- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Адреса: Кутузовски проспект 2/1
Година на изградба: 1953–1957.
Што има во зградата: хотел Radisson Royal Hotel Moscow, два станбени блока
Како настана зградата?

Sergei Bobylev / TASS
Со оглед на тоа што „Украина“ е изградена последна во серијата облакодери, инженерите и архитектите ги зедоа предвид сите претходни грешки при проектирањето. Меѓутоа, сепак беа принудени да прибегнат кон разни лукавства за да избегнат катастрофални последици.
Се работи за тоа дека местото на изградба некогаш беше предградие во кое имаше само бараки, а теренот за изградба беше мочуриште во кое ископаните јами за темелите веднаш се полнеа со вода. Меѓутоа, Сталин не се оптоваруваше со такви детали, тој сакаше проектот да се реализира што е можно поскоро. Покрај тоа, сметаше дека изградбата на новиот реон треба да започне токму со такво величествено здание како што е облакодерот.

Sputnik
За основа е земен проектот на Аркадиј Мордвинов, Вјачеслав Олтаржевски и Павел Красиљников. Првите двајца веќе имаа големо искуство и авторитет. Мордовинов веќе градеше згради на улицата „Тверскаја“ ( главната улица во Москва), на Лениновиот и Комсомолскиот проспект, а Олтажревски работеше на првиот проект на ВДНХ (вистина, проектот беше откажан, а архитектот беше протеран на северот на земјата).
Зошто изгледа така?
И. Астров / Sputnik
Зградата во стилот на сталинскиот ампир е висока 206 метри, од кои 73 метри е шилецот на врвот. Еден од авторите на проектот, Олтаржевски, велеше дека тоа е „споменик на величественоста на Сталиновата епоха“. Тоа се рефлектираше буквално во сѐ: од архитектонскиот стил со неговата масивност и големиот број декоративни елементи до користење на најскапите материјали: гранит, мермер и керамички плочки.
Владимир Астапкович / Sputnik
Александр Зеликов / TASS
Името на хотелот потекна од Хрушчов по почетокот на изградбата. По повод одбележувањето на обединувањето на Русија и Украина, првиот секретар на ЦК КПСС одлучи да им го подари на соседите полуостровот Крим, а како шлаг на тортата, на најпрестижниот хотел во главниот град му го даде името Украина.
Како во „Украина“ престојуваа рок-музичари
Не беше резервиран целиот облакодер за хотел. Страничните блокови беа опремени како станови (255 од нив). Иако токму хотелот беше тој што ја прослави зградата низ целиот свет.
Анатолиj Гаранин / Sputnik
При отворањето во 1957 година хотелот беше најголемиот во Европа со 1026 соби. Првично беше наменет пред сé за странци. Зградата содржеше сé што може да им притреба на туристите: телеграф, сефови и продавници. На првиот кат имаше зимска градина со фонтана, а на највисоките катови кафе-ресторан за гостите со панорамски поглед на градот. Во „Украина“ престојуваа само најугледните гости на земјата, додека обичните граѓани немаа шанса да се сместат таму.
Ja. Гољдин / Sputnik
Еден од најпознатите настани во историјата на „Украина“ беше престојот на учесниците на Московскиот меѓународен фестивал на мирот во 1989 година. Меѓу неговите станари тогаш се најдоа рок-музичарите Бон Џови, Синдерела, Мотли Кру, Ози Озборн. Но, нивните впечатоци не беа толку позитивни како што можеби беа на прв поглед. Она што за советскиот народ беше „раскош“, западните гости воопшто не ги воодушеви.
Џон Бон Џови дури го опиша своето искуство во својот дневник, наведувајќи дека според американските стандарди „Украина“, која имала четири ѕвезди, би била само мотел без ѕвезди.
Владимир Астапкович
„Имав повеќе среќа од другите: мојата соба имаше топла вода, завеса за тушот и најмногу две-три пријателски настроени лебарки. Но, во Њујорк, мојот вдлабнат душек повеќе не би бил погоден за употреба“.
Зошто ова беше последниот од Сталиновите облакодери?
Според првичниот план на Сталин, во Москва требаше да бидат подигнати осум, а не седум облакодери. Меѓу народот се зборуваше дека самиот град не дозволил да се изгради осмата зграда, бидејќи според преданието Москва е позната како градот на седумте ридови (што всушност не е точно, како што објаснивме во нашиот текст). Излегува дека за осмиот облакодер едноставно немало место.
Сепак, вистината е значително попрозаична. Амбициозниот проект од осум облакодери како симбол на Сталиновата епоха не му требаше на никого освен на самиот Сталин. А со оглед на тоа дека интензивната изградба на „Украина“ започна во годината на неговата смрт (1953), осмиот облакодер повеќе не се споменуваше. Никита Хрушчов, првиот секретар на ЦК КПСС и наследник на Сталин, не беше воодушевен од архитектонските амбиции на својот претходник, објавувајќи му војна на „сталинскиот стил“ и заменувајќи го монументализмот со функционализам. Во архитектурата, како и во другите сфери, функционалноста зеде примат, додека сé што е излишно и луксузно беше прогласено за кич.
Најновата историја на хотелот
Alexander Chumichev / TASS
Првиот обид да се привлечат приватни инвеститори во хотелот следеше во 1997 година. Московските власти склучија договор со швајцарската компанија First Hotel Service Management, но оваа соработка доведе само до мали козметички поправки и чистење на фасадата.
До порадикални промени дојде кога целиот хотел беше купен од приватник за 7 милијарди рубли. Набргу потоа започна реновирањето. Бројот на соби беше преполовен (на 505), но беше задржан историскиот изглед на многу заеднички простории и холови, вклучувајќи ги 1200 слики од советски уметници.
Екатерина Чеснокова / Sputnik
Хотелот официјално стана дел од синџирот „Радисон“, но сопствениците формално го задржаа старото име. Денес, минималната цена за ноќевање во хотел е 13500 рубли (околу 132 евра). Секој заинтересиран може да ја посети зградата под услов да земе соба во хотелот или да посети еден од неговите ресторани.
Во зградата се продаваат и станови. Просечната цена на стан во оваа историска зграда е околу 152 милиони рубли (околу еден и пол милиони евра).