4 основни тајни на романот на Толстој „Ана Каренина“

Working Title Films
Современиот руски писател и книжевен критичар Павел Басински напиша еден вид водич низ овој комплексен роман. Ова се неговите основни набљудувања и откритија.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“сме секогаш со вас!

Ако прочитате една иста книга неколку пати на различна возраст или дури и во различно расположение, обично во неа ќе пронајдете нови детали и нова смисла. Експертот за творештвото на Лав Толстој и авторот на неговата биографија Павел Басински ја прочитал „Ана Каренина“ десетина пати и му се чинело дека секој пат тоа е сосема поинаков роман. Тогаш решил своите откритија и размислувања да ги собере во книгата „Вистинската приказна на Ана Каренина“. Ова се некои од неговите најинтересни набљудувања.

Романот е инспириран од Пушкин

По успехот на „Војна и мир“, Толстој решил да продолжи да ја проучува историјата и да напише роман за Петар I. Сепак, не успевал да создаде живи ликови, бидејќи не му поаѓало од рака да ја доживее премногу далечната доба. Сепак, креативната криза му донела инспирација на друго поле, во форма на „роман од приватниот живот и современата епоха“. Во 1873 година во рацете на Толстој случајно се нашла книга што неговата сопруга Софија Андреевна случајно ја оставила. Тоа биле „Расказите на Белкин“ на Пушкин. Тој почнал повторно да ги чита, при што особено го трогнал недовршениот извадок „Гостите се собираа во летниковецот“. Тука е опишан почетокот на една оперска вечер во високото општество со ненадејното појавување на извесна дама по име Вољска, која веднаш го привлекува општото внимание. „Таа е ужасно каприциозна“, велат за неа. Се шушка и дека има љубовник.

Толстој бил воодушевен што Пушкин „веднаш гаѓа директно во целта“, воведувајќи го читателот во средината на случувањата. Тој самиот решил да примени слична постапка, а потоа му се појавуваат контури на цел роман. И додека извадокот на Пушкин започнува со зборовите „Гостите се собираа во летниковецот“, романот на Толстој нè воведува во центарот на дејството со кратка реченица: „Во куќата на Облонски е вистинска тревога“.

Во една од бројните ракописни верзии на „Ана Каренина“, Толстој дури започнува со опис на монденска вечер и гласини за неверството на една дама. Но, на крајот, тој одлучува да не почне од ефектната сцена карактеристична за романот, туку од обична семејна ситуација во куќата на Облонски. Тоа е споредната линија на романот, но, како што истакнува Басински, „тоа го отсликува самиот живот во неговата неизвештаченост“.

Патем, ликот на Каренина бил делумно инспириран од познанството на Толстој со постарата ќерка на Пушкин, убавуцата Марија Гартунг, која му оставила длабок впечаток.

Постарата ќерка на Пушкин Марија Гартунг (1832-1919), дело на портретистот Иван Макаров, 1860.

Дали е „Ана Каренина“ плагијат на „Мадам Бовари“?

Гистав Флобер го напишал својот роман 20 години пред „Ана Каренина“. И иако не постојат директни докази дека Толстој го читал „Мадам Бовари“, сижето е многу препознатливо: жена го изневерува својот благороден сопруг и го завршува својот живот со самоубиство (Бовари се отрула). Басински смета дека Толстој намерно не спомнува дека го знае овој роман на Флобер. Тој коментирал други дела на овој автор, а во разговор со француските новинари го нарекол Флобер голем мајстор. Францускиот писател го изостава и самата Каренина. Таа во разговор со Левин напоменува дека ги читала Емил Зола, Алфонсо Доде, но не го наведува Флобер, иако овој популарен автор едноставно не можел да помине незабележан кај една светска дама. Басински смета дека зад ова избегнување стои самиот автор.

Кадар од филмот „Мадам Бовари“, 1949.

Индиректно Толстој дава одговор на можноста за плагијат, кога зборува за француската книжевност: „Не го делам ставот за наследната низа Стендал - Балзак - Флобер. Генијалците не произлегуваат еден од друг: генијалецот секогаш се раѓа независно од другите“.

Басински детално ги анализира и личностите на Ана Каренина и Ема Бовари, откривајќи дека тие се речиси спротивни. Ана е светска дама поради која мажите го губат умот, додека Ема само сонува да биде таква. Ана е „тајфун што носи сé со себе и поради кој страдаат луѓето“, а Ема е неволна жртва на својот сон за голема романтична љубов.

Во Левин Толстој се опишува себеси

Во првата верзија на сè уште „многу монденскиот“ роман не постоела линијата на сижето за Кити и Левин, а тоа е всушност уште еден живот нетипичен за романите, поради што оваа книга е толку ценета.

Константин Левин е веројатно единствениот лик на романот кој има само еден и сосема прецизен прототип: самиот автор. И неуспешното прво запросување на Кити, и неговата работа во полето, и одредениот „див“ карактер на Левин, сето тоа се сосем извесни карактеристики на личноста на Толстој и детали од неговата биографија.

Левин (лево) во филмот „Ана Каренина“ 2012.

По самоубиството на Ана, кога, според сите канони, романот требало да веќе да заврши, Толстој продолжува да зборува за селското секојдневие на Левин. Најчесто бројните екранизации на романот завршуваат токму на тоа место, а крајот на романот што следува одбил да го објави и издавачот на Толстој. Романот бил објавуван во делови во списанието „Руски весник“, а финалето не можело да биде објавено од политички причини. Имено, Левин негативно ги оценува руските доброволци во Српско-турската војна 1876-1877 година (каде во очај по смртта на Ана заминува и Вронски). Сите знаеле дека тоа се мислите на пацифистот Толстој.

Меѓутоа, за да им ја објасни оваа одлука на читателите, издавачот ја објавил напомената: „Во претходното издание, под романот „Ана Каренина“ пишува: „Крајот следува“. Но, со смртта на хероината, романот е всушност завршен“, Толстој  бил бесен! За него приказната за Левин и Кити беше многу поважна од приказната за Ана и Вронски, бидејќи тоа беше неговата приказна“, пишува Басински.

Сцената на фрлањето под возот Толстој ја зема од реалниот живот

Илустрација на романот „Ана Каренина“, дело на Александар Самохвалов

Во руската литература женските ликови повеќе се фрлале во вода отколку под воз. „Толстој сам не ја смислил оваа сцена. Таа била премногу радикална за тоа време“, смета Басински. Тогаш, од каде таквиот пресврт?

Недалеку од Јасна Полјана, семејниот имот на Толстој, има црковни гробишта каде почиваат членовите на семејството на Толстој. Таму може да се најде и напуштениот надгробен споменик на извесна Ана Пирогова. Таа 32-годишна немажена жена решила да се фрли под воз за да му се одмазди на соседот на Толстој, великопоседникот А. Н. Бибиков, кај кого работела како управител на домаќинството. Тој бил во љубовна врска со неа, а потоа запросил друга жена. Белешката за овој трагичен настан се наоѓа во дневникот на сопругата на Толстој Софија Андреевна. Како што тврди Басински, писателот се наоѓал во салата за анатомија за време на сецирањето на нејзиното тело и тоа му оставило силен впечаток (како и врз Вронски погледот на мртвата Ана).

Патем, во претходната верзија на романот телото на Каренина е пронајдено во река. „Ниту една од варијантите на самоубиството нема толку шокантен ефект врз имагинацијата како сцената во која убава млада жена дозволува да биде прегазена од грамада  тешка неколку тони“, смета Басински. Подоцна тоа станува култна сцена во театарот и филмот. Ја играа ѕвезди како Грета Гарбо, Вивиен Ли, Софи Марсо, Кира Најтли и многу други. За актерката тоа е исто како што е за актерот монологот на Хамлет „Да се ​​биде или не“, смета Басински.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња