Како во Русија се негува словенската традиција

Илја Питаев / РИА Новости
Во Русија на 20 јули се одбележува Денот на Перун, старословенски празник на војникот. Ова е еден од најважните датуми во словенскиот календар, кој во современа Русија денес се почитува како жива традиција. Исто така се популарни празниците Масленица (испраќање на зимата) и Иван Купала (летната рамноденица). Покрај одбележувањето на празникот, словенската традиција се негува и во песните, во облеката, во борбените вештини, па дури и во психотерапијата. Социолозите истакнуваат дека интересот за минатото е нов хит меѓу младите.

Денот на Перун е машки празник, празник на војникот. Се смета дека порано мажите на Перун како жртва му принесувале петел или бик и со нивната крв го миеле оружјето. Денес ваквата традиција е напуштена, објаснува Елисавета Тимошкина, еден од основачите на клубот „Бел леопард“ кој се занимава со воено-историска реконструкција на словенската традиција од 9 до 11 век.

Денес на Денот на Перун се палат големи огнови, вели таа. Мажите организираат двобои во кои се борат со голи раце. Победникот добива амајлија (значка од месинг, бакар или сребро, која се прави според моделот најден за време на ископувањето на курганот). Кога ќе падне мрак, сите мажи се собираат околу огнот и почнуваат брзо да трчаат еден по друг, држејќи се за раце. Тие треба да трчаат што побргу, а притоа да не паднат во огнот. Така ја покажуваат својата сила и своето искуство.

„Доколку сакаме да наброиме 5 словенски празници кои денес се најпопуларни, на прво место би била нашата Масленица. Тој ден сите јадат палачинки, се проштеваат од зимата и ја повикуваат пролетта. Словените Масленица ја славеле околу 20 март“, објаснува Тимошкина. „Денот на Иван Купала (24 јуни) е празник на летната долгоденица, Карчун е денот за зимската краткоденица (се обележува помеѓу 19 и 22 декември), Денот на Перун (20 јуни) е празник во средината на летото, а Велесовиот ден (11 февруари) во средината на зимата“.

Покажување сила

За време на реконструкциите на словенските празници се организираат народни игри и натпревари како во старите времиња. Како што објаснува стручњакот по историја на борењето Алексеј Лешачков, Словените немале систем на боречки вештини, барем тоа не се споменува во писмените споменици. Според него постоела само борба гради в гради. Суштините на овие борби била во тоа момчињата од најрана возраст да научат да се борат низ игра која се нарекува „ѕид на ѕид“ (учесниците се делат во две групи и се обидуваат да се потиснат на определена територија) или „цар-планина“ (некој зазема место на некоја височинка и ја брани од оние што сакаат да се искачат на неа).

Во некои училишта во Русија децата тренираат „руска боречка вештина“. „Оваа боречка вештина во училиштата се претставува како традиционално словенска, но тоа е маркетиншки трик“, објаснува Лешачков. „Таа е создадена дури кон крајот на 20 век“. Според него, во руската боречка вештина боксерската техника се комбинира со самбото и со каратето.

Полезна традиција

Идејата за обнова на словенската традиција нашла одраз и во современата применета психологија. Со ова, меѓу другото, се занимава и центарот за тренинзи „Ладога“. Еден од раководителите на центарот, Ољга Кољада, изјавува дека традиционалната народна култура крие знаења за тоа како може среќно да се живее.

„Ние проучуваме како живееле нашите предци. На пример, го негуваме старото пеење, но не на академски начин. Словените преку гласот умееле да ја изразат тагата, на пример. Ние ги користиме овие методи за денес да им помогнеме на луѓето преку гласот да се изразат и да ги надминат тешките лични трауми“, објаснува таа.

Кољада тврди дека традиционалниот поглед на светот им помага на луѓето да се излечат од депресија. „Во стара Русија пролетта била време за мечтаење, за планинарење и за подготовка за создавање, летото било време за преземање на ризикот, есента за собирање плодови, а зимата за внатрешна работа“, објаснува таа. „Кога луѓето го осознаваат тоа и кога ќе почнат да живеат со ритамот на природата, а не според распоредот на годишните одмори, многу проблеми во нивните животи се решаваат“.

Според мислењето на професорот од Факултетот за социолошки науки при Високата школа за економија Алексеј Левинсон, негувањето на древните обичаи во последниве неколку години во Русија станало модерно. „Тоа е светски тренд, слични процеси се случуваат и во Англија, во Шкотска и во скандинавските земји“, истакнува социологот. „На општеството му се потребни симболички ресурси за да може да го зачува сопствениот идентитет“.

Според овој социолог, вртењето кон словенската култура во широките кругови е површно. Само поединци се занимаваат со ова сериозно. „Сега е во мода патриотизмот, вртењето кон древната култура им овозможува на луѓето да бидат во тренд. Покрај тоа, младите сакаат да носат словенска носија зашто е убава и е необична“, додава Левинсон.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња