Легендарните облакодери на Москва: Зградата на МНР, технолошко чудо со „опасен“ украс

Legion Media
Што во оваа зграда е прогласенo за „споменик на Сталиновата глупост“ ? Зошто зградата има „сценографски“ шилец? И зошто е градена одозгора надолу? Ова се најинтересните податоци за зградата на руското Министерство за надворешни работи.

Адреса: Смоленско-сени плоштад 32/34. Најблиска станица на метрото: „Смоленскаја“

Година на изградба: 1948-1953.

Што се наоѓа во зградата: Министерството за надворешни работи на Русија, неговите канцеларии, сали за конференции, музеј на дипломатијата и огромен архив

Познатите „Сталинови облакодери“ се градени како архитектонски бисер на Москва. За жал, проектот не е доведен до логичен завршеток и наместо осум, изградени се седум облакодери. Еден од нив е зградата на Министерството за надворешни работи со 26 ката кое се наоѓа на кружниот систем улици познат како „Садов прстен“(Садовое кольцо).

Како настанала зградата?

Темелите за зградата на МНР поставени се истовремено со другите облакодери – 7 септември 1947 година, на годишнината од основањето на руската престолнина. Веднаш било решено зградата на биде седиште на МНР.

Една од основните специфичности на оваа зграда е самиот метод на градење. По поставувањето на темелите и на металниот костур, зградата не се градела оздола нагоре, но озгора надолу. Имено, бетонирањето на носечкиот костур започнало од горните катови, на височина од 172 метри, и како што се сушел бетонот, се бетонирал кат по кат надолу.

Тоа била напредна технологија. Во СССР претходно не се градело така. Таа овозможила изградбата во стариот дел на градот да се реализира во крајно стеснети услови, кадешто не можело да се смести вообичаеното градилиште со гломазни дигалки. Во случајот со облакодерот на МНР дигалките биле поставени на самиот покрив, не заземајќи на тој начин простор на земјата.

Проектот го осмислиле двајца архитекти: Владимир Гељфрејхом и Михаил Минкус, кои за него добиле Сталинова награда. Изградбата траела само пет години, што е исклучително кус рок за таква колосална градба.

Што се наоѓа во овој облакодер?

Висококатницата во времето на изградбата била една од најдобро технолошки опремените згради во целата серија „Сталинови облакодери“. Во неа имало рекорден број лифтови за тоа време – 28, од кои повеќе од половината биле брзи лифтови. Освен тоа, имало 4 подвижни скалила, а при уредувањето на ентериерот не се штедело на најскапи материјали – мермер, гранит и кадифе.

Но, најинтересен дел на зградата не е неговото внатрешно уредување, но... шилецот на покривот. Во првобитниот проект не постоел. Освен тоа, било предвидено зградата да има рамен покрив.

Меѓутоа, наспроти 34 годишнина од Октомвриската револуција, лично Јосиф Сталин наредил на врвот да се постави шилец, и покрај тоа што проектот не предвидувал никаков дополнителен товар на врвот. Зголемувањето на оптоварувањето можело да предизвика уривање на целата конструкција. Наводно, според градската легенда, Сталин не сакал зградата да потсетува на американската архитектура од тоа време.

Архитектот Владимир Гељфрејх дури и се обидел да го наговори Сталин да се откаже од идејата, но не успеал во тоа. За некако да се извлечат од незгодната ситуација, архитектите решиле да постават „сценографски“ шилец, кој нема да биде целосно направен од камен, но од лесни метални плочи и од шперплоча.

Навистина, конструкцијата и без тоа била мошне импозантна – тешка 35 тони – но притоа била прилично слаба и нестабилна. Токму поради тоа никој не се дрзнал на врвот на шилецот да постави петокрака, како на останатите облакодери, и затоа и денес зградата на МНР е единствен „Сталинов облакодер“ без препознатливата ѕвезда. Притоа на тој начин било полесно да се препознае оваа градба!

Интересно е што Михаил Минкус, соавторот на зградата, по смртта на Сталин му се обратил на Хрушчов со молба шилецот да се демонтира, на што тој одговорил: „нека остане како споменик на Сталиновата глупост“.

Во 2016 година шилецот сепак беше заменет со нов, зашто стариот практично целосно беше зарѓан и можеше да се урне во секој момент.

Како оваа зграда го смени изгледот на Москва?

Во текот на изградбата на облакодерот на МНР станало јасно дека во својот првобитен облик тој не предизвикува грандиозен впечаток каков што сакале да постигнат архитектите. Токму затоа било одлучено пред зградата да се направи плоштад за градбата „полесно да дише“. А, за зградата да не преовладува над старото ниско опкружување, наспроти неа подигнати се уште два облакодери – хотелот „Белград“ и „Златен прстен“.

Ваквите трансформации кардинално го измениле изгледот на главниот приод кон центарот на градот. Самата изградба на серии облакодери, имено, била прв чекор во претворањето на малата престолнина во огромен мегалополис, каков што е денес Москва.

Може ли да се влезе во зградата?

Обични туристи и минувачи не можат да влезат во зградата. Зградата на МНР е државен објект. За волја на вистината, на четвртиот кат се наоѓа Центарот за историја на руската дипломатска служба, каде се организираат екскурзии, но на нив не може да присуствува секој, туку само определени студенти на московските универзитети, идни дипломати и новите вработени во министерството. А, обичните туристи и оние што се интересираат нема што да прават тука.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња