- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Ехо на руската книжевна класика
Сценариото за филмот го напишаа браќата Стругацки по мотивите на нивната фантастична приказна „Пикник покрај патот“. Со години се сметаше дека нивните дела полни со најразлични значења не се соодветни за филмски формат и екранизација. Но, сè се промени кога за проектот се заинтересира Андреј Тарковски, во тоа време веќе познат, автентичен режисер кој не ја сакаше научната фантастика. Овој филмски волшебник ја претпочиташе класичната руска литература, па во голема мера ги промени фабулата и ликовите во приказната. Фантазијата се претвори во филозофска парабола за опасните желби.
На крај филмот ја доби Специјалната награда на жирито на Канскиот филмски фестивал во 1980 година (прикажан вон натпреварувачката програма), полнејќи ги кино-салите во Америка, Франција и Германија. „Сталкер“ постигна голем успех и го воведе Тарковски во рангот на познатите филмски режисери од тоа време.
2. Поместување во филмскиот јазик
Филмот е сниман во близина на Талин во Естонската ССР, но првично беше планирано тоа да биде во градот Исфари во денешен Таџикистан. Ненадеен земјотрес во регионот ги промени плановите на филмската екипа, но најверојатно го поттурна и визуелниот развој на научната фантастика.
Иако „Одисеја во вселената“ му го откри на светот филмскиот универзум, „Сталкер“ го направи тоа со сиво-зелената пост-апокалипса. Во филмот цивилизацијата неповратно се повлече, оставајќи ја зад себе зоната на исклучување, опасно место каде одат ликовите во филмот.
Тоа е простор полн со замки и загатки, кој не е ни најмалку непријатно да се погледне, како, на пример, градот на почетокот на филмот, кој Тарковски намерно го прикажува со грди жолто-сиви тонови. Зелените пејзажи обраснати со мов, далноводи и водопади, природата во зоната како да подивеела и ја вратила својата првобитна убавина. Визуелниот пристап му помогна на режисерот да создаде слика за зоната како неспоредливо, речиси магично место.
Меѓутоа, тоа не беше лесно. Според некои сведоштва од снимањето, Тарковски речиси манијакално контролирал сé во текот на работата. Вклучувајќи ја и бојата и должината на тревата во кадарот.
3. Најдобар филм за запознавање со творештвото на класикот
„За овој филм се подготвував цел живот, а го снимав две години“, зборуваше Тарковски за исцрпувачката работа на филмот. И навистина, „Сталкер“ не беше само последниот филм што го сними во татковината, туку и врв на неговиот творечки пат.
Во текот на целата кариера на Тарковски го тангираше потрагата по трансцендентното или смислата на животот. Во своите остварувања тој поставуваше прашања за Бог и за местото на човекот во светот. Во „Сталкер“ на проблемот се гледа низ призмата на верата.
Тарковски исто така остана ненадминат и запаметен во врска со неговата друга особеност, љубовта кон бавниот, сосема неспоредлив ритам. Минимум монтажни резови, монолози на јунаците на фонот на пејзажот, долги паузи без зборови.
Медитативното раскажување на Тарковски е добро објаснето од американскиот критичар Роџер Еберт. Според него, долгите кадри на советскиот режисер немаат задача да забавуваат, туку да го апсорбираат гледачот.
4. Во кинематографијата „Сталкер“ се цитира и денес
Алузиите на „Сталкер“ може да се најдат во широк опсег. Некој се обидува да го повтори медитативното раскажување, други речиси целосно го позајмуваат дејствието на филмот. Ова го направија, на пример, авторите на филмот „Уништување“ од 2018 година со Натали Портман во главната улога.
Влијанието на „Сталкер“ и уметничкиот пристап на Тарковски е повеќе од присутно и надвор од филмската уметност. Да ги споменеме само истоимената видеоигра или серијата „Чернобил“. Самиот амбиент на постапокалипсата би бил сосема поинаков доколку Тарковски детално не ја осмисли опасната, сиво-зелена зона во естонската недојдија.
5. Филмот кој ја предвиде катастрофата и стана негов симбол
Шест години по премиерата се случи една од најстрашните трагедии на просторот на Советскиот Сојуз, хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил. Во широк круг околу местото на катастрофата ќе биде воведена зона на исклучување, каде што подоцна ќе почнат да доаѓаат сталкери во потрага по чудни работи и обиколки, исто како во филмот.
Книгата на браќата Стругацки и филмот на Тарковски не само што послужија за опишување на специфичниот свет по трагедијата, туку и ги предвидоа пејзажите на зоната што настана по катастрофата во 1986 година и сето она што таа го носи со себе.
Чернобилската катастрофа стана симбол на завршниот период на СССР и паралелно го регистрираше „Сталкер“ како негова главна рефлексија во светот на филмот.