Првите заемки во јазикот, додека сè уште бил староруски, биле грцизмите. Тие продреле во јазикот во X и XI век. Taa новa лексикa е поврзанa со сферата на науката и религијата: „ангел“, „демон“, „монах“, но и со секојдневниот живот: „кровать“ (кревет), „тетрадь“ (тетратка), „корабль“ (брод), „фонарь“ (фенер). Тие зборови влегле во старословенскиот јазик директно од грчкиот.
Следниот слој на заемки биле скандинавизмите. Тие се појавиле благодарение на трговските, културните и социјалните контакти меѓу Стара Русија и Викинзите развивани од IX век. Научниците изброиле малку повеќе од 200 зборови од скандинавско потекло кои опишуваат човек или се поврзани со општествени односи и занимања, а меѓу нив имало и лични имиња. Некои од тие зборови целосно исчезнале со текот на времето, додека други се зачувани: „варяг“ (Скандинавец), „викинг“, „витязь“ (витез), „ябеда“ (судија), „кнут“ (камшик), „кофта“ (блуза, јакна), „крюк“ (кука), „хлеб“ (леб), „князь“ (кнез) и имињата „Ольга“ (Олга) и „Игорь“ (Игор).
Исто така од IX век, благодарение на другите соседи, рускиот јазик се збогатува со ориентализми, меѓу кои се заемки од туркиските јазици, како и од арапскиот, персискиот и кинескиот. Пред монголската инвазија на Русија, се појавиле зборови како, на пример, „боярин“ (бојар), „шатёр“ (шатор), „богатырь“ (витез), „ватага“ (група), „жемчуг“ (бисер). Тоа е резултат на врските со пограничните племиња, пред сé со Печенезите, кои го контролирале познатиот трговски пат „из варяг в греки“, т.е. од Скандинавија до Византија, како и со Куманите (рус. Половцы).
Од средината на XIII до крајот на XV век, руските кнежевства биле во вазална зависност од Монголската империја, а подоцна и од Златната орда. Во тој период, рускиот јазик значително се збогатил со административна лексика: „ямщик“ (кочијаш), „ярлык“ (етикета), „деньга“ (пари), „тюрьма“ (затвор), „казна“ (ризница), со воени изрази: „казак“ (козак), „кинжал“ (бодеж), „атаман“ (атаман), „сабля“ (сабја) и зборови од секојдневниот живот: „хозяин“ (домаќин), „сарафан“ (женски фустан без ракави), „башмак“ (чевел), „стакан“ (чаша), „алмаз“ (дијамант), „туман“ (магла), „базар“ (пазар).
По ослободувањето од монголскиот јарем, руската држава почнува интензивно да соработува со Западот. Странски стручњаци доаѓаат во земјата уште од XII век, но во XV и XVI век нивниот број станува значително поголем. Посебна улога во развојот на контактите со Европа одиграл Иван Грозни (владеел 1533-1584), првиот крунисан цар на цела Русија. Тој воспоставил редовни трговски и дипломатски односи со Холандија и Англија, па дури и ја запросил кралицата Елизабета. Покрај тоа, тој канел лекари, архитекти, пиштоли и професионални војници во Русија. Во негово време, во рускиот јазик се појавуваат зборовите „адмирал“ (адмирал) и „солдат“ (војник) (од холандски или германски), „капитан“ (капетан) (од италијански) и многу други.
Во XVII век западноевропската лексика често навлегувала во рускиот јазик преку полскиот. Благодарение на таквото посредување, се појавиле француските зборови „кастрюля“ (тенџере), „дама“ (дама), „курьер“ (курир), германските зборови „бунт“ (бунт), „вахта“ (стража) и „кухня“ (кујна), и италијанските „бричка“ (чеза) и „карета“ (кочија). Во исто време, рускиот јазик интензивно ги апсорбира и полонизмите, на пример „опека“ (старателство) и „писарь“ (писар), како и учтивото обраќање на „Вие“.
За време на Петар I (владеел 1682-1725), заедно со реформите никнувале и заемки. Зборовите се појавуваат во јазикот заедно со нови реалии, бидејќи новите појави бараат нови термини, на пример „президент“ (претседател) и „комиссия“ (комисија) од латински и „газета“ (весник) од италијански.
Научниците пресметале дека во времето на Петар најмногу се преземала административна лексика, иако се појавуваат и зборови кои означуваат секојдневни реалии, на пример „галстук“ (вратоврска), „опера“ (опера) и „симфония“ (симфонија). Најактивните „даватели на лексика“ во тој период биле германскиот, холандскиот, францускиот и англискиот јазик.
Рускиот јазик се збогатувал со голема брзина, но не може да се каже дека приливот на заемки бил неконтролиран. „Петар лично барал од еден свој дипломат да не користи премногу заемки, бидејќи „со нив делото не може да се претстави со разбирање“, т.е. се раководел од принципот на јазична целисходност“, вели Елена Генералова, доцент на Катедрата за руски јазик на Санктпетербуршкиот државен универзитет (СПбГУ).
Почетокот на ХХ век во Русија е обележан со процут на галоманијата. Француски зборувале само претставници на благородништвото, т.е. само еден слој од населението, но во тоа време тие ја формирале руската култура и затоа францускиот јазик толку силно влијаел на рускиот.
На тој феномен, меѓу другите, укажува и Александар Сергеевич Пушкин во романот „Евгениј Онегин“. Еве како ја претставува својата хероина Татјана:
„Таа руски слабо знаеше
И со јазикот убав свој,
Се служеше со мака, страв е мој
А пишуваше на француски“.
Односот кон заемките било едно од оние прашања околу кои не се согласувале поборниците на „стариот“ и „новиот“ начин на пишување. Овие две струи на почетокот на XIX век воделе остра полемика.
„Во тоа време францускиот се сметаше за јазик на најобразованата и најпросветлената нација. Тоа што припадниците на новиот начин на пишување се ориентираа кон францускиот може да се третира како продолжение на реформите на Петар, како идеја за европеизација на јазикот“, истакнува Елена Генералова.
Пушкин во тој конфликт ја одиграл улогата на миротворец. Со своето творештво ги поставил темелите на современиот руски литературен јазик.
„По Пушкин престанува полемиката за патот на развојот на рускиот јазик. Во неговото творештво има место за сé. Кај Пушкин среќаваме и народен говор, и заемки, и словенизми, и сето тоа служи за уметничка експресивност. Творештвото на Пушкин е идеално чувство за мера. Се покажа дека во јазикот навистина има место за сите појави“, коментира Генералова.
На преминот од XIX во XX век во рускиот јазик влегува политичка лексика, зборови како „пролетарий“ (пролетер) и „социализм“ (социјализам). Во текот на 1920-тите го зафаќа бран на советизми, т.е. на „сопствените изуми“ на младата Советска Русија, чија цел била да ги опише новите реалии: „рабфак“ (работнички факултет), „совхоз“ (советско државно земјоделско добро), „нарком“ (народен комесар).
До следниот бран на интензивен продор на заемки во рускиот јазик доаѓа во текот на 1970-тите. Пред сé, во младинскиот жаргон влегоа англицизмите како „шузы“ (чевли), „олды“ (родители) и „флэт“ (стан). Потоа, влегува лексика од научнофантастичните романи кои со голема брзина се стекнуваат со популарност, на пример „бластер“ (бластер) и „киборг“ (киборг).
Во текот на 1990-тите, земјата беше погодена од големи социјално-економски промени. Политичкиот систем се менува, се преминува на пазарна економија, банкарскиот систем се развива, нагло се развиваат контактите со странство, се укинува цензурата и доаѓа до културна експанзија на Западот.
Карактеристичен е сé поголемиот интерес за сé што не е од домашно потекло и што претходно беше недостапно. Повторно започнува наездата на англицизми врз рускиот јазик. Одделни зборови дојдоа заедно со новите реалии: „ваучер“ (ваучер), „грант“ (грант), „блокбастер“ (блокбастер), „риелтор“ (агент за недвижен имот), „пиар“ (пи-ар), „маркетинг“ (маркетинг), „импичмент“ (импичмент), други ја потиснаа постојната лексика: „клининг“ (чистење), „дансинг“ (танцување), „шоу“ (шоу), „трек“ (песна), и речиси сите си најдоа свое место во јазикот. Покрај тоа, заемките интензивно продираат во сленгот на младите: „пипл“ (луѓе), „бой“ (момче), „вайб“ (вајб), „дринк“ (пијалак), „лук“ (изглед), „криповый“ (страшен), и во професионалниот жаргон, особено компјутерскиот: „имейл“ (и-мејл), „копипаст“ (копипејст), „скроллинг“ (скролување).
Дигитализацијата на медиумите, појавата на социјалните мрежи, форумите и блоговите доведоа до тоа говорителите на рускиот јазик сé повеќе да користат заемки дури и таму каде што не се потребни или се вишок. Таа тенденција во изминатите две децении ги поттикнува одговорните структури да го контролираат тој процес, што е сосема очекувано и логично.
„Заемките се нешто што секогаш е под „стража“ и што државата понекогаш сака да го регулира. Тука идеолошкиот аспект е очигледен. А сепак, заемките не можат да се отстранат од јазик, особено од јазик како рускиот, со толку богата и долга историја. Заемките се појавуваат во јазикот во сите периоди од неговото постоење. Некои остануваат таму каде што се потребни за да ја пополнат празнината, други исчезнуваат по некое време. Јазикот пропушта сé низ сопствените филтри и за сé наоѓа место. Позајмувањето зборови е сосема природен процес на развојот на секој јазик, тоа е неразделно од јазичните контакти“, истакнува Елена Генералова.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче