По смртта на Сталин, во СССР дојде до таканареченото затоплување, либерализација на општествениот и политичкиот живот, а во филмот повторно стана возможен авторскиот израз. Се појави цела плејада режисери кои беа наречени советски нов бран. Сите тие дипломираа на ВГИК, првата на светот филмска школа, и се доживуваа себеси како припадници на светската кинематографија.
Тарковски, еден од најзначајните режисери на советскиот нов бран, не е само најпознатиот, туку и неговиот најнеобичен претставник. Во своите дела тој создаде препознатлив визуелен стил, а неговите упорни религиозно-морални трагања беа крајно невообичаени за советската кинематографија. На неговиот споменик на гробиштата во Сен Женевјев де Буа во близина на Париз е изгравирано „На човекот кој виде ангел“.
Арсениј Тарковски, 1975.
Владимир Богданов / МАММ / МДФ / Russia in photoАрсениј Тарковски долго време беше познат како преведувач на ориентална поезија, а својата прва стихозбирка ја објави на 55-годишна возраст. Денес се смета за еден од најголемите повоени поети. Тарковски постариот имал комплициран однос со синот, бидејќи тој го напуштил семејството кога Андреј бил дете. Филмот „Огледало“ е базиран на тие спомени од детството.
Славниот режисер ја ценел поетската дарба на својот татко и ги користел неговите песни во три свои филмови. Една од нив е „Еве и летото помина“, на чии стихови за време на перестројката беше компонирана музика и беше хит. Во „Сталкер“ стиховите ги рецитира Александар Кајдановски, кој ја игра главната улога.
Светски познат стана уште како 30-годишник, кога во 1962 година сензационално го освои венецијанскиот „Златен лав“ со филмот „Ивановото детство“, воена драма за момче кое станува извидник. Овој филм почна да го снима друг режисер, но снимањето пропадна. Тарковски, во соработка со коавторот, го преработи сценариото и го сними повторно целиот материјал. По иронија на судбината, оваа награда ќе остане најголемото признание во неговата кариера. Советските власти не му дозволуваа да учествува со своите филмови во натпреварувачките програми на фестивалите.
Целиот творечки период од животот на режисерот протече во знак на борба против цензурата. Неговите сценарија не беа реализирани или беа поправани и ставани во бункер. За време на својата дваесетгодишна кариера во СССР, сними само шест играни филмови. На крајот емигрираше, но во странство сними само еден филм, „Жртвување“ (1986). Почина од рак на белите дробови во Париз на 54-годишна возраст.
Во тоа време, колку и да изгледа чудно, нему му беше дозволувано она што на другите не им беше. Ниту функционерите не можеа целосно да го игнорираат неговиот талент. По успехот на „Ивановото детство“, довчерашниот дебитант доби можност да го сними „Андреј Рубљов“ (1966), исклучително скап, голем филм за познатиот руски иконописец со нејасни изгледи за комерцијален успех. Поради техничка грешка и креативни проблеми, снимањето на „Сталкер“ беше два пати прекинувано, меѓутоа Тарковски доби буџет за третиот обид, што е пример без преседан (филмот беше прикажан во 1979 година).
Тарковски во младоста паднал во лошо друштво, па мајка му го испратила една година во геолошка експедиција. Еднаш во текот на ноќта во колибата слушнал загадочен глас кој двапати му повторил да ја напушти колибата. Кога Тарковски го послушал и излегол, врз неговото засолниште паднал стар бор и ја разнел колибата на парчиња. Режисерот почнал да верува во претсказанија, се интересирал за паранормални психички феномени, комуницирал со јасновидците, а темата хипноза и екстрасензорна перцепција најде место во неговите филмови.
Соларис (1972) на Тарковски е познат како класика на научнофантастичниот жанр. Меѓутоа, полскиот писател Станислав Лем, кој ја измисли планетата-океан, беше непријателски настроен кон филмот, поради промената на тежиштето. „Тарковски не го сними „Соларис“, туку „Злосторство и казна“, забележа тој. Сепак, филмот несомнено придонесе за популаризација на книгата. Џејмс Камерон долго време сонувал да сними своја верзија, а Стивен Содерберг ја снимил.
Во „Сталкер“ Тарковски уште повеќе се оддалечи од изворниот текст - романот „Пикник крај патот“ на браќата Стругацки, но тие не се лутеа затоа што и самите напишаа неколку верзии на сценариото. Тие во Америка 2016 година се обидоа да снимаат серија базирана на текстот, но проектот заврши со пилот-епизодата. Минатата година во Јапонија беше емитувана аниме серијата во 12 продолженија Otherside Picnic, инспирирана од рускиот роман.
Тарковски беше исклучително изискувачки спрема себе и своето опкружување, особено спрема колегите од струката. Неговите дневници се полни со пејоративни оценки за творештвото на советските и светски режисери, од Стенли Кјубрик до Вуди Ален. Не му беше ни најмалку непријатно лично да каже многу работи. Кога Ларс фон Трир, голем почитувач на Тарковски му го покажа на филмот „Елементи на злосторство“ на својот идол, тој без двоумење го нарече „апсолутно ср...“
Ингмар Бергман му беше пример на Тарковски. Во исто време, чувството на восхит и почит беше взаемно. Шведскиот класик го карактеризира рускиот режисер како голем мајстор на седмата уметност. Работејќи на своето последно ремек дело „Жртвување“, Тарковски ја ангажираше целата екипа на Бергман, од главниот толкувач на главната улога Ерланд Јозефсон до администраторот. Дури сакаше и да снима на островот Фаро, каде што Бергман живееше и ги снимаше филмовите, но поради близината на воена база не доби дозвола, па запре на блискиот остров Готланд.
Најинтересно е што Бергман и Тарковски всушност никогаш не се ни сретнаа лично. Сепак, еднаш се најдоа на исто место во исто време, во киното во Стокхолм, но се разминаа.
Александар Кајдановски во улогата на Сталкер
Russian Look/Global Look PressРакописот и стилот на Андреј Тарковски со сите тие долги, развлечени кадри, како сновиденија, се апсолутно препознатливи. Во Оксфордскиот речник постои дури и збор tarkovskian - „отприлика во манирот на Тарковски“. Многу режисери ширум светот навистина го развиваат неговиот филмски јазик во своите остварувања. Така е, меѓу другото, и во Русија. Само од снимањето на „Сталкер“ излегоа двајца режисери, блиски по дух и стил на големиот уметник. Станува збор за Александар Кајдановски (го играше Сталкер) и Константин Лопушански (беше стажант на снимањето).
Освен тоа, терминот „наследник на Тарковски“ може да се смета за преодна титула со која се оддава признание на секоја нова ѕвезда на авторскиот филм во Русија, без разлика дали споменатиот режисер фактички е тоа. Со овој епитет се закитија и Александар Сокуров и Андреј Звјагинцев. Вистина, и двајцата беа победници на Венецискиот фестивал.
Според мотивите на „Сталкер“ настана истоимена серија на survival horror компјутерски игри. На влијанието на Тарковски повеќе пати укажуваше јапонскиот дизајнер на игри Хидео Коџима, авторот на Metal Gear и Death Stranding. Голем поклоник на рускиот режисер остана и Оши Мамору, креаторот на аниме франшизата „Дух во оклоп“ (Ghost in a Shell) (во стилот на Тарковски е особено неговиот игран филм „Авалон“). Во двете аниме-серии Moonlight Mile и Blue Dragon: Tenkai no Shichi Ryuu, има ликови со презимето Тарковски.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче