15 најдобри филмови од 2010 до 2019 година

Николај Лебедев/TriE, 2016
Ова се остварувањата на руската кинематографија кои привлекоа најмногу внимание во последнава деценија.

1. Легендата број 17

Биографски филм за познатиот советски хокеар Валериј Харламов кој секогаш играше во дрес под бројот 17. Кулминацијата на приказната е битката на мразот во 1972 година помеѓу Канада и СССР, и особено првиот натпревар на Суперсеријата во Монтреал. Не постоеја речиси никакви шанси за тоа дека советските хокеари ќе можат да дадат отпор на легендарните Канаѓани, па згора на тоа и на гости. Но, советскиот тим изведе вистинско чудо и победи со 7:3. Харламов беше срцето на овој тим.

2. За што зборуваат мажите?

Запознајте се со одличниот руски хумор! За што зборуваат мажите? За жените, секако. Всушност зборуваат за работа, за пари, коли, фудбал, но сепак, најмногу за жените. Едно е сигурно, од овие разговори многу жени ќе дознаат нешто ново за себе...

Постои и втор дел на филмот „За што зборуваат мажите?“

3. Hardcore Henry

„Hardcore Henry“ е филм на дебитантот Иљја Најшулер со Шарлт Копли, Тим Рот и Данил Козловски. Ова е ефектен акционен филм со многу крв, кој од првата до последната свена е снимен со „субјективна камера“ (односно дејствието се прикажува од прво лице). Продуцент е познатиот режисер Тимур Бекмамбетов, а филмот е снимен во Москва..

4. Елки

Филмот на веќе споменатиот режисер и продуцент кој е познат во Холивуд Тимур Бекмамбетов содржи неколку приказни за тоа како наспроти Нова година, благодарение на „шест познанства“ можат да се остварат и најголемите мечти. По легендарната „Иронија на судбината“ на Ељдар Рјазанов ова е најдобар руски новогодишен филм.

5. Посада

Филмот „Посада“ за руската филмската индустрија е уникатен случај: овој технички сложен блокбастер всушност изгледа на нивото на најдобрите холивудски „филмови со катастрофи“. Ова е приказна за патнички авион кој треба да превезе луѓето од огнениот аеродром на вулканскиот остров. Приказна, во која возбудливиот заплет се развива и со помош на јарки карактери. Тричасовната акција е со буџет од 10.3 милиони американски долари. При емитувањето во Русија се натпреваруваше со холивудски блокбастер и собира импресивен за руските кина број гледачи - околу 5.5 милиони.

6. Виј

„Виј“, заснован на фантастичната (хорор) приказна на Николај Гогољ, е приказна за британскиот картограф Џонатан Грин кој неочекувано се наоѓа во оддалечено село во западна Украина во 18 век. Тука доживува настани што не можат да се објаснат и среќава страшни суштества од локалниот фолклор. Снимено е и продолжение на филмот „Виј“ под наслов „Виј 2: Патот во Кина“. Во овој филм на Џејсон Флеминг и на Чарлс Денс кои играат во првиот дел ќе им се приклучат и Џеки Чен и Арнолд Шварценегер.

7. Сталинград

„Сталинград“ е посветен на Сталинградската битка, една од пресудните битки од Големата татковинска војна. Снимен е во жанрот воена драма. Во заднината на потресните историски настани филмот прикажува драматична љубовна приказна. И покрај добрата гледаност и големиот финансиски успех, филмот „Сталинград“ предизвика бројни контроверзии. Министерството за култура на Русија дури имаше добиено и барање филмот да се забрани, зашто „го прикажува херојството на нацизмот и ги извртува историските факти“. Петицијата за забрана за прикажување на филмот ја потпишаа 34 илјади лица. Руското министерство никогаш официјално не одговори на оваа петиција. А, што всушност можело да предизвика ваква реакција кај некои гледачи? Можеби е тоа ликот на германскиот војник. Во една критика се наведува дека германските војници се прикажани како луѓе кои можат да чувствуваат и да сакаат.

8. Движење нагоре

„Движење нагоре“ е приказна за кошаркарската репрезентација на Советскиот Сојуз која на почетокот на седумдесеттите години добива нов тренер. Главната линија на неговите амбициозни планови е идејата на Олимпијадата во Минхен да го надигра непобедливиот американски тим кој дотогаш бележеше непрекинати победи на турнирот. Својата енергија и желбите успева да ги пренесе на репрезентацијата која го освојува првото кошаркарско злато.

9. Левијатан

Корумпираниот градоначалник ја користи својата моќ за еден обичен човек да го исфрли од неговата куќа на брегот на морето и таа земја да ја користи за свои потреби. Сиромашниот, но горд човек не сака да попушти пред притисоците на моќникот и ангажира адвокат од Москва. Но, кога ќе стаса помошта, тоа станува нов извор на болка за него.

Овој филм на познатиот режисер Андреј Звјагинцев беше пофален ширум светот, а во 2015 година освои Златен глобус. Критичарите во Русија и во странство позитивно го оценија филмот (98% од сите рецензии што ги собра порталот Rotten Tomatoes се позитивни). Sunday Morning Herald го оцени како: „Брутално руско ремек-дело...“

10. Брестовската тврдина

На 22 јуни 1941 година нацистичка Германија тргна во масовна офанзива против Советскиот Сојуз кој не беше подготвен за напад, ниту за претстојната војна. Брестовската тврдина беше првото утврдување кое се најде под жесток напад на германската војска. Обичните луѓе мораа да направат натчовечки напори, давајќи отпор на непријателот.

Иако критичарите не беа воодушевени од „Брестовската тврдина“, филмот на специјализираниот портал Кинопоиск беше меѓу најдобро рангираните руски воени филмови. Одговорот можеби лежи во чувствата што многу Руси ги имаат кон оваа војна. Филмот на потресен начин прикажува како мнозинството Руси го доживеале почетокот на Втората светска војна.

11. Аритмија

Еден талентиран болничар сето свое внимание им го посветува на пациентите, запоставувајќи си ја жена си, семејството и односите со управата на болницата. Но, тоа му се удира од глава. Жената бара развод, а на работа се појавуваат проблеми. Животот му се распаѓа, а неговите пациенти не му се ни заблагодаруваат за трудот.

Оваа позитивно оценета драма за обичниот човек кој својата работа ја извршува и покрај бројните препреки во голема мера го прикажува начинот на кој функционира руското општество. А, тоа е необично мотивирачко искуство. Како што се изрази еден критичар: „Овој филм предизвикува доверба. Ќе сакате да го подобрите животот, а не да избегате од земјата во која 'ништо добро не се случува'“.

12. Довлатов

Филмот го прикажува секојдневието на Сергеј Довлатов, еден од најпознатите руски писатели од втората половина на 20 век во Ленинград во седумдесеттите години од минатиот век, непосредно пред неговиот пријател Јосиф Бродски да биде принуден да го напушти Советскиот Сојуз.

Овој филм, повремено духовите, а повремено драматичен, им покажува на гледачите колку тешко може да биде за човек да го открие својот талент и да го пронајде своето место во светот. Филмот доби Сребрена мечка на Берлинскиот меѓународен фестивал во 2018 година.

Довлатов го игра српскиот глумец Милан Мариќ, кој според изгледот неверојатни потсетува на рускиот писател, што филмот го прави уште поубедлив. Тој успеа да создаде лик на силен и привлечен човек со мошне жив и чувствителен свет кој бара свое место во животот и во литературата.

13. Нељубов

Тричленото семејство минува низ болен развод. Жената и мажот се во постојан судир, но вистинска жртва е нивниот син Алексеј. По една кавга Алексеј исчезнува без трага.

Оваа мрачна и непријатна драма што ја режираше Андреј Звјагинцев, режисерот кој го освои Златниот лав на Филмскиот фестивал во Венеција за филмот „Повратник“, е номинирана за Оскар за најдобар странски филм во 2018 година. Филмот исто така доби исклучително позитивни критики во западниот печат.

Но, „Нељубов“ е мачен филм за гледање. Звјагинцев не дава утеха: нема да ја најдете на ова студено, сурово место.

14. Ученик

Тинејџер од растурено семејство бара спас во Библијата. Тој напамет учи стихови и им ги рецитира на другарите од одделението. Себеси почнува да се доживува како најголем морален авторитет и ги осудува пороците каде и да ги забележи. За луѓето околу него тој станува неподнослив проблем.

Филмот го сними Кирил Серебреников, познат руски режисер кој што работи како на филм, така и во театар, а неговите остварувања учествуваат на фестивали од Авињон до Кан, Локарно, Рим и Варшава, каде освои Гран-при за својот филм „Јурјев ден“. „Ученик“ ја освои наградата Франсоа Шале на Филмскиот фестивал во Кан.

15. Верност

Најновиот, мошне сериозен и успешен обид на современиот руски филм во пронаоѓањето на сопствен пат во жанрот на еротска драма. Нигина Сајфулаева која со вој филм дебитираше на неодамна завршениот Кинотавр, најзначајниот независен филмски фестивал во Русија, собра голем број пофалби. Критичарот Алексеј Филипов забележа дека станува збор за уникатна ниша на рускиот филм, каде луѓето умеат да водат љубов, да зборуваат за животот и да егзистираат надвор од моралните оцени.

Во средиштето на приказната за една брачна двојка од Калининград, опкружен со Европа, не е сексуалната еманципација, ами отворениот и деликатен разговор во семејството кое се наоѓа во криза. Сексот е нераздвоен дел од духовниот, а не од телесниот живот, па тоа изгледа импресивно.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња