Семјонково: Традиционалната уметност на Вологодската област на Рускиот Север

Вилијам Брумфилд
Историчарот на архитектура и фотограф Вилијам Брумфилд со нас ја подели својата љубов кон култната руска селска куќа од дрва наречена „изба“ по посетата на извонредниот архитектонски и етнографски музеј северно од Москва

На почетокот на 20 век рускиот хемичар и фотограф Сергеј Прокудин-Горски развил сложен процес на изработка на колор-фотографии со јарки бои. Неговото сфаќање за фотографијата како форма која има образовна и просветна улога особено се огледува во снимките каде што тој го овековечил арихтектонското наследство на Русија.

Прокудин-Горски од Министерството за сообраќај добил задача во рамките на своите патувања во јуни и во јули 1909 година да го посети и да го фотографира Мариинскиот воден пат на северозападот од Русија. Изградбата на овој воден пат со кој Санкт Петербург е споен со базенот на реката Волга го започнал уште Петар Велики, а подоцна работите се продолжени за време на императорот Павел Први (1796-1801) кој му го дал називот по својата сопруга, императорката Марија Фјодоровна.

Горниот дел од овој систем се простирал од реката Нева во Санкт Петербург до езерото Ладога, и потоа кон реката Свир до јужниот дел на езерото Онега. Вниманието на Прокудин-Горски му го привлекла населбата Пидма од 16 век во близина на реката Свир зашто во него се наоѓала црква од трупци Преображение. Тоа била голема осумаголна градба подигната уште во текот на деведесеттите години од 17 век. Изгорела во пожар во април 1942 година.

Музејот Семјонково

За среќа, Прокудин-Горски направил неколку фотографии на селата и на Преображенскиот храм. Особено е интересна фотографијата на која се гледаат многуте градби од трупци чиј облик е мошне распространет низ целиот Руски Север. Тоа се гледа од споредбата на истата глетка од моите фотографии на градбите од трупци кои беа изложени во музејот под отворено небо Семјонково, северозападно од северниот град Вологда. Како и другите музеи на отворено, како што се Мали Корели, Семјонково е основан со цел да даде опиплива претстава за традицијата на регионалната култура.

Во паркот Семјонково доминира храмот на свети Георгиј, кој првобитно бил подигнат на преминот кон 18 век во целото Троцкое во Тарношкиот реон, североистпчно од Вологда. Плановоте за негово зачувување се направени уште на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век и тогаш се извршени детални мерења, но се одолговлекуваше со почетокот на работата, поради што конструкцијата се истроши., така што денешната верзија во Семјонково е всушност прецизна реконструкција со неколку автентични детали.

Обликот на храмот на свети Георгиј има голема изразена вертикала, што се среќава на Рускиот Север. Темелите имаат обична конструкција во облик на коцка со малку издигната олтарска апсида на источната страна. Северниот олтар е посветен на свети Георгиј, а јужниот на светителите Борис и Глеб.

Центарот на овој цврст темел ја држи осумаголната конструкција затворена со покрив кој се шири за да ја исфрла водата. Над него има необична „шатореста“ кула со купола и со крст на врвот. Вкупнита висина до врвот на крстот узнесува речиси 39 метри. Ваквите храмови беа изразито обележје на верските заедници во бескрајните северни шуми.

Секоја изба е уникатна

Основниот дел на музејот Семјенково е составен од колекција традиционални куќи од трупци. Вкупно се единаесет, секоја е повторно монтирана на територијата на паркот и сите тие ја илустрираат разноликоста и мајсторството на традиционалната северна дрвена архитектура.

Меѓу првите примероци кои се пренесени во музејот (1985 година) е куќата на А.Е. Болотова од селото Королевское во Њуксенскиот реон, североисточно од Вологда. Поголемиот дел од избата првобитно е направен на почетокот од 19 век како обична правоаголна куќа на кат. На приземјето имало затворена остава во предниот дел и стаја за стока во задниот.

На катот се наоѓале главните станбени простории кои се загревале со помош на ѕидана печка, која воено служела и за подготвување храна. Задната половина од катот опфаќала голем простор за чување сено и за земјоделски алат.

Со порастот на благосостојбата кон крајот на 19 век целата изба е проширена така што од десната страна е дограден паралелен правоаголен објект. Така, во центраот на зголемената куќа од трупци се појавиле два внатрешни ѕида како дополнителна потпора на продолжената конструкција. Со ваква невообичаена постапка настанала изба „со шест ѕида“, односно четири надворешни и два внатрешни.

Зголемената куќа е украсена со балкон на горниот кат со голема настрешница која го штитела од снег и од дожд. Главниот дел имал издигнати скалила и странична веранда.

Под прав агол во однос на оваа голема градба се наоѓал приземниот зимовник кој било полесно да се загрее. Еден дел од семејството можел во него да престојува преку зима, како и младенчињата на стоката кои не можеле да го поднесат студенилото во стајата на поголемата изба, стајата немала грење.

Избата на Попов

Во близина на оваа куќа се наоѓа избата на А.И. Попов. Предадена му е на музејот во 1988 година, а првобитно е изградена кон крајот на 19 век во селото Внуково во Тотемскиот реон, североисточно од Вологда (куќите во паркот се наредени линиски, што е типично за северните села).

Како и куќата на Болотова, оваа изба на катот има правоаголна основа и балкон на катот под покривот кој налето можел да служи како дополнителен станбен простор. Избата исто така има шест ѕида, но така е направена на почетокот, па просторот меѓу внатрешните ѕидови е поширок и предвиден е за скалила кои водат кон двете половини од горниот кат.

Во двете половини на станбениот дел од избата на Попот има по една ѕидана печка. Главниот дел е под верандата на средината на фронталниот ѕид. Во задниот дел на горното ниво се наоѓа мал спореден влез и голема приодна рампа која води во делот за сено.

Избата на Уланов

Една од најсложените конструкции ја има куќата на А.И. Уланов, подигната на преминот од 19 кон 20 век во селото Заречје во Њуксенскиот реон. Избата е предадена на музејот во 1991 година. Нејзина главна компонента е „четириѕидната“ правоаголна структура на две нивоа со украсен балкон под пространата настрешница. На врвот на покривот се наоѓа слеменска штица со раширен крај во облик на коњска глава.

Оваа едноставна изба во предниот дел има станбен простор, а во задната стаја за стока и дел за сено. Отстрана е зимовникот, исто така на две нивоа, и тој стои паралелно во однос на избата (а, не под прав агол, како кај куќата на Болотова). Главниот влез има трем кој се наоѓа меѓу овие два објекти. Отстрана е прицврстена приодна рампа за во делот за сено на горното ниво.

Избата на Жуков

Едноставна конструкција има и куќата на Л.Г. Жуков, изградена кон крајот на 19 век во селото Калининское (Тотемски реон). Таа му е предадена на музејот во 1988 година. Куќата на Жуков е изба „со пет ѕида“, односно четири обични ѕида со правоаголна конструкција на кат и со носечки внатрешен ѕид. На катот се влегува преку верандата од десната страна, а таа е споена и со затворена стаја за поситна стока. Продолжената просторија за сено во задниот дел од куќата е потесен од станбениот простор во предниот дел.

Посложен пример на „петоѕидна“ изба е куќата на Е.А. Пудова направена кон крајот на 19 век во селото Маљчевска (Тотенски реон). Предадена му е на музејот во 1990 година. Екстериерот е украсен со убав балкон во облик на свод. Конструкцијата на катот не е типична. Летниот станбен простор од предната страна води во сеништето, а зад него се наоѓа „зимска“ изба со посебен влез пред приодната рампа за сеништето од десната страна. Од левата страна има долга затворена стаја за ситна стока. Како и кај другите изби во Семјонково, внатрешноста е осмислена така што престојот во неа да биде попријатен во суровите климатски услови.

Избата на Копилов и други изби

Декоративната куќа на В.Н. Копилов е подигната во 1881 година во селото Соростељово (Сјамженски реон), а предадена му е на музејот во 2009 година. Под покривот има раскошто насликан балкон.

Главниот влез има трем и се наоѓа од левата страна, додека од десната страна дограден е помал станбен простор на приземјето, што е едно од можните решенија за преживување на долгата зима.

Богатата разноликост на „петоѕидните“ изби ја илустрира куќата на В.В. Храпов, подигната кон крајот на 19 век во селото Бор на Космаревскиот селски совет (Њуксенски реон). Префрлен е во Семјонково во 2005 година. Таа има необично ниско приземје, а балконот на основното ниво се протега по должината на предната фасада. Конструкцијата на горното ниво под покривот е добро осмислена.

Куќата на М.Н. Попов е пренесена во музејот во 1991 година од селото Ивановское (Њуксенски реон). Главната градба е подигната на почетокот од 19 век, така што ова е најстарата зачувана изба во Семјонково. „Петоѕидната“ конструкција во 1862 година е реновирана и обложена со дрвена декоративна облога на предната половина на избата. Балконот е насликан со цветни мотиви и е украсен со голем број декоративни детали.

Избата на И.И. Кочкин е подигната во втората половина на 19 век во селото Андреевское (Тарношки реон). Во Семјонково е донесена во 1987 година. „Шестѕидната“ конструкција има строги облици и е помала одошто кај поголемиот број соседни изби, но е привлечна по својата селска автентичност.

Најмалата изба во Семјонково е куќата на Е.Н. Слободина, првобитно направена кон крајот на 19 век во селото Подлипно (Тотемски реон) и му е предадена на музејот во 1987 година. Четириѕидната конструкција има ограничен простор за стока на нивото на тлото и надворешен дел за сено. Едноставноста на конструкцијата покажува широк спектар на можности за време на изградбата на куќите од трупци во зависност од потребите и од можноста на нејзиниот сопственик.

Помошни згради

Во музејскиот парк Смејоново претставени се и различни помошни објекти: амбари, складишта, мразалници, руски бањи од дрво, а од неодамна и ветерници. Меѓу другото, тука е и реконструираната „црна“ бања од селото Шангино кое е сега дел од имотот на Жукови. Во парните бањи од овој вид чадот избива од печката преку загреани камења и детално ја дезинфицира внатрешноста пред да се собере под покривот и да почне да излегува низ отворите во конструкцијата. Ја мина целата процедура на „бањата“ и можам да кажам дека сето тоа е сосема подносливо, зашто мирисот на чад се мие со вода и со сапун.

На почетокот на 20 век рускиот фотограф Сергеј Прокудин-Горски развил сложен процес за фотографија во боја. Помеѓу 1903 и 1916 година патувал низ Руската Империја и направил над 2.000 фотографии во текот на процесот, кој вклучувал три експозиции на стаклена плоча. Во август 1918 година ја напуштил Русија и на крајот се преселил во Франција каде што повторно добил голем дел од својата колекција стаклени негативи, како и 13 албуми контактни отисоци. По неговата смрт во Париз во 1944 година, неговите наследници ја продале збирката на Библиотеката на Конгресот. На почетокот на 21 век Библиотеката ја дигитализираше збирката на Прокудин-Горски и ја направи слободно достапна за целата јавност. Неколку руски веб-локации сега имаат верзии на колекцијата. Во 1986 година историчарот на архитектурата и фотограф Вилијам Брамфилд ја организираше првата изложба на фотографии на Прокудин-Горски во Конгресната библиотека. Во текот на периодот на работа во Русија, започнувајќи од 1970 година, Брумфилд фотографирал поголем дел од локациите што ги посетил Прокудин-Горски. Оваа серија статии ги спротивставува погледите на Прокудин-Горски на архитектонските споменици со фотографиите што Брумфилд ги направил децении подоцна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња