4 филма на Михалков што влегоа во историјата на светскиот филм

Никита Михалков.

Никита Михалков.

ТАСС
Никита Михалков кој е еден од најпознатите живи филмски режисери од Русија на 21 октомври го прославува својот 70-годишен јубилеј. „Руска реч на македонски“ ве потсетува на неговите легендарни филмови.

РОБИНКА НА ЉУБОВТА, 1975

Еден од првите успешни режисерски искуства на Михалков е драмата со ѕвезди од немиот филм, која заедно со филмската екипа бега на од Москва која е окупирана од болшевиците на снимање на Црно море, со надеж дека овој кошмар набргу ќе заврши. Во филмот многу убаво е прикажана атмосферата на илузиите на интелигенцијата, која се крши врз прозата на суровата реалност. Со голема иронија Михалков го прикажува апсурдот на „креативниот процес“, импровизирајќи сцени со тешка салонска мелодрама. Имено во „Робинка на љубовта“ за првпат се забележува неговиот авторски потпис: носталгијата по изгубените вредности на руската интелигенција, подробноста во предавањето детали од битот што заминува во минатото. Хероината на филмот се вљубува во камерманот на филмот, кој излегува дека е скриен болшевик. Филмот е сниман кон средината на седумдесеттите години од минатиот век, и, според концепцијата од тој период, на крајот хероината се уверува во чистотата и благородството на болшевистичката идеја и во очај им вреска на белогардејците кои пред неа го стрелаат нејзиниот сакан „Вие сте ѕверови, господа!“. Филмот беше со восхит прифатен од гледачите на СССР, доби награда за режија во Техеран, беше високо оценет во Њујорк и во Лос Анџелес, награден со највисоката награда National Board of Review, USA.

НЕЗАВРШЕНА ПИЕСА ЗА МЕХАНИЧКОТО ПИЈАНО, 1977

Ова е една од најдобрите екранизации на дело од Чехов. Во нејзината основа е поставена малкупознатата драма „Платонов“ и мотиви од неколку раскази на овој руски писател. Чеховските размислувања за суетата и за бесплодноста на интелектуалните алтруистички пориви, за јазот помеѓу „обичниот народ“ и оние што му се предаваат на празниот разговор за неговата тешка судбина, авторот на филмот го предава со топол хумор, малку гротескно, но и малку носталгично. Херојот на филмот, кого претходно го одржувале идеите да им служи на луѓето, да го носи разумното, доброто, вечното, болно го преживува крахот на младешките романтични мечтаења и својата непотребност, со што доаѓа до работ на самоубиство. Во овој филм прозвучува авторската мелодија на Михалков, поезијата на руските краишта што замина во минатото. Филмот има добиено голем број награди, меѓу кои „Големата златна школка“ на фестивалот во Сан Себастијан, „Златен Хуго“ на фестивалот во Чикаго, „Давид ди Донатело“ во Италија.

ЦРНИ ОЧИ, 1987

Најпознатиот фил на Никита Михалков надвор од Русија. Во него режисерот повторно се обраќа кон Чехов и кон неговата позната новела „Дамата со кученце“ за случајната средба во едно приморско гратче на еден успешен чиновник од московска банка и една мажена жена од провинција, за нивната ненадејна љубов која се претвора во трагичен двобој помеѓу страста и долгот кон семејството. Михалков го сними овој филм со Италијанци, сметајќи на интернационалната публика. Улогата на главниот херој му беше доделена на легендарниот Марчело Мастројани, а дејствието делумно се одвива во Италија, каде и се случува судбоносната среќа на богатиот Италијанец со Русинката. Со оглед на публиката, Михалков во филмот користи голем број популарни легенди за таинствениот руски карактер и богато го украси филмот со руска егзотика и со цигански романси. Неговата пресметка излезе точна: филмот имаше забележлив успех во странство, Мастројани доби награда за најдобра машка улога во Кан и беше номиниран за „Оскар“, неговиот дует со руската актерка Елена Сафонова ја доби наградата „Давид ди Донатело“, а филмот беше номиниран и за „Златен глобус“.

ИЗМОРЕНИ ОД СОНЦЕТО, 1994

Ова е најуспешниот филм од целата трилогија што подоцна беше снимена за судбината на командантот Котов (кого го игра Михалков) – предан комунист кој бил сакан од Сталин, но пред војната, како и многумина фаворити на диктаторот, бил уапсен. Ова е филм за моралните дилеми што во сталиновата доба ги имал секој, за лошотијата на тираните, за опасната двојна смисла на секоја ситуација, на секоја обична реплика. Ова е филм за тоа како дури и најпознатите луѓе во Русија во еден миг станувале логорска прав, и за тоа што кога се проштеваме од семејството накусо, може да значи проштевање засекогаш. Филмот е најголемото нешто што го има направено Михалков, а ова беше признаено на Канскиот фестивал (гран-при) и од членовите на Американската филмска академија (награда „Оскар“ во категоријата најдобар филм од неанглиско јазично подрачје). Британскиот драматург Питер Фланери според филмот напиша и пиеса, чија премиера се одржа во Лондон во 2009 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.