Зошто Русите зборувале француски?
Екатерина ЛобановаРоманот на Лев Николаевич Толстој „Војна и мир“ во современа Русија е една од најтешките лектири, а причината за тоа не е само во импозантниот број страници. „Кога ги отворив првите страници видов дека отприлика половина текст е на француски јазик и си помислив: џабе го ставиле, подобро да ја прочитам скратената, прераскажана верзија“, раскажува за тоа како на училиште го „читал Толстој“ 23-годишниот московјанин Алексеј.
Навистина, дијалозите на петербуршките благородници во салонот за дамите од високото општество на Ана Павловна Шерер на почетокот на „Војна и мир“ во голем дел се водат на француски јазик, а Толстој тоа го нема измислено. Тој само го има одразено обичајот од деветнаесеттиот век (во првиот том на „Војна и мир“ настаните се одвиваат во 2805 година). За еден од своите јунаци писателот ќе напише: „Тој зборуваше префинет француски јазик на кој зборуваа и размислуваа и нашите дедовци“. Францускиот јазик во осумнаесеттиот век ја „освоил“ Русија и станал неофицијален јазик на аристократијата. Зошто се случило тоа?
Се започнало од реформите на Петар Велики, третиот цар од династијата Романови кој владеел со Русија од 1682 до 1725 година. Петар решително го променил правецот по кој се движела земјата. Сонувал за тоа Русија да стане европска сила. Поради тоа водел војни и ги уривал патријархалните обичаи на стара Русија - ги принудувал благородниците да ја бричат брадата, да носат европско одело и да се школуваат на Запад. така високото општество во осумнаесеттиот век на приемите почнало да зборува странски јазици.
Во тоа време францускиот јазик доминирал во Русија, а исто така и во цела Европа. „Францускиот е првиот јазик каде се појавува поимот на унифицирана норма“, го објаснува успехот на овој јазик психолингвистот и преведувач Дмитриј Петров, и додава дека за тоа е најзаслужен кардиналот Ришеље, првиот министер на Франција. Тој во 1635 година ја основал Француската академија која се занимавала со прашањата за формулирање и за регулирање на јазичните норми. Така францускиот станал јазик на меѓународната комуникација и постепено го потиснал латинскиот.
Дополнителен импулс за ширењето на францускиот јазик во круговите на руското благородништво дала и Големата француска револуција (1789-1799) кога многумина аристократи избегале од земјата зафатена со бунтови. Околу 15.000 емигранти тогаш нашле прибежиште во Русија.
Властите на Руската империја биле внимателни кон секоја револуција и со задоволство ги примале монархистите. Некои од нив дошле и до високи функции, служејќи му на рускиот трон, како на пример Арман Емануел де Ришеље, потомок на прочуениот кардинал која станал градоначалник на Одеса (денес територија на Украина). Останатите биле нешто помалку успешни – станале учители во богати семејства, ги учеле малите руски благородници да танцуваат и да мечуваат.
Публицистите и писателите многу пред Толстој забележале дека руското благородништво се воодушевува на сè што потекнува од Франција, и за тоа мошне жестоко се дискутирало. Едни сметале дека заемките од францускиот јазик ја збогатуваат културата и го облагородуваат рускиот јазик, а други дека тоа не води никаде. „Ќе го доведеме нашиот јазик до целосна пропаст“, се жалел министерот за народна просвета Александар Шишков кој се залагал за чистота на рускиот говор.
Писателот Александар Грибоедов во комедијата „Од умот си страдаме“ (1825) иронично пишувал за Русите кои се клањаат на сè што е француско, иако не умеат ниту да зборуваат на тој јазик како што треба: „Мешавина на француски и ниженовгородски (Нижни Новгород е град во внатрешноста на Русија, 400 километри источно од Москва)“. Сепак, сите благородници комуницирале на француски. Тоа бил куртоазен јазик кој се асоцирал со благородништвото и со возвишените чувства. Најпознатиот руски поет Александар Пушки се смета за втемелувач на современиот руски јазик. Проучувањето на неговата кореспонденција покажало дека 90% од писмата што тој им ги упатил на жените се напишани на француски јазик.
Популарноста на францускиот јазик почнала да опаѓа за време на војните против Наполеон во кои се спротивставиле Русија и Франција. Патриотските чувства ги терале благородниците повеќе да зборуваат на својот мајчин јазик. Понекогаш тоа било прашање на опстанок. Поетот Денис Давидов, херој на војната 1812, се сеќава дека понекогаш селаните (кои не знаеле француски, а многумина биле и неписмени) „поради неправилниот руски изговор ги третирале офицерите (благородници) како непријатели и можеле да пукаат во нив или да ги нападнат со секира.
На тој начин е завршен периодот на воодушевувањето со Франција. Многу галицизми кои влегле во рускиот во осумнаесеттиот век исчезнале од јазикот, но сепак останале и многу зборови. Русите и не размислуваат за потеклото на зборовите како што се „афиша“, „пресса“, „шарм“, „кавалер“ итн. Останале оние зборови што му биле потребни на јазикот, а непотребните исчезнале“, размислувал за историјата на заемките писателот Пјотр Вајљ. „Истото се случува и ќе се случува и со другите појави кои се преземени од странска средина“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче