Лукошко, кузовок и туесок: Староруските кошници повторно во мода

Јуриј Кавер/Sputnik; Bobylev Sergey/TASS
Погледнете како од словенските кошници за собирање бобинки дизајнерите прават модни додатоци.

Ниту една љубителка на модата не може да ја замисли својата летна гардероба без плетена торба, а во последниве неколку години хит станаа модните додатоци кои по својот облик потсетуваат на стара руска плетена корпа. Тие се згодни и за берење печурки, и за чување намирници, и за вечерна прошетка.

Лукошко – мала плетена кошница

Лико (кошница од листопадни дрва) во Русија бил најдостапниот материјал од кој се правеле многу нешта кои биле неопходни за секојдневниот живот: од облека (лапти) до садови. А, кошниците со најразличен облик и намена биле задолжителен дел од селската покуќнина.

Малата плетена кошница на руски се нарекува лукошко. Била наменета за собирање бобинки и печурки, а се користела и за време на сеењето житарки. Лукошко е најлесната кошница, речиси без тежина, што луѓето ја носеле насекаде со себе. А, во случај на потреба можеле да ја направат од достапни материјали на лице место во шума. Често ваквите кошници луѓето ги ставале под глава како перница, полнејќи ги со слама и покривајќи ги со ткаенина.

Во Русија лукошко била мерка за обем, иако неофицијално. Русите знаеле колку е тоа „лукошко јагоди“: малку, но доволно. Доколку дојдете на кој било пазар во Русија, ќе видите дека во вакви кошници и денес се продаваат бобинки.

А, торбите во облик на лукошко секогаш биле популарни кај девојките!

Кузовок – во него бобинките остануваат цели

Уште еден вид руска корпа се нарекува кузовок. Тоа е по правило торба од брезова кора во облик на цилиндар со капак. Направена е специјално за бобинките да не се гмечат и да не испуштаат сок. Најчесто се носи преку рамо. Со оваа корпа е поврзана и една од најпознатите руски пословици: „Ако кажеш дека си печурка, влегуваш во кузовок“. Ова значи дека човек мора да биде одговорен за своите зборови, и ако нешто рекол, треба тоа и да го направи,

Туесок – незаменлив во кујната

А, кошниците од брезова кора за чување намирници во кујната се нарекуваат туесок. Често имаат капак со рачка. Мајсторите за плетење на овие кошници во текот на работата ја пуштаат слободно својата имагинација, па затоа тие често се украсени со различни мотиви. Секој регион имал свои традиционални орнаменти, од билни мотиви, па до сцени од селскиот живот. Денес ваквите садови се продаваат во најобични продавници и се користат за чување житарки и зрнести производи.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња