Русија: се уште terra incognita?

Претставата за Русија во светот често има евтин карактер. Фото: ИТАР-ТАСС.

Претставата за Русија во светот често има евтин карактер. Фото: ИТАР-ТАСС.

Колку и каква Русија знаеме ние македонците? Дали нашата перцепција за Русија отсекогаш била искривена: во времето на Југославија - од Информбирото, во независна Македонија - од Западот? Но едно е сигурно: потреба од запознавање и зближување има.

Ова е мојот прв текст од, се надевам, една подолга серија на есеи и размислувања за Русија, за македонско-руските (или ако милувате, руско-македонските) односи, но и за регионалната балканска перспектива за и од Русија. Кога за прв пат ми пријдоа со оваа покана да пишувам на блогот на „Рускаја газета“, чувствата беа мешани: како на универзитетски професор, кој е истовремено и јавен интелектуалец и долгогодишен колумнист, не само во Македонија, туку и во регионот, оваа понуда звучеше интересно и ласкаво. Првата мисла беше дека ќе биде предизвикувачки и инаков интелектуален потфат, кој ќе ме натера да ги проширам првенствено своите хоризонти, а потоа и тие на моите македонски читатели. Со други зборови, не е тајна дека новината е во свртување на фокусот во обратна насока од вообичаената - од Запад кон Исток. Тоа, секако, не значи дефокусирање, туку отворање на умот, интересот и перцепциите за она што досега за нас претставуваше нешто како „темната страна на Месечината“. Но, откако прифатив и почнав активно да размислувам за овој ангажман, ме обзема втората дилема: а колку јас реално знам за оваа голема земја, за нејзиниот народ, култура, обичаи, убавини и слично? Дали сум јас воопшто соодветен контрибутор за ваков интелектуален потфат? Причината заради која останав на одлуката да пишувам за „Руска реч“ веројатно лежи во мојот карактер: непотклекнување пред, па дури и радување заради предизвици, особено од такви од кои и самата ќе се збогатам и од кои ќе научам. Другата објективна причина е што реално во Македонија не постојат многу познавачи на руско-македонските односи, особено актуелните, а и тие кои постојат не е сигурно дека би сакале да се експонираат на ваков начин.

Веројатно, ова е вистинското место да се проговори и за една работа која најчесто ја премолчуваме, а која останува на ниво на шепот. Отворено признавам дека и јас која себе се сметам за интелектуалец со слободен и отворен ум, и која отсекогаш се бунтувала против западните мантри за тоа дека “нема друга алтернатива“ (There Is No Alternative, TINA принцип) за она што доаѓа од таму, не ја избегна замката. Нешто на што требав да си одговорам пред да ја прифатам оваа можност е содржано во прашањето: како на овој мој ангажман ќе реагираат моите колеги-интелектуалци, па и пошироката јавност? Всушност, одговорот инстинктивно го знам... Во општество кое е длабоко поларизирано, и поделено по политичка и по етничка основа, и во кое најтешка клетва и етикета за интелектуалец е да го оквалификуваат како анти-американски елемент и евроскептик, пишувањето за ваква едиција ќе биде примено како „крунски доказ“ дека тој е назаден елемент, кој не и сака добро на земјата, па уште можеби е и дел на некаква завера која настојува да ја оттргне државата од зоната во која така „природно“ припаѓа. Можеби на некој од надвор ова и нема да му биде сосема јасно, ама последниве години се може да биде повод за дисквалификација и поларизација. Во земја која од 1991 година е свртена исклучиво кон Запад (НАТО, ЕУ интеграции, сојузништво со САД во сите негови авантуристички воени мисии), за политички коректно се смета секој обид за промовирање исклучиво на прашања и агенди, кои се во функција на стратегиските цели на Република Македонија. Дури и кога највисоките државни функционери ќе склучат меѓудржавни договори или направат официјална посета на земја од другата страна на светот, тоа се дочекува со подигнати веѓи и со резерви. Почнуваат шепотења: дали Македонија го напушта зацртаниот пат кон Брисел (центарот на нашиот мал свет)?

Причината за нашата затвореност и скепса треба да се бара кај нас, и само кај нас самите. Не е за тоа виновен никој од Вашингтон или Брисел - напротив, нивните врски со Руската Федерација се развиени и на нив се гледа како на нешто значајно од геостратегиски, геополитички и економски интерес. Ние се однесуваме како вазалско општество кое се плаши и да погледне на другата страна. Понекогаш имам чувство дека ако во бивша Југославија ја имавме слободата на некој кој не припаѓа никому, па Студената војна и нејзиниот поларитет не ги чувствувавме на своја кожа, таа парадигма си ја наметнавме како јарем сега кога светот престана да биде поделен на Запад и Исток. Станува збор и за стереотипи кои на еден или друг начин ги цементираме во својата свест: Запад е синоним на демократија, развој, благосостојба и наше безбедно прибежиште! Обратно, Истокот (вклучувајчи ја, секако, и Русија) е за нас не само terra incognita (непозната земја), туку и земја во која живеат „змејови“ (според латинската изрека hic svnt dracones). Непознатото носи страв и предрасуди. Тоа отсекогаш било така. Логичко е да се постави прашањето: како е можно западната култура, особено американската, да се чувствува како блиска и своја, иако 80% од населението (моја претпоставка) никогаш и не стапнало на тлото на САД, па дури и на некоја земја-членка на ЕУ, која не е во соседството? Одговорот е евидентен: глобализацијата во сите нејзини појавни форми има предоминантно американска форма, па од Мекдоналдс, до модните трендови, филмски и музички постигнувања ни се сервираат секојдневно, па имаме чувство дека тие таму се „наши“.   

Мојата генерација (1959), порасна и созреа во поранешната СФР Југославија, и веројатно пред да го види крвавиот крај, таа го доживеа и нејзиното златно доба. Она што ни се презентираше како светоглед беше дека ние („Југословените“ и нашата татковина Југославија) сме тие кои сме уникатни, неповторливи, најбогати, најдобри и единствени! Ние бевме тие кои чекореа по својот специфичен пат на општествено самоуправување, со вонблоковска позиција и надворешно-политичка ориентација наречена неврзаност, бевме најубавата и најбогатата земја помеѓу двата Титана, на кои гордо и одлучно им опониравме. Тоа беа бајките од моето детство и младост. Тие беа зашеќерени и уште послатки, заради еден факт: по секоја посета на соседните земји од „источниот блок“, а за нас во Македонија - на Бугарија, беше „доказ“ дека сетоа тоа е вистина. Додека таму се живееше со низок животен стандард, а луѓето не секогаш имаа пасоши со кои можеа да патуваат слободно, ние бевме „Америка“ и за нив и за себе. Тоа чувство на надменост, ароганција и самобендисаност, по колапсот од 1991 (па и пред него со заострувањето на економската и општествената криза), беше заменето со разочарување, гнев, дезориентација каква што настанува по секоја шок-терапија. Не помина многу, кога сламката за спас се виде во развиентиот Запад, како антипод на се што инаку потсетуваше на социјализам/комунизам и многу други нешта кои станаа ерес кој треба што побргу да се елиминира и од стварноста и од свеста. 

Еве ме, речиси 22 години, по распадот на Југославија, како живеам во независна Македонија, а не многу работи се сменија во односите спрема Русија. Таа беше и остана далечна земја. Верувате ли дека јас никогаш не сум била во Русија, а во еден подолг период патував и по неколку пати „преку барата“, на разни академски и други настани во САД, а за западна Европа и да не говорам? Се што знам за Русија се некои работи од детството, и она што сега преку медиумите и публикациите можам да го дознаам, но и од попатни средби со колеги од руската академска заедница со кои дебатираме во некои туѓи земји. Како Македонка, веројатно го делам она општо уверување дека Русија била прибежиште и времена татковина на голем број наши културни дејци, но никогаш не застанала на страна на борците за решавање на Македонското прашање во Гледстоновата смисла „Македонија на Македонците“. Секој од нас знае дека најубавата поетска творба напишана на наш јазик е токму „Т‘га за југ“, создадена во Петроград, мрачен и окован во студ, онака како што го доживеал поетот, полн со носталгија кон својата сончева земја, Охрид и Струга. Во историските читанки на мојата генерација клучен момент во односите со Русија (односно тогашниот СССР) беше кризата со Информбирото (1948 година), откога таа ни стана уште подалечна. Всушност, од тоа време највпечатливи ми се спомените за легендарните кошаркарски дуели меѓу репрезентациите на Југославија и СССР. Каква само среќа предизвикуваа бравурите на Славниќ и Киќановиќ на светското првенство во кое славевме над една супер-сила. Деновиве, додека го следев ракометниот натпревар меѓу Русија и Македонија, оваа мисла ми дојде на ум. Колку само се сменија нештата! Македонија е толку мала и безначајна точка на светската карта, а игра рамноправно со една Русија.

Да го заклучам овој мој прв текст со основната порака: најчесто цитираната изјава на Жан Моне е онаа дека европската интеграција се однесува не на поврзување на државите, туку на народите/луѓето. Денешната ЕУ е далеку од овој идеал, бидејќи се чини дека најуспешна е во поврзувањето на капиталот и корпорациите. Но, друга ми е поентата. Не е потребна институционализирана и бирократизирана структура за да луѓето се поврзат и почнат да се препознаваат како човечки суштества, кои најчесто споделуваат исти потреби, желби и соништа. Искрено, како што не сум вљубеник во Западот и неговите преценти вредности, не се препознавам ни како русофил или панславист. Но, верувам дека живееме во свет кој е наш заеднички дом, а дека во 21 век, во услови на глобализација треба да се искористат сите можности за поблиско запознавање на народите. За да се запознаеме потребно е да тргнеме од деконструкција на стереотипите и вградените претстави за нешто што не сме го запознале затоа што не сме имале можност за тоа. Моето познавање на Русија е најголемо во делот на она што оваа земја го има оставено како цивилизациско наследство во својата блескава литература и поезија. Што се однесува до моите колеги од научните средини, од кои некои ми се и лични пријатели, во контактите со нив согледав дека имаме многу заеднички теми, а дека со својот луциден ум и елоквенција не заостануваат зад западните колеги, и дека од нив можам да научам многу. И јас и моите студенти... Од гледање само кон една страна на светот, може да настане деформација на вратните пршлени, но и во светогледот. Отворањето на умот, срцето, и сите сетила е вистинскиот начин да видиме дека не живееме ниту во црно-бел свет, ниту пак судбината ни се наоѓа таму некаде. Секој со својата судбина каде што живее, ама и со заедничката судбина како човечки род... Како да дојдеме до тоа, како да се запознаеме, кои се можностите, кои се пречките, тоа се задачите за размислување за наредните текстови. Без розеви очила, ама и без затемнети, ќе чекориме заедно, во едно возбудливо патување кон една огромна, неистражена земја, која во себе не крие демони, туку луѓе слични на нас овде...

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.