10 стари збора: За подобро да ја сфатите Стара Русија

Кира Лисицка (Photo: Максим Дмитријев; Public domain)
Во многубројните слоеви на руска лексика постојат изрази чие потекло е длабоко во минатото. Тие со своето значење го доловуваат времето во кое настанале и начинот на живот во стара Русија.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Изба

„Пејзаж со колиба“

Во царска Русија „изба“ бил назив за секоја просторија или за дел од просторија која се загрева, односно кадешто стои печката. Дури и одаите во царските дворци можеле да се наречат „изби“. На пример, „Передняя изба“ е првата соба во која влегуваат гостите во машката половина од дворецот, а „отхожая изба“ бил тоалетот. Според тоа, во Русија и селаните и царевите живееле во изби. Изба била и куќа, а нејзиниот централен дел (колиба со четири ѕида) се нарекувал „клеть“ (ќелија). Ако „ќелијата“ не стоела на земја, ами на дрвен или на камен темел („подклеть“), таа се нарекувала „горница“.

Община (мiр)

„Селански состанок“

„Община“ бил облик на организација на селската заедница. Во исто значење се користел и зборот „мiр“ (свет, заедница), а тој според стариот правопис (кој важел во царска Русија) се пишувал со таканареченото десетерично „i“ со цел да се разликуваат зборовите „мир“ (мир, отсуство на непријателство) и „мiр“ (заедница, свет). „Община“ носела колективна одговорност за своите членови, можела да ги избира своите претставници и соборно да решава прашања кои се однесуваат на сите членови. Една од главните општествени цели на болшевиците по револуцијата 1917-1918 година била да се уништи системот на „општини“ и со самото тоа да се уништат темелите на исконскиот селски собор.


Вече

„Вече“

Со зборот „вече“ во Русија се нарекувало народното собрание кое се свикувало за разгледување на насушните прашања од општествениот живот. „Вече“ бил орган на непосредната демократија. Во него учествувале мажите, односно главите на слободните семејства, а значењето на нивните гласови зависело од нивниот општествен статус. Кога е формирана Руската држава во неа определено време функционирал „Земский собор“, орган на претставничката власт во кој учествувале претставниците на сите земји и на кој се решавале најважните државни прашања. Земскиот собор можел да одлучува за избор на цар, да собира доброволци и да формира единици во случај на војна и да носи важни државни документи како што се на пример „Судебник“ или „Соборное уложение“.

Князь

„Двор на феудален кнез“

Кај Словените „князь“ (кнез) бил водач на племето и воедно зачетник на родот. Сo текот на времето така почнале да се нарекуваат владетелите на ранофеудалните држави, односно на кнежевствата. Во нив кнезот бил предводник на воената дружина којa го штитела населението од наезди и од разбојници, а воедно бил и главен арбитер во сите судски спорови и верски поглавар. Со развојот на општеството и на државата се појавиле „великие князья“ (велики кнезови) кои управувале со кнежевствата и „удельные князья“ (феудални кнезови) кои немале ниту свои кнежевства, ами им служеле на великите кнезови. Иван Грозни е првиот велики кнез московски кој бил крунисан за цар. Така во Русија се појавил владетел кој имал поголемо значење од сите останати кнезови.


Дружина

Одмор на великиот кнез Владимир Мономах по лов.

„Дружина“ била воената дружина на кнезот, неговата гарда. Во прво време „дружината“ ја сочинувале најблиските пријатели и воени другари на кнезот, и тие на биле само негови соборци, ами и негови советници во војна и во мир. Од 12 век се појавила „лучшая дружина“ (најдобра дружина), која ја сочинувале болјари, односно најблиските пријатели и советници на кнезот. Тие задолжително учествувале во бој заедно со кнезот (оттука и зборот „боярин“). „Молодшая дружина“ (помлада дружина) била побројна гарда на кнезот која исто така учествувала во воени походи и во борби, но не и на советувањата и во владеењето. Во случај на загинување на кнезот, дружината можела да се распадне, а можела и да премина во служба на неговиот наследник или на победникот. Кога била формирана Московската држава дружината престанала да постои, давајќи го своето место на болјарскјата организација.

Хоромы

Палатата на Алексеј Михајлович во Коломенское. 1832 година. Реконструкција.

Зборот „хоромы“ (староруска варијанта на зборот „храм“) во Русија се користел како назив за голема градба од дрво која се состоела од многу „ќелии“ споени со премини. Доколку овие градби биле од камен, тогаш тоа не биле „хоромы“, ами „палаты“ (палата). Дрвената варијанта никогаш немаше типска конструкција. Колку што градбата била пооргинална, толку била и подобра. Затоа царските или кнежевските „хоромы“ постојано се доградувале. Овој своевиден „ѕидарски неред“ и постојаната реконструкција имале за цел да ја покажат моќта на владетелот и неговото богатство.

Ряд

Брзопис

Зборот „ряд“ во современиот руски јазик значи исто што и на македонски „ред“. Тоа е континуитет на определени истородни предмети или појави. Меѓутоа, во стара Русија овој збор означувала „договор, спогодба“. Не ни е чудно што зборот „поредок“ е од ист корен. Постоеле многу изрази кои го содржеле овој корен и неговото значење. Документот со кој се потврдува „ряд“ се нарекувал „рядная грамота“. „Ряд“ можел да биде склопен како помеѓу луѓе со ист општествен статус, така и меѓу кнезовите и неговите дружини, меѓу кнезот и неговите поданици, односно жителите на неговото кнежевство, па дури и помеѓу градови и области. Овој договор обично се склопувал во присуство на сведоци кои се нарекувале „послухи“. Нивните имиња се наведувале во „рјадната грамота“.

Кром

Зборот „кром“ во стара Русија имал значење на утврден објект кој служел за одбрана од непријателот. Тоа е еден од најстарите зборови во рускиот јазик. Тој води потекло од праиндоевропскиот збор *kʷrom со значење „плот“. Токму од него и потекнува познатиот збор „кремљ“, односно тврдина во стара Русија. Определени тврдини до денешен ден го зачувале овој збор во својот назив. На пример жителите на Псков и денес својата тврдина ја нарекуваат „кром“, а не „кремљ“.

Барин

„Продажба на девојка“. Сцена од животот на кметовите.

„Барин“ во Русија бил секој човек кој имал високо звање, богатство или углед. Изразот потекнува од претходно споменатиот збор „боярин“. Меѓутоа, „боярин“ можел да биде само член на кнежевскиот совет и затоа за останатите угледни луѓе се користела скратената варијанта „барин“. Кога се појавило кметството „барин“ станал секој земјопоседник кој поседувал и кметови. Оттука потекнува и зборот „барщина“, односно обврска на кметовите да работат за својот „барин“.

Копейка

Копејка

Копејка во Русија била паричка која никогаш не ја менувала својата номинална вредност, односно секогаш била (па, и денес е) стоти дел од рубљата. Од 1535 година во Русија почнале да се коваат пари на кои е прикажан светецот Георгиј Победоносецот (кај народот се нарекувал „Егориј“, „коњаник“, „јавач“) со копје во раката. Од копјето настанал и називот „копејка“. На Русите оваа парична единица отсекогаш им била особено драга. Не случајно настанала изреката „копејката ја чува рубљата“. Во Русија постојат дури и неколку споменици кои се подигнати во чест на копејката. Денес копејките практично не се користат во секојдневниот живот, но и покрај тоа повлекувањето на оваа парична единици од оптек не е во план.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња