Првата македонска национална програма е напишана во Русија

Македонското научно – литературно другарство во Санкт Петербург претставува најзначајна македонска национална асоцијација на македонската емиграција воопшто. Основано е во Санкт Петербург на 28 октомври 1902 година, со потписите на 19 национални дејци од сите краишта на Македонија. Меѓу потписниците се Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Дијамандија Мишајков, Стефан Јакимов Дедов и други.

Прв привремен претседател бил Дијамандија Мишајков, а од почетокот на 1903 година па се до 1917 година, тоа место го заземал Димитрија Чуповски. На 12 ноември 1902 година до Руската влада и до Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно братство, Македонското научно – литературно другарство испратило Меморандум, што всушност претставува прва национална програма, во која се бара признавање на Македонците како посебна нација и народ, со посебен македонски јазик и култура, со своја црква, во границите на Турција. И покрај противењето на другите балкански друштва во Русија, сепак, Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно – литературно другарство, како рамноправен член на Советот. За таа цел му дало простории во кои другарството би можело да одржува редовни состаноци и советодавни седници. Од денот кога Советот на С. Петербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно – литературно другарство, доаѓала константна помош од руските организации од овој тип. Во Русија се печателе книги, брошури, летоци, кои ја објаснувале улогата, задачата и целта на МНЛД. Особено значаен е фактот што во Македонското научно – литературно другарс­т­во, со помош на Советот на С. Петербуршкото братство, била создадена првата книга на современ македонски литературен јазик, со фонетски правопис. Станува збор за книгата на Крсте Петков Мисирков За Македонцките работи. Книгата „За македонцките работи“ била отпечатена во 1903 година во Софија, тогашно Царство Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Самата книга има над 120 страници и поделена на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија. Со тоа може да заклу­чиме иако книгата е печатена во Софија, таа всушност е создадена во Русија.

Уште на првите состаноци на Македонското научно – литературно другарство се поставиле целите на другарството. Биле определени границите на Македонија, Другарството требало да ја развива македонската национална свест помеѓу еми­гра­ци­јата, да ја негува културната, духовната и научна традиција на Македонскиот народ, да ги обединува сите Македонци без разлика на нивното образование и убедување.

Задачите на Другарството предвидуваат организирање собранија и предавања, читање реферати, раскази, собирање и зачувување на народни умотворби, со еден збор зачувување на македонската традиција и култура. За прв пат во македонската историја бил воведен македонскиот јазик како службен јазик. Сите овие цели и задачи биле концепирани во Уставот на македонското научно – литературно другарство донесен на 16 декември 1903 година.

Букурешт: 100 години подоцна

Картата на Македонија изработена од Д. Чуповски (1913).

Една од задачите на Македонското научно – литературно другарство била и отворање на македонски училишта, при што се правеле подготовки за реализирање на оваа важна задача. Се подготвувале буквар, читанки, граматика итн. За реализација на оваа задача пратеници од Македонското научно – литературно другарство се сретнале со турскиот и австрискиот амбасадор во Русија. Емисари патувале низ Македонија за да собираат потписи од граѓаните што сакале и барале да учат на мајчин јазик. За таа цел во 1905 година претседателот на Македонското научно – литературно другарство, Димитрија Чуповски го обиколил Солунскиот и Битолскиот вилает.

Со помош на руското друштво, Димитрија Чуповски го основал посредничкото биро “Трудовој посредник” и на руски јазик го издава годишникот „Дѣловой Петербургъ“. Овој годишник излегувал во периодот од 1909 до 1910 година.

Во периодот од 1910 до 1911 година се прават напори за обновување на Житошкиот манастир со помош на Руската православна црква и во него да се отвори занаетчиско училиште на македонски јазик.

Македонската емиграција во Русија: почетоци
Статија е посветена на почетоците на македонската емиграција во Русија.

По Балканските војни, Македонија била “ослободена” од страна на “братските” балкански сојузнички војски. Следува ново поглавје во балканските случувања. Етничката територија на Македонија била поделена од сојузничките балкански држави. Македонската емиграција во САД, Канада, Швајцарија, а особено во Русија, остро реагирале против поделбата на Македонија. Тие зазеле став за неделивост на македонската етничка целина, за решавање на македонското политичко, национално и црковно прашање. Димитрија Чуповски, како претседател на Македонското научно – литературно другарство, зимата 1912 – 1913 година, допатувал во Македонија обидувајќи се да го организира отпорот против поделбата на Македонија, сакајќи да му овозможи на македонскиот народ создавање на своја независна држава. Се сретнал со видни револуционери како Павел Шатев, Петар Поп Арсов, Алексо Мартулков, Ризо Ризов и други. Но, неговата активност била откриена од новите власти, па бил протеран.

По враќањето во Санкт Петербург, Димитрија Чуповски и Македонското научно – литературно другарство на 13 март 1913 година испратиле Меморандум до Конференцијата на големите сили во Лондон во кој барале  правилно решавање на македонското национално и црковно прашање.

По завршувањето на Конференцијата, на 20 јули 1913 година, до владите на балканските држави бил испратен втор Меморандум во кој се барало автономија на Македонија. Македонското научно – литературно другарство барало Македонија во своите етнографски, географски, историски и културно-просветни граници да биде оформена како самостојна држава, рамноправна со своите балкански соседи и секако, обновување на Охридската архиепископија.

Пoкрај сите овие дејности кои ги организирале Чуповски и МЛНД, тие заедно со Крсте Петков Мисирков како заеднички акт од Петроградската и Јужноруската коло­ни­ја поднесуваат опширен Меморандум до рускиот министер за надворешни работи на 14 август 1914 година. Заедно со Наце Димов и Друштвото за помош на почет­ни­ци­те литератори, артисти, уметници и научници на Русија тие организираат и Словенски лазарет за ранетите руски воини во 1915 година. Ова ја потврдува соработката помеѓу Македонците во Русија и руските научни кругови.

Другарството како активен чинител на македонската емиграција постои до 1917 година. Последниот расположлив документ кој го носи потписот на Македонското научно – литературно другарство е Програмата на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград од 18 јуни 1917 година.

Македонското научно – литературно другарство претставувало единствена интелектуална организација на македонската емиграција во Русија. За краткото време колку што постоела, оваа организација силно се залагала за решавање на македонското национално и црковно прашање. За таа цел, биле остварувани средби, биле испраќани меморандуми до видни политичари од Русија, балканските земји, европските сили.

Поради фактот што во Македонското научно – литературно другарство членувале видни интелектуалци, со право се верува дека токму оваа организација во Русија претставува темел на Македонската академија на науките и уметностите, која ќе се формира многу подоцна, во слободна Македонија.

Со ова се покажува дека првите, понови, современи интелектуални стремежи своја плодна почва нашле во Русија. Тоа секако е резултат и на блискоста на културите  и македонската емиграцијата која таму се образувала. Овие историски релации се влог во идните руско-македонски односи и повик за идна соработка и истражување. Руските архиви, сеуште кријат бројни информации за Македонија, а руската култура сеуште може да биде инспирација за идна соработка.

 


Текстовите во рубриката „Блогови“ се став на авторот и не секогаш ја одразуваат позицијата на редакцијата на „Руска реч на македонски“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња