Одамна не е снимен олку добар руски филм за Втората светска војна

Вадим Шмељов/Централ Партнершип, 2020.
Филмот „Подољски кадети“ е снимен со големо почитување и внимание кон историските факти. Источниот фронт се прикажува сосема поинаку од она на што се навикнати западните гледачи.

На почетокот на ноември во руските кина започна да се прикажува филмот „Подољски кадети“ („Подольские курсанты“). И веднаш засени голем дел од поновите филмски остварувања посветени на советско-германскиот судир во Втората светска војна. Руската публика високо го оцени филмот, а наскоро се очекуваат премиерите во Европа и во САД.

Херојска историја

Филмот е заснован на настаните од почетокот на октомври 1941 година, кои маршалот Георгиј Жуков ги окарактеризира како најопасен период од битката за Москва. Тие денови советските едници кои ги бранеле југозападните приоди кон престолнината немале ниту една единица која била способна да се спротивстави на непријателот.

Требало да се спречи непреченото префрлување на единиците на германската војска „Центар“ во оваа насока кон Москва, а исто така да се добие на време за да се зацврсти одбранбената положба непосредно пред влезот во градот и да пристигнат резервните единици од оддалечените делови на земјата. За таа цел во пресрет на Германците испратиле 3.500 кадети на двете Подољски воени академии – пешадиската и артилериската. Било потребно овие драгоцени кадри по завршувањето на школувањето да станат офицери, но во овие критични околности морале да се борат како обични војници.

Командата сметала дека кадетите барем пет дена ќе го задржат напредувањето на непријателот во Калушката област (150 километри од Москва). Кадетите изгубиле 2.500 луѓе, но издржале цели дванаесет дена, кои толку ѝ биле потребни на Црвената армија.

Источниот фронт на филмско платно

„Подољски кадети“ заземаат посебно место меѓу филмовите за воениот судир помеѓу СССР и Третиот рајх, познат во Русија под називот Голема татковинска војна, а на Запад како Источен фронт. Во овој филм не постојат никакви клишеа поврзани со советскиот период, на кои западните гледачи се навикнати.

Американската и европската кинематографија ретко даваат веродостојна слика на конфронтацијата на Црвената армија и Вермахтот. Доволно е да се сетиме на сцената од „Непријателот пред портите“, кога советската пешадија јуриша на германските положби како стадо овци со една пушка на тројца, а во грб со рафал ги „поттикнуваат“ казнените одреди на сопствената армија.

Стварноста, меѓутоа, била сосема поинаква. Црвената армија имала сосема доволно оружје, а казнените одреди фаќале дезертери во тилот, а понекогаш и самите се впуштале во борба со непријателот.

За волја на вистината, и определени руски филмаџии не заостануваат зад западните колеги кога станува збор за валкање на Црвената армија. Напротив, се случува и да ги надминат. Во современите руски филмови за Втората светска војна можеме да видиме советски војници во вид на недисциплинирана маса која не гори од желба да војува за татковината, генерали кои никогаш не се трезнат, а своите војници без ниту малку жал ги испраќаат неподготвени во смрт. Најомилени ликови на определени руски режисери се злогласните „политруки“ (политички раководители) и офицерите од Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД) кои со раце крвави до лакти со задоволство ги стрелаат војниците, и со причина и без причина.

Нема валкање на историјата

Факт е дека во војна може да има и настани кои на војникот или на офицерот не му служат на чест, но доколку таквите епизоди се подигнат на ниво на апсолутно, тогаш гледачот во целина стекнува изопачена претстава и за војната, и за улогата на армијата во неа. Во „Подољски кадети“ не постојат такви клишеа. Филмот е снимен врз основа на документи од Министерството за одбрана на РФ, од германските архиви и сочуваните сеќавања на учесниците на опишаните настани.

Кадетите во овој филм не се неписмено стадо кое командантите и комесарите го испраќаат на кланица. Тоа се обични момчиња, многумина од нив немаат ни осумнаесет години. Тие одвај чекаат да се судрат со непријателот, но чувствуваат и страв. Се трудат да го победат тој страв за да не ги предадат другарите и своите најблиски, па некој тоа го прави со поголем, а некој со помал успех.

Генералите не се прикажани како пијана стока, како кај другите современи руски режисери. Тука генералот е вистински „татко“, како што се изразува воениот историчар Алексеј Исаев, тој на војниците име како татко, цврст и решителен човек кој знае да преземе одговорност. Тој по наредба озгора ја испраќа војската во оган, но доколку му се даде и најмала можност да ги спаси животите на своите војници, тој тоа нема да го пропушти.

Во филмот се појавува и политрук, но тој не држи пиштол вперен во слепоочницата на војникот, ами учествува во борбените дејствија, како и другите, па дури и посилно и пожестоко одошто другите. И навистина, главната задача на политичките раководители во војната не била да стрелаат што повеќе луѓе помеѓу својот народ, ами да им дадат на војниците елан за борба против непријателот. Не е случајно што нив Германците секогаш први ги ликвидирале кога ќе добиеле таква можност.

Веродостојност

„Подољски кадети“ е снимен токму на теренот каде се водени борбите, во Калушката област. Тука, според зачуваните документи, мошне внимателно се реконструирани сите детали: реката, мостот, куќите, утврдените положби, униформите и оружјето.

Компјутерската графика изнесува само 10% од сите ефекти во филмот. Од музејот за потребите на снимањето се донесени и реставрирани оригинални оклопни транспортери и тенкови Т-4, Т-2 и Т-38, советски противтенковски топови со калибар од 45 милиметри и познатите тенкови Т-34.

„Веродостојноста е најважна од сè“ вели Игор Угољников, еден од авторите на сценариото и продуцент: „Историските консултанти цело време беа присутни на снимањето и дури проверуваа кој број се лепи на тенкот и кој е бројот на дивизијата. Сакавме да постигнеме максимална прецизност за филмот да биде што поблизу до стварноста“.

Воените историчари во целина позитивно го оценуваат филмот, но обрнуваат внимание на тоа дека многу нешта не се прикажани. На пример, не се прикажани користените зенитни оружја, хаубици и минофрлачи, како ни борците од 312 стрелачка дивизија кои од крилата ги покривале кадетите. Но, „она што е прикажано, прикажано е на високо ниво. Во целина филмот е добро направен... Не постои сомнеж дека современата руска кинематографија направи голем чекор напред“, смета Алексеј Исаев.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња