- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
„Воланд“
Нова адаптација на романот на Михаил Булгаков „Мајсторот и Маргарита“ од режисерот на „Сребрени лизгалки“ Михаил Локшин. Авторите ветуваат повеќе од само екранизација на романот за тоа како ѓаволот ненадејно се појавил во официјална посета на Сталиновата Москва, туку автентичен одраз на класикот на руската книжевност. Во главните улоги се речиси сите ѕвезди на рускиот филм. Маргарита ја игра Јулија Снигир („Оревокршачка 5“), Мајсторот е Евгениј Циганов. Во улогата на Воланд се појавува германскиот актер Август Дил. Покрај тоа, тоа е еден од најскапите проекти во историјата на руската кинематографија. Неговиот буџет надминува 1,1 милијарда рубли или 20 милиони долари.
„Butterfly Jam“
Лауреатот на Канскиот филмски фестивал Кантемир Балагов („Блискост“, „Штркла“) првично планираше да го сними филмот според сценариото на Марија Степнова во Кабардино-Балкарија. Во своето остварување под работен наслов „Моника“, ученикот на Александар Сокуров, кој ја заврши севернокавкаската филмска школа, имал намера да се занимава со односот меѓу таткото и синот. Меѓутоа, потоа на Кантемир му беше понудено да ја сними пилот-епизодата од серијата на каналот HBO „Last of Us“, а потоа Александар Родњански, продуцентот на „Штркла“ ја напушти Русија. Кантемир немаше среќа со „Last of Us“ (го напушти проектот), но затоа сценариото на „Моника“ беше преместено во Америка, па сега дејството на филмот се одвива меѓу емигранти од Кабардино-Балкарија во САД. Премиерата се очекува во мај годинава на Канскиот филмски фестивал.
„Птица бара кафез“
Уште една поранешна ученичка на Александар Сокуров, Малика Мусаева, имаше добра шанса да ја прослави премиерата на својот филм минатиот мај во Кан во програмата „Две недели автори“, за која жирито ја разгледуваше нејзината дебитантска драма до последен момент. Бидејќи тоа не се случи, светската премиера на филмот „Птица бара кафез“ ќе се одржи на Берлинскиот фестивал во програмата Encounters.
Дејството на филмот се одвива во Чеченија и е снимен на чеченски јазик. Воопшто не е познато за што всушност се работи во филмот, но сепак се знае дека темата ја допира еманципацијата во традиционалистичките муслимански општества, изрекувајќи им прилично жестока пресуда.
„Една мала ноќна тајна“
Збирката автобиографски раскази на Мешчанинова е објавена во 2017 година. Најголемо внимание привлече расказот во кој авторката зборува за преживеаното сексуално насилство од страна на очувот кога таа била тинејџерка. После тоа Наталија сними десетина остварувања. Меѓу нив е и драмата „Аритмија“ (автор на сценариото) и серијата „Обична жена“ (автор на сценариото на првата сезона и режисер во втората). Во текот на шест години Мешчанинова стана еден од клучните режисери во Русија. Меѓутоа, по 2018 година таа не сними ниту еден долгометражен филм. „Една мала ноќна тајна“ настана токму врз основа на тој расказ од автобиографската збирка. Се чини дека денес само Наталија, како клучниот женски глас на руската кинематографија, може да направи вистински силен филм на толку сложена тема. Премиерата се одржа на годинашниот фестивал во Ротердам.
„Кентаур“
„Кентаур“ е неоноар, создаден во продукција на Иљја Најшулер, режисерот на познатиот холивудски акционен филм „Никој“. Очигледно инспириран од „Возач“ на Николас Виндинг Рефн, ја раскажува приказната за виртуозниот таксист кој го доживува автомобилот како продолжение на своето тело. Улогата на клучниот двигател на дејствието е наменета за Лиза, која е принудена да се занимава со проституција. Главниот лик, се разбира, не може да ја игнорира типичната девојка во неволја, а средбата со неа ќе му го промени животот засекогаш. Во главната улога е Јура Борисов („Купе број шест“ и „Сребрени лизгалки“).