Рускиот јазик ѝ припаѓа на словенската група индоевропско јазично семејство. На словенски јазици, според различни извори, зборуваат меѓу 400 и 500 милиони лица. Рускиот е најраспространет словенски јазик. Се смета дека денес на руски јазик во светот зборуваат околу 250 милиони луѓе. Рускиот е еден од петте официјални јазици на ОН и во изминатите години е на второ место според распространетоста на Интернет.
Нативните говорници на рускиот јазик, иако како и странците кои во определена мера го знаат рускище, често се прашуваат дали тој личи на сродните словенски јазици и може ли знаењето на рускиот јазик да им помогне во разбирањето и во учењето на некој од тие јазици. Ќе се обидеме да одговориме на ова прашање.
Современите словенски јазици имаат заеднички предок. Тоа е прасловенскиот јазик кој настанал отприлика до 6-7 век на новата ера како конгломерат на дијалектите на словенските племиња кои настанале на големиот простор на Источна Европа.
Од 7 век во прасловенскиот веќе се издвојуваат западната, јужната и источната група дијалекти, од кои подоцна настанале подгрупи на словенските јазици со карактеристични лексички, морфолошки, фонетски и граматички разлики меѓу нив.
Западната подгрупа со современиот полски (околу 40 милиони говорници), чешки (околу 10.5 милиони), словачки (5.2 милиони), кашупски (војводство Поморје во Полска, околу 100 илјади), лужичкосрпски (земјите на Саксонија и Бранденбург во Германија, околу 50-60 илјади) јужнорусинскиот јазик (Војводина во Србија, Славонија во Хрватска, околу 15.000), а исто така јазиците на полапските и поморските Словени кои изумреле пред неколку векови на територијата на современа Германија и Полска. Сите западнословенски јазици користат латиница, со исклучок на јужносрусинскиот јазик кој користи кирилица.
Јужната подгрупа ја сочинуваат современиот бугарски (околу 9 милиони), македонскиот (околу 2 милиони), словенечки (околу 2 милиони) и јазиците кои до неодамна беа третирани како еден државен јазик под називот српско-хрватски: српски (над 9 милиони говорители во Србија, Република Српска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, со тоа што во Црна Гора дел од жителите и претставниците на власта ја третираат локалната варијанта на српскиот јазик како посебен црногорски јазик, и уште околу 3 милиони говорители на српскиот во дијаспората), хрватски (околу 6 милиони луѓе) и босански, јазикот на босанските Словени со муслиманска вероисповед (околу 1.3 милиони). Наведените државни јазици од некогашното српско-хрватско говорно подрачје имаат практично идентична граматичка основа и заеднички вокабулар. И покрај толкавата сличност, по распадот на Југославија самиот назив „српско-хрватски“ ја има изгубено актуелноста зашто секоја новонастаната држава продолжи да води сопствена јазична политика која подразбира и развој на национален јазик.
На јужнословенската група ѝ припаѓаат и јазиците на православното богослужење: изумрениот старословенски јазик и неговиот наследник црковнословенскиот. Бугарите и Македонците користат кирилица, Србите и Црногорците кирилица и латиница, а Хрватите и Словенците само латиница.
Во источната подгрупа влегуваат современиот руски јазик, украинскиот јазик (според различни извори 30-40 милиони), белоруски јазик (околу 7 милиони), а исто така и карпатско-русинскиот јазик (според различни извори 100.000-600.000, Закарпатската област на Украина, Источна Словачка, северните делови на Унгарија и на Романија, делови на таканаречената Лемквишчина во Полска), кои во земјите од Европската Унија и во Русија е признаен како посебен јазик, а во Украина се третира како дијалект. Источните Словени користат кирилица (а, некои варијанти на карпатско-русинскиот јазик во Словачка латиница).
Сите словенски јазици имаат зачувани неколку илјади заеднички зборови кои во секој од нив сочинуваат значаен дел од фреквентната лексика. Во секој јазик на секоја подгрупа има уште повеќе заедничко во лексиката, во фонетиката, во зборообразувањето и во граматиката. Покрај тоа, помеѓу определени словенски јазици од различни подгрупи можат исто така да постојат меѓусебни билатерални историски врски и паралели. Воедно на многу словенски јазици во текот на нивниот развој влијаеле и други, несловенски јазици, пред сè германскиот, турскиот и унгарскиот. Илјада години траел периодот во кој претставенците на различни делови на словенскиот ареал можеле меѓусебно да комуницираат без преведувач. Но, денес често се принудени едните со други да зборуваат на англиски, зашто без специјална обука не е можно Полјак да разбере Русин, Чех Русин или Бугарин Словенец, без разлика дали станува збор за пишан текст или за устен говор. Како што веќе беше кажано, исклучок во оваа смисла, секако, претставува комуникацијата меѓу Србите, Црногорците, Хрватите и Босанците. Исто така едни со други може да се разберат Чесите и Словаците, Бугарите и Македонците. Словенците и Македонците по правило добро ги разбираат жителите на останатите земји од поранешна Југославија, но во обратна насока не е така – жителите на овие земји, од своја страна, многу потешко ги разбираат словенечкиот и македонскиот.
Како другите словенски народи го зборуваат рускиот? По што рускиот е сличен со другите словенски јазици, а по што се разликува од нив?
Рускиот, украинскиот и белорускиот меѓусебно се мошне блиски. До 13-14 вел источните Словени зборувале и пишувале на јазикот кој е директен предок на рускиот, украинскиот и белорускиот. Жителите на цела Стара Русија го нарекувале рус(ь)скый язык“, а современите руски слависти го нарекуваат староруски јазик (древнерусский язык). Со текот на времето низ вековите во јазикот на различни региони на Стара Русија се појавувале сè повеќе локални разлики во лексиката и граматиката и се развивале специфични јазични процеси, што во 19 век резултирало со формирање и со кодификација на украинскиот и на белорускиот јазик кои се разликуваат од рускиот. До 1917 година украинскиот и белорускиот јазик официјално биле третирани како малоруски и белоруски дијалект на единствениот руски јазик, а официјален статус на државни јазици во Украинската и во Белоруската ССР добиле во 1922 година заедно со формирањето на СССР.
Во последниве три века рускиот јазик во поголем дел од Украина и на Белорусија, кои биле дел од Руската Империја, а потоа во СССР (пред 1939, 1939 и по 1945 година на Украинската и на Белоруската СССР се приклучени западните територии на денешна Украина и Белорусија), бил единствен државен јазик (во Руската Империја) или еден од двата државни јазика (во СССР), и потоа во 21 век поголемиот број жители на Украина и огромно мнозинство жители на Белорусија зборуваат руски јазик како мајчин или како втор јазик. Во средниот век териториите на овие земји долго ги има контролирано Полска (западните области на Украина и на Белорусија биле под полско влијание или под полска управа сè до 1939 година), што неизбежно има извршено силно влијание на украинскиот и на белорускиот вокабулар. Поради тоа, денешните Украинци и Белоруси се или говорители на рускиот јазик или во голема мера разбираат руски, додека Русите без специјална обука (или познавање на полскиот јазик) тешко можат да разберат украински и белоруски.
Доколку сте Русин или странец кој знае руски ќе ви биде многу полесно да научите украински и белоруски, за разлика од оние кои не знаат руски. А, ако притоа знаете и полски, тогаш рускиот и белорускиот ќе ги совладате без особени проблеми.
Западнословенските јазици, гледано од руски агол, имаат тешка фонетика која изобилува со шушливи и со меки согласки, има долги вокали (чешки и словачки), назални вокали (полски)... На Русите им е уште потешка нивната граматика. На пример, рускиот јазик има само три деклинации, додека словачкиот и чешкиот имаат над десет типови промени на именки! Секако, структурата на рускиот и на другите словенски јазици во целина е слична, така што помеѓу рускиот и западнословенските јазици постојат сличности во лексиката, но тешко дека познавањето на рускиот јазик ќе ви помогне да научите полски или чешки. Ќе морате да вложите речиси истиот напор како и во учењето на кој било нов европски јазици. Доколку од словенските јазици го познавате, да кажеме, само полскиот, тогаш учењето на рускиот јазик исто така ќе биде сериозен предизвик, меѓу другото и поради кирилицата.
Благодарение на посебната улога која во развојот на рускиот јазик ја има одиграно старословенскиот, а потоа и црковнословенскиот јазик, рускиот со јужнословенските јазици е поврзан со голем број таканаречени црковнословенизми, односно руска лексика од јужнословенско потекло. Не станува збор само за книшка лексика, ами и за мноштво толку едноставни и фреквентни зборови како што се среда, праздник, здание, одежда, страна, помощь, единица и други. Интересно е што во втората половина на 19 век настанала обратна ситуација. Имено, Русија има земено непосредно учество во ослободувањето на балканските Словени од турското ропство, а руската книжевност се нашла на врвот на светската книжевност, така што сега јужнословенските јазици односно обновениот српско-хрватски и особено бугарскиот, почнале интензивно да позајмуваат зборови од рускиот јазик.
И покрај овие историски условени сличности во лексиката, тие секако не се доволни за некој што знае руски лесно да научи кој било јужнословенски јазик. Тука има доста тешкотии. Во српскиот/хрватскиот и во словенечкиот проблематична е деклинацијата. Таа е слична, но наставките „не се како во рускиот“ (словенечкиот, на пример, има двоина...). Слично е и со конјугацијата, а да не зборуваме за акцентот и за збороредот. Бугарскиот и македонскиот згора на тоа имаат и постпозитивен член и голем број глаголски облици, а немаат деклинација. И секако, како и во случајот со западнословенските јазици, има многу словенска лексика која не се користи во современиот руски, многу заемки од германскиот и од унгарскиот, и особено од турскиот, што инаку е карактеристично за овој регион (особено многу турцизми има во македонскиот и во бугарскиот, како и во босанскиот, помалку кај Србите, а уште помалку кај Хрватите). Конечно, знаењето на рускиот јазик можеби во поголема мера ќе ви го олесни учењето јужнословенски јазици одошто западнословенски, но секако не треба да очекувате дека ќе биде лесно.
Каков заклучок може да се изведе за рускиот и за другите словенски јазици? Рускиот јазик е близок сродник на останатите словенски јазици. Нивната меѓусебна сличност е условена како од заедничките корени, така и од подоцнежните контакти на овие јазици.
И помага (кога ќе ја видите сличноста со рускиот), и не помага (кога не ја гледате сличноста), па дури може и да пречи (кога сличноста само ве збунува). Не постои сомнеж дека другите словенски јазици е полесно и побрзо да се научат да се читаат, одошто да се разберат на слух, а уште повеќе побрзо да се почне да се зборува на нив. Во процесот на говорот и на пишувањето доаѓа до израз појавата која се нарекува јазична интерференција на сродните јазици, кога на човека во главата ќе му се измешаат елементи на слични системи и ќе почне да зборува на „мешовит“ јазик. Понекогаш овој процес е мошне распространет и зафаќа големи популации. На пример, во Украина или во Белорусија, кои се фактички билингвални средини, луѓето често комуницираат на несистемски измешан руско-украински (таканаречен суржик) или руско-белоруски говор (таканаречена трасјанка).
Да видиме на крајот што велат за интерференцијата словенските билингвисти и странците кои зборуваат руски и други словенски јазици.
Дејан, филолог, русист, говорител на македонски и на српски јазик:
Не мислам дека познавањето на два словенски јазици на кој било начин ми помогна во учењето на рускиот. Попрво би кажал дека ми ја отежна работата. Најголеми пречки за мене е збороредот, рекцијата и изговорот на определени гласови.
Но, тоа е случај со мене. Познавам една Србинка која зборува на најчист руски, иако не знае да објасни ниту едно граматичко правило на рускиот јазик. Исто така знам многу Срби кои со децении живеат во Русија и зборуваат некако „руски пиџин“.
Лексиката е слична, но има и многу зборови со ист корен со различно значење кои ве влечат да го кажете она што воопшто не сте сакале да го кажете. Една моја познаничка, лекторка по руски јазик (Македонка по еден од родителите), буквално го преведе македонскиот израз „пукнав од смеа“ на руски како „я пукнула со смеху“, што на руски, благо речено, не е баш исто („пукнуть“ значи „прдне“).
Словенските јазици се, секако, слични. Но, ако Словен сака да постигне одличен резултат, тој мора да вложи исто толкав напор, без разлика дали учи руски или папуански.
Светослава, филолог-србокроатист, говорител на руски и на бугарски јазик:
Израсната сум во билингвално руско-бугарско семејство. Моите родители одлично го имаат совладано „јазикот на брачниот другар“. Со оглед на тоа дека останал во Русија, татко ми со текот на времето го научил рускиот и целосно се асимилирал во Русија, а кога своевремено дошол во Москва како 20-годишен студент го знаел јазикот на ниво кое се учи на училиште (во времето на социјализмот рускиот во Бугарија беше задолжителен странски јазик). На почетокот правел смешни грешки. На пример, еднаш кога на мојата (идна) мајка ѝ го објаснувал својот роден град рекол: „А крыши у нас покрыты...“, па направил кратка пауза, барајќи го вистинскиот збор, и на крајот рекол: „черепашками“. Излегло: „Покривите кај нас се покриени со желки“, а сакал да каже со ќерамиди (на руски „черепицами“).
Канаме, филолог-славист, предавач на руски и српски, нативен говорител на јапонски јазик (зборува руски, српски, бугарски, русински, словачки и полски):
Без сомнение познавањето на рускиот јазик помага во учењето на другите словенски јазици, но не може да се каже дека тој секогаш придонесува кон нивно подобро совладување. Во почетната фаза на учењето [на други словенски јазици] рускиот помага побрзо да се ориентираме во граматичкиот систем на новиот јазик, и се чини дека сето тоа е едноставно и јасно токму благодарение на рускиот. Но, во подоцнежната фаза мораме да го „заборавиме“ зашто тој ни пречи да се задлабочиме во спецификата на јазикот што го учиме и да го совладаме на природен начин. Подобро е ако почнеме да размислуваме на јазикот што го учиме, избегнувајќи ја мислата: „А, како се вели тоа на руски?“. И јас во повеќе наврати сум го имал тој проблем кога учев, на пример, српски, бугарски и русински. Но, мене, од една страна, ми е драго кога ќе се сетам дека за време на својата прва посета на Србија забележав дека зборувам српски „со руски акцент“, а од друга, тогаш согледав дека некако треба да се ослободам од своите „лоши“ навики и да го совладам српскиот како што треба. Потоа во мојата глава руските и српските зборови станаа различни јазици и престанав да ги мешам зборовите или граматичките облици.
Прочитајте исто така: Македонскиот јазик како предизвик за Русите
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче