Руската историја раскажана во десет уметнички слики

Државна Третјаковска галерија/Јавен домен
Руските уметници ги забележаа најсудбоносните и најдраматични настани во текот на десетвековното постоење на Русија.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Василиј Перов, Првите христијани во Киев, 1880.

Христијанството кое дошло од Византиската империја се раширило во стара Русија долго пред официјалното крштевање на земјата, иницирано од киевскиот кнез Владимир во 988 година. Според некои податоци, уште кон крајот на IX век новата вера била прифатена од киевските владетели Асколд и Елен со благородниците и дел од народот. Со сигурност се знае за крштевањето на кнегињата Олга, која владеела со Киевска Русија во средината на Х век.

Павел Риженко, Калка, 1996.

Првиот воен судир меѓу Русија и Монголската империја се случил на 31 мај 1223 година на реката Калка, на просторот на денешна источна Украина. Здружени со номадите Кумани, Русите се обиделе да ги запрат освојувачите на приодите до својата територија, но претрпеле страшен пораз. Дванаесет кнезови загинале, а од целата војска останал само десетти дел од неа. Сепак, без оглед на поразот, не дошло до упад на Монголите во Русија. Тоа се случило четиринаесет години подоцна.

Михаил Авилов, Дуелот на Пересвет и Челубеј на Куликово поле, 1943.

На 8 септември 1380 година московскиот кнез Дмитриј Иванович ја поразил војската на монголскиот војсководец Мамај во Битката на Куликово поле, 270 километри јужно од Москва, со што бил направен важен чекор во ослободувањето на Русија од владеењето на хановите. Легендата вели дека на судирот му претходел дуел на најсилните воини од двете страни - монахот Пересвет и војникот Челубеј. Противниците се избоделе до смрт со копја, по што Монголот паднал од седлото, а коњот на болјарот го донел својот мртов господар во редовите на руската војска.

Василиј Суриков, Стенка Разин, 1908.

Кон крајот на шеесеттите години на XVII век, во Руската држава избувнало големо востание на селаните и козаците, кои се кренале против сé посилното феудално угнетување. На чело  на таканаречената Селанска војна застанал козачкиот атаман Степан Разин. Востаниците успешно дејствувале на подрачјето на сливот на реката Волга, па дури се подготвувале да тргнат и на Москва, но биле разбиени под ѕидините на Симбирск, денешен Улјановск. Разин бил заробен во април 1671 година и веднаш префрлен во престолнината. По бруталното мачење на Црвениот плоштад му биле отсечени главата, рацете и нозете.

Алексеј Коцебу, Битката кај Нарва, 1846.

На почетокот на XVIII век Русија, Саксонија, Реч Посполита и Данско-норвешкото кралство се спротивставиле на хегемонијата на Шведска во Балтичкото Море. Сепак, Северната војна на почетокот воопшто не била лесна за сојузниците. На 30 ноември 1700 година, во битката кај Нарва, младиот крал Карл XII ја поразил руската војска. Судбината си поиграла со Швеѓаните, затоа што поверувале дека со царот Петар Велики било готово. А всушност, по поразот кај Нарва, Петар започнал со модернизација и вооружување на својата војска, што на крајот довело до негов триумф во битката кај Полтава 1709 година.

Василиј Суриков, Меншиков во Берјозово, 1883.

Блискиот соработник на Петар Први Александар Меншиков бил еден од највлијателните државници во Русија во првата половина на XVIII век. По смртта на императорот во 1725 година кнезот практично ја водел земјата, кога на престолот дошла неговата сопруга Екатерина I. Меѓутоа, Меншиков, не поживеал уште долго. По смртта на царицата, во 1727 година тој ја изгубил битката за власт и бил протеран во Сибир, каде што починал две години подоцна.

Василиј Верешчагин, Наполеон и маршал Лористон (Мир по секоја цена), 1900.

Заземањето на Москва од страна на Големата армија на Наполеон во Татковинската војна 1812 година не довело до капитулација на Русија, на што францускиот император искрено се надевал. Во текот на речиси три недели Банапарта се наоѓал во градот залудно чекајќи ги емисарите на царот Александар I со предлози за склучување на мир. Меѓутоа, со доаѓањето на студените денови, ситуацијата станувала сé покритична за неговата војска. На 3 октомври тој го испратил грофот Жак Александар Ло де Аристон кај врховниот командант Михаил Кутузов во логорот на руската војска кај селото Тарутино со порака: „Потребен ми е мир, неопходно ми е потребен, по секоја цена, спасете ја само честа“.

Меѓутоа, договор со Русите всушност не бил можен и Големата армија на 19 октомври ја напуштила Москва.

Иљја Репин, Прием на обласните старешини кај императорот Александар III во дворот на Петровскиот дворец во Москва, 1885.

Владеењето на императорот Александар III (1881-1894) било еден од најмирните периоди во историјата на Русија, време кога империјата не водела ниту една војна. Наречен „Миротворец“, царот склучил воено-политички сојуз со Франција, поставувајќи ги темелите на идната Антанта. Со Англичаните требало да преговара малку подолго, а соработката била воспоставена дури во 1900-тите, за време на Николај II.

Иљја Рјепин, Демонстрациите на 17 октомври 1905 година, 1911.

По тешкиот пораз во војната против Јапонија, во империјата избувнала Првата руска револуција од 1905-1907 година. Не успевајќи да излезат на крај со растечкиот бран на општествено незадоволство, властите се повлекле. На 17 октомври 1905 година Николај II издал манифест со кој се дава слобода на совеста, говорот, собирање и здружување и проширување на овластувањата на Државната Дума. Парламентот, наместо дотогашниот државен орган кој првенствено се занимавал со разгледување на законски предлози, без право на нивно донесување, станал законодавен орган. Сепак, без разлика колку напорно царот се трудел да направи сé што е во негова моќ за да ги укине ограничувањата на својата власт, социјалните тензии во руското општество се задржале сé до револуцијата во 1917 година.

Михаило Хмеленко, Триумфот на победничката Татковина, 1949 година

Воена парада во чест на победата на Советскиот Сојуз над Германија во Втората светска војна се одржа на 24 јуни 1945 година на Црвениот плоштад. Двесте трофејни германски знамиња и стандарди беа фрлени во подножјето на Мавзолејот, на кој во тоа време се наоѓаа раководството на земјата и највисоките советски воени старешини. Според некои приказни, идејата за ваква церемонија на Сталин му ја дал Евгениј Тарле, историчар, кој го запознал лидерот со римската традиција на фрлање знамиња на поразениот непријател пред нозете на Цезар.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња