Зошто Ленин го смета Толстој за „огледало на руската револуција“

Legion Media
Секој Русин ја знае таа фраза уште од детство, но ретко кој прашал што всушност значи таа. Зарем идеите на револуцијата се рефлектираат во идеите на Толстој?

„Лав Толстој како огледало на руската револуција“ - оваа позната фраза е всушност наслов на статијата на Ленин, напишана во 1908 година. Ленин ја напишал додека бил во емиграција во Женева и ја објавил во сопственото списание „Пролетер“.

Во тој момент, до револуцијата од 1917 година имало уште неполни десет години, така што Ленин всушност ја имал предвид првата револуција од 1905-1907 година, како и револуционерниот процес во целина, т.е. самата идеја за револуција.

Зошто Ленин пишувал за Толстој?

Владимир Илич Ленин

Логично е да се претпостави дека Толстој и Ленин биле на сосема спротивни страни и дека ги делел огромен јаз. Толстој бил гроф, класик на руската литература на XIX век, кој многу размислувал за христијанската вера. Ленин исто така бил интелектуалец, но непомирлив атеист кој пропагирал револуција и се залагал за соборување на монархијата и отфрлање на сите стари правила. На Ленин секако не му била потребна поддршка од стариот писател, но за целите на пропагандата тој мајсторски ја експлоатира личноста на Лав Толстој како неспорна национална величина и највлијателен жив руски писател.

Водачот на светскиот пролетаријат ја пишува својата статија по повод 80-тиот роденден на Толстој во време кога целиот руски печат, според него, е „преплавен со лицемерие“. Имено, сите пишувале за книжевните дела на Толстој и нивната уметничка вредност, за неговите филозофски сфаќања и доктрини, а Ленин укажува на политичките и општествените ставови на славеникот.

Пофалба и критика

Ленин држи говор за да го мотивира народот за учество во Советско-полската војна.

Истакнувајќи ја големината на писателскиот талент на Толстој, Ленин детално ги анализира неговите сфаќања и во исто време доста го критикува.

Од една страна, Толстој е гениј од кој се изнедриле „недостижни прикази на животот во Русија“ и кој искрено протестира против општествената „лага и фалш“, ја критикува власта и автократијата, сé поголемото богатство и сé поголемата сиромаштија. Од друга страна, тој е „хистеричен мекотел кој ужива статус на руски интелектуалец“, спахија и проповедник на „религијата, т.е. една од најодвратните работи што постојат на светот“.

На Ленин му пречи и главниот принцип на Толстој за „непротивење на злото по пат на насилство“. Како што е познато, Ленин сметал дека теророт е важна и неразделна компонента на револуцијата (како и насилното ослободување од царската власт). Тој истакнува дека христијанските идеи како „вртењето на другиот образ“ само ѝ пречат на револуцијата и дека всушност тука станува збор за човековата слабост и неспособноста да се бори за своите права.

Што се „огледало“ во Толстој?

Лав Толстој

Меѓутоа, Ленин не ги смета сите тие противречности за случајни. Напротив: „Противречностите во сфаќањата на Толстој <...> се огледало на оние противречни услови до кои е доведено историското дејствување на селанството во нашата револуција“. Нему му се чини дека е логично што Толстој со такви сфаќања „не можеше целосно да го разбере ниту работничкото движење, ниту неговата улога во борбата за социјализам, ниту руската револуција“.

Згора на тоа, во противречностите на Толстој Ленин ги гледа противречностите на самата револуција и смета дека е важно да се истакнат и расплеткаат. „Толстој е одраз на акумулираната омраза и созреаниот стремеж кон подобро, желбата човекот да се ослободи од минатото и [од друга страна] незрелоста на мечтаењето, политичката невоспитаност и револуционерната млитавост“.

За него, Толстој не е олицетворение на пролетаријатот, туку на патријархалното руско село. А токму во тоа село, според мислењето на Ленин, и треба да се роди бунтот против капитализмот.

Каков став имал Толстој кон револуцијата?

Толстој навистина имал некои револуционерни идеи. Во 1905 година, во написот „Големиот грев“, тој напишал: „Рускиот народ <...> сè уште е земјоделски народ и сака и да остане тоа “. А најголемото зло е лишувањето на луѓето од природното право да ја користат земјата. Писателот повикувал на укинување на приватната сопственост кога е во прашање земјиштето (и во тоа е неговата сличност со Ленин) и земјата да му припадне на народот, т.е. на оние кои директно ја обработуваат.

Демонстрации по повод Празникот на трудот, Тверскаја улица, Москва, 1 мај 1918.

Толстој пишува дека рускиот народ не треба „да стане пролетер, како народите на Европа и Америка“. Тој сметал дека Русите имаат свој сопствен пат и дека тие, според неговите сфаќања, треба да им го покажат и на другите народи патот на „разумен, слободен и среќен живот надвор од индустриското, фабричкото, капиталистичкото насилство и ропството“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња