Десетте најочекувани руски филмови во 2022 година

Александр Хант/Perevorot Film Company, 2022
Фестивалски хитови кои конечно ќе можат да се видат во киносалите и филмови од кои се очекува да станат меѓународни хитови, а кои всушност се завршуваат во студијата. Ги избравме десетте руски филмови кои оваа година се очекуваат со големо нетрпение.

Годината што е зад нас за руската кинематографија претставуваше вистински исчекор. Филмот на Кира Коваленко „Отворајќи ја тупаницата“ беше најдобар во селекција на „Извесен поглед“ на Канскиот фестивал и ја доби наградата на Европската филмска академија. „Купе број 6“ кој беше реализиран во копродукција со Финска, не само што го освои Гран прито на Канскиот фестивал, ами беше номиниран и за наградата Оскар. А, всушност најголем настан беше летот во космосот на режисерот Клим Шипенко и на актерката Јулија Перeсиљд која ја игра главната улога во филмот „Предизвик“. Филмот чиј поголем дел е снимен во текот на првата космичка експедиција во кината ќе се појави во 2023 година, но и годинава што е пред нас ветува значајни новитети. Russia Beyond ги избра шесте најинтересни филмови и четири фестивалски хита кои конечно ќе можат да ги видат гледачите ширум светот.

„Воланд“ на режисерот Михаил Локшин

Второто по ред заедничко остварување на Локшин и на сценаристот Роман Кантор чиј дебитантски филм „Сребрени лизгалки“, кој минатата година беше премиерно прикажан како оригинален фил на Нетфликс беше еден од најгледаните. Заснован е на култниот роман на Михаил Булгаков „Мајсторот и Маргарита“. Во филмот мистериозно се преплетуваат приказните на римскиот прокурор Понтиј Пилат, на московскиот поет Иван Бездомни, на „злокобниот стан“ и на мистериозниот странец Воланд. Него го толкува германскиот актер Август Дил кого го паметиме од „(Не)скриен живот“ на Теренс Малик, а во улогите на мајсторот и на Маргарита се најубавата двојка на руската кинематографија Евгениј Циганов и Јулија Сингир (забележан настап во „Нов папа“ со Џуд Лоу).

Декември на режисерот Клим Шипенко

Буквално неколку дена пред да стане првиот филмски режисер во светот кој заминал во космосот, Клим Шипенко го заврши трилерот за последните денови на Сергеј Есенин и за неговиот однос со балерината Исидора Данкан. Петербург завеан со снег, мрачна атмосфера на неспокојните советски дваесетти години од минатиот век, теории на заговор, ракописите што не горат и русокосиот Александар Петров (ѕвезда на сериите „Спарта“ и „Силата на привлечноста“ на Фјодор Бондарчук, обата достапни на Нетфликс, како и на филмот на Лук Бесон „Ана“) во улогата на најтрагичниот поет на руската земја.

„Нирнберг“ на режисерот Николај Лебедев

Првиот игран филм на светот во кој е подробно прикажан главниот судски процес на дваесеттиот век, кога пред Меѓународниот трибунал беа изведени челниците на нацистичка Германија. Филмот го режираше еден од најдобрите руски режисери Николај Лебедев, познат по „Легенда број 17“ и „Посада“ (и двата остварувања на Нетфликс), во кој, според сè, нема да ја видиме само хрониката на судскиот процес, ами и приказна за вистинска љубов.

„Првиот Оскар“ на режисерот Сергеј Мокрицки

Уште една историска драма инспирирана од вистински настани. Станува збор за снимателите на фронтот кои на почетокот на Втората светска војна ги бележеле настаните на бојното поле, а во 1943 година го добија првиот Оскар за најдобар документарен филм во историјата под називот „Уништување на германските единици кај Москва“. Главната улога ја толкува Тихон Жизневски, „Мајорот Гром“ од истоимениот стрип-филм, кој беше успешно прикажан на Нетфликс.

„Слободен пад“ на режисерот Олег Уразајкин

Во Русија, секако, не се снимаат само филмови за војната, ами и за космосот. И не само во космосот. Исто така во дистрибуција наскоро ќе влезе филмот на дебитантот Олег Уразајкин, снимен во студио. Единствен актер е Александар Кузнецов кој го играше Хелмут во филмот „Фантастични ѕверови: Тајните на Дамблдор“. Во „Слободен пад“ неговиот јунак заминува на ремонт на орбитална станица, но поради несреќа останува сам во космосот. Неговата единствена врска со земјата е диспечерката Ана која треба да ја спаси. Како и самиот себе.

„Срцето на Парма“ на режисерот Антон Мегердичев

Доколку „Слободен пад“ е одговор на „Гравитација“, тогаш „Срцето на Парма“ е нескриен претендент за титулата руска „Игра на престолите“. Главната улога повторно ја толкува Александар Кузнецов, додека режисер е Антон Мегердичев. Станува збор за екранизација на роман од еден од најпопуларните писатели во современа Русија, Алексеј Иванов. Дејствието е сместено во 15 век кога московскиот кнез испраќа освојувачи на Урал со надеж дека ќе ги припои непокорените пермски земји.

„Капетанот Волконогов избега“ на Наташа Меркулова и Алексеј Чупов

Фестивалски хит, премиерно прикажан во 2021 година во главната програма на Венецијанскиот фестивал, кој допрва треба да се појави во домашната и во странската кинодистрибуција. Главната улога ја игра Јура Борисов од „Купе број 6“, „Сребрени лизгалки“ и од руската серија „Ништо особено“, која допрва треба да биде прикажана на популарната стриминг-платформа како оригинална серија на Нетфликс. Главниот јунак по смртта го бара патот до рајот. Но, неволјата е во тоа што тој сиот свој живот на другите им правел пекол од животот. Служел во НКВД и не знаел дека прави лошо. Меркулова и Чупов кои претходно ги истражуваа стравовите од личната, а не од колективната смрт во филмот „Човекот што сите ги зачуди“, во новиот филм на најсликовит начин покажуваат што е тоа НКВД, како и ехото од „црвениот терор“. Филмот ја доби наградата за најдобро сценарио на рускиот фестивал „Кинотавр“ и е номиниран за националната филмска награда „Златен орел“.

„Меѓусезона“ на режисерот Александар Хант

Руска верзија на „Еуфорија“, заснована на вистински настани, засега прикажана само на неколку фестивали, вклучувајќи го и Варшавскиот, на кој ја доби наградата на младото жири ФИПРЕСЦИ и наиде на воодушевен прием кај главната целна публика – тинејџерите. Жестоката приказна за растењето, како да е прикажана во безвременост, со оглед на тоа што се присутни и визуелни одеци на советската кинематографија и сосема модерни музички парчиња кои се популарни на ТикТок. Но, клучна е вечно актуелна приказна. А, дали повеќе потсетува на „Ромео и Јулија“ или на „Бони и Клајд“, гледачите сами ќе решат.

„Откини и фрли“ на режисерот Кирил Соколов

Втор филм на режисерот на црната комедија „Тато, цркни“, со одлични оцени на сајтот Ротен томатос, е во тренд и е посветен на жените. Станува збор за три генерации условно слободни жени во руските места. Како и во претходниот филм на Соколов, роднини, но овој пат директни, се борат за живот и смрт (со акцент на смртта). По четири години затвор, главната хероина се обидува да започне нов живот. Настаните излегуваат од контрола кога во рацете на жената ќе се најде оружје. Омилените референци на авторот се на Квентин Тарантино, на корејските трилери и на браќата Коен се факт.

„Сказна“ на Александар Сокуров

Новиот мистериозен проект на најпознатиот руски филмски режисер надвор од границите на својата земја, негов прв авторски филм по „Фауст“, кој во 2011 година беше награден со венецијанскиот „Златен лав“. Остварувањето посветено на Втората светска војна е всушност фикција. За Сокуров, кој во работата е потпрен на вистински историски настани или на книжевни извори, ова е сосема несвојствено. Доволно е да се сетиме на неговата тетралогија посветена на власта („Молох“, „Бик“, „Сонце“, „Фауст“), филмови во кои ги прикажува Хитлер, Ленин, Хирохито и својот Фауст.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња