да се понадева дека конечно некој голем меѓународен гасовод ќе мине низ нејзината територија и дека таа од тоа ќе има конкретна полза. Во внатрешната сложувалка на комплексни меѓуетнички односи, своевремено, постоеше дури и натегање низ чија „етничка“ територија би минувал гасоводот, со што евентуално при идна делба, соодветната „страна“ би била во предност. Но, по правило, се досега земјата останува со кратки ракави и изневерени надежи. За волја на вистината, надежта најчесто беше поврзана со западните земји и компании, како нешто што по една мејнстрим логика би ребало да кореспондира со стратешката ориентација кон полноправно членство кон НАТО и ЕУ. Со други зборови, ако веќе постои политичка, воена и економска зависност (или партнерство, сеедно како ќе се именува тој однос), тогаш во пакетот би се вклопила и енергетската. Во моментов, во регионот на Балканот сепак остана како единствена реална алтернатива „Јужниот поток“, што веќе ја изместува „равенката“ градена со години. Но, земјите од овој регион, без оглед на другите декларирани стратегиски цели, сега веќе почнуваат да сфаќаат дека енергетската безбедност е онаа која добива се повеќе на тежина, за сметка на традиционалното сфаќање на безбедноста низ нејзината воена и политичка димензија. Но, Република Македонија заостанува дури и во оваа смисла: без агресивна политика и визија што со енергетската безбедност и алтернативите за иднината? При тоа, досегашниот тек на проектот „Јужен поток“ јасно покажува дека Македонија не е она што била, или поточно - она што таа секогаш верувала дека е! Имено, како непишано правило, сите македонски аналитичари и експерти со сигурност ќе ви зборуваат за централната и круцијална геополитичка и геостратешка позиција на земјата, како нејзина голема предност која ја прави неодминлива во сите поголеми проекции на големите сили. Но, како течат нештата, Македонија станува „слепо црево“, сега дури и во контекст на енергетските проекции.

Досегашниот тек на проектот „Јужен поток“ јасно покажува дека Македонија не е она што била, или поточно - она што таа секогаш верувала дека е! 

Наједноставно, сега, би било да се рече дека Руската Федерација и „Гаспром“ не прават доволно за да ја интегрираат Македонија на својата мапа на интерес, со што и неа би и помогнале на повеќе начини. Критичарите ќе речат дека Русија никогаш не била живо заинтересирана за судбината на Македонија и дека е таа „сираче“ не само во меѓународната заедница, туку и во пансловенскиот свет. Најдобар доказ би било токму ова заобиколување. Но, посериозната анализа би ги открила слабостите на македонска страна: не само што станува збор за земја со микро територија и реално мал пазар за природен гас, туку и со држава со слаб административен капацитет, длабоки политички и етнички тензии, па и со поделени афинитети во однос на евентуалните моќни сојузници (албанскиот дел од популацијата е најлојален во однос на САД од било која друга балканска популација и во случај на избор на „страната“, би бил отежнувачки фактор).

Според Сергеј Икоников, претставникот на „Газпромекспорт“ во Македонија, земјата е „реален и потенцијален партнер“, иако се уште нема потпишано договор со Русија. 

Но, работите не се така црни. Преговорите во однос на гасоводот „Јужен поток“ се во тек, и според Сергеј Икоников, претставникот на „Газпромекспорт“ во Македонија, земјата е „реален и потенцијален партнер“, иако се уште нема потпишано договор со Русија. Осврнувајќи се на руско-македонската соработка во областа на гасот, тој нагласи, дека вклучувањето на Македонија во „Јужен поток“ е логично и неопходно. Дали е овој проект логичен (односно, исплатлив) од економски аспект е една работа, но за Македонија енергетската одржливост е секако неопходна. За тоа треба повеќе напори и од македонска страна во насока на лобирање во Москва и придобивање на своја страна. Од друга страна, пред еден месец стаса веста дека Грција (уште појужно и потажно од Македонија) е исклучена од „Јужен поток“ заради нерентабилност. Според анализите на руската страна, побарувачката на грчкиот пазар не може да ги покрие трошоците за инвестицијата. Изградба на гасовод од политичка „љубов“ со прогноза дека ќе биде празен е сосема очекувано сценарио. Во свет во кој државите, па и меѓудржавните односи имаат помала тежина, од односите дефинирани од профитот и корпорациите, е сосема јасно дека и во случајот на „Јужен поток“, цел на проектот се само пазари кои се во состојба да понудат значајна потрошувачка. Македонија, па и нејзините градоначалници кои ветуваат гасификација, пред себе имаат голем предизвик: едукација на потенциојалните корисници, јасна финансиска пресметка, разбивање на стравовите од новото, решавање на сите правни и административни проблеми, но и развивање на пазар (економија и производство) кој ќе креираат „значајна потрошувачка“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.