Како Иван Грозни ја побарал раката на „раскалашената“ англиска кралица Елизабета I Тјудор

Russia Beyond (Photo: Иван Пелевин; Public domain)
Англиската кралица Елизабета Прва била единствената жена на која Иван Грозни ѝ пишувал во својот живот.

„...Немавме преведувач за толку важна работа и му соопштивме... усно доверливи работи од голема важност... сакајќи пријателство со тебе... Побаравме да се испрати Антон (амбасадорот Ентони Џенкинсон) да го прашаме дали ти го пренел она што му рековме, дали ги прифаќаш нашите предлози и какви ти се плановите“, ѝ пишувал Иван Грозни на англиската кралица Елизабета Прва.

Со ова писмо и со сведочењата на современиците започнува приказната за неуспешното спојување на двете династии. За какви „доверливи работи од голема важност“ станувало збор?

Како воопшто започнала преписката меѓу рускиот и англискиот монарх?

Како што обично се случува започнало од трговија. Во 1551 година на иницијатива на познатиот англиски астроном Џон Диј основано е Друштво на трговци и патници за откривање територии, земји, острови и непознати места, со цел пронаоѓање на таканаречениот Североисточен премин кој води во Кина. Меѓутоа, наместо тоа англиските трговци воспоставиле постојани трговски врски со Московското царство. Англичаните го основале Московското трговско друштво и започнале во земјата да носат калај, чоја и оружје. Во замена добивале коноп, дрво, лој и катран. Друштвото од Иван Грозни добило право на бесцаринска трговија на територијата на земјата.

Стариот Англиски двор у Москва

Порастот на трговската размена меѓу двете земји довел до жива деловна преписка помеѓу Иван Грозни и Елизабета Прва. Англиската кралица била единствената жена на која Иван Грозни ѝ пишувал во својот живот. Притоа не сите теми можеле да се стават на хартија, а информациите во тоа време ги пренесувал првиот англиски амбасадор Ентони Џенкинсон. Од деловен разговор рускиот монарх на крајот преминал на брачна понуда.

Зошто му бил потребен овој брак на Иван Грозни?

Во тој момент, а зборуваме за 1570 година, четириесетгодишниот Иван Четврти Василевич бил двоен вдовец, а покрај тоа се слушале гласини за тоа дека и двете негови жени биле отруени. Триесет и седумгодишната Елизабета Прва Тјдуор владеела со Англија веќе дванаесет години, успешно избегнувајќи ги барањата на Парламентот да најде сопруг и на англискиот трон да му обезбеди наследник.

Џером Хорси, претставник на Московското трговско друштво кој во своите сеќавања подробно пишувал за Московското царство, оставил сведочење дека Иван Грозни се распрашувал кај својот дворски лекар Елисеј Бомелиј колку години има кралицата Елизабета и дали би се согласила да се омажи за него: „И иако имаше причина да се посомнева во позитивниот исход на својата замисла, со оглед на тоа што кралицата веќе имаше одбиено брачни понуди на бројни кралеви и велики кнезови, Грозни не губеше надеж, сметајќи дека во поглед на личните квалитети, мудроста, богатството и големината е во предност во однос на другите владетели. Реши да се обиде“.

Цар Иван IV му го покажува богатството на англискиот амбасадор Хорси

Хорси ја споменува и причината која го навела Иван Грозни да побара невеста далеку од Московското царство. Таквиот брак би му овозможил засолниште на царот во Англија во случај на погубни последици од Ливонската војна или од завери во земјата од кои Грозни стравувал сиот свој живот. Овие наводи на Хорси ги потврдува и Псковскиот летопис од 1570 година, укажувајќи на намерата на царот да избега во Англија и таму да се ожени.

Во едно писмо до Елизабета од октомври 1570 година царот во повеќе наврати меѓу вообичаените прашања поврзани за трговијата споменува и некакви „доверливи прашања од голема важност“ кои Грозни ѝ ги испратил на кралицата преку нејзниот амбасадор Ентони Ценкинсон. Историчарите сметаат дека станува збор за брачна понуда која е одбиена. Иван Грозни на ова одбивање изреагирал во свој манир мошне остро. Тој во одговорот на крајот од писмото Елизабета ја нарекол „раскалашена жена“ (а, себеси вистински џентлмен), директно укажувајќи на нејзината неспособност да владее со земјата и да носи поволни одлуки за државата. Преписката била прекината долги дванаесет години.

Кралицата Елизабета и Иван Грозни

Дали Иван Грозни се обидувал да се ожени со Мери Хастингс?

Меѓутоа, неуспешната брачна понуда не го одвратила Иван Грозни од идејата да се ороди со англиското кралско семејство. Во 1582 година царот кај Елизабета го испраќа својот пратеник Фјодор Писемски со задача пред сѐ да ги разгледа условите на сојузничкиот договор со Англија, а потоа и да ги договори условите на царевиот евентуален брак со подалечната роднина на Елизабета Прва Мери Хастингс. Некои историчари сметаат дека прашањето за женидбата било тесно поврзано со потпишувањето на договорот за сојузништво и практично било негов составен дел.

Писемски добил детални упатства во врска со чувствителните прашања кои во поглед на брачната понуда на Иван Грозни би можела да ги постави Елизабета Прва. Клучното прашање се однесувало на тоа што Иван Грозни во тој момент бил во својот шести брак (според некои сведоштва дури и седми) и дека во текот на стројнисувањето добил дете. Младоженецот, меѓутоа не обрнувал внимание на овој факт и на Писемски му било наредено да вети дека царот ќе се разведе, а децата од новиот брак, дури и ако не го наследат престолот, ќе добијат големи поседи.

Писемски и Мери Хастингс

Епидемијата на чума во Лондон и очигледното отсуство на желба за склопување брак од англиска страна довело до тоа работите да се оддолжат. Англискиот амбасадор кој заедно со Писемски стасал во Московското царство наместо разгледување на условите за сојузништво на сите можни начини го премислувал царот за бракот со Мери Хастингс. Пред да е донесена конечната одлука, во 1584 година Иван Грозни починал.

Приказната за двата неуспешни обида да се ороди со Англичаните го подгреале теориите за насилната смрт на Иван Грозни. Некои историчари кои веруваат во труење на царот со арсеник и жива сметаат дека упорното настојување на Иван Четврти да се ожени со Англичанка придонело до негова смрт зашто не било во согласност со амбициите на Борис Годунов и неговите роднини. Женидбата на царот со блиска роднина на англиската кралица можело да доведе до осигурување на правото на потомците од тој брак на наследство на престолот и заобиколување на синот на Иван Грозни Фјодор Иванович за кој била омажена сестрата на Годунов Ирина. Постојат претпоставки дека токму приврзаниците на Годунов можеле да поработат на „забрзувањето“ на смртта на Иван Василевич.

Следната пригода за брак на претставници на владејачките домови на Русија и Англија се укажала дури во деветнаесеттиот век кога без оглед на противењето на двете семејства се венчале ќерката на руската императорка Александра Втора Марија и вториот син на кралицата Викторија, принцот Алфред, војвода од Единбург.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња