Две жени стојат една наспроти друга во народна носија. Едната во раката држи црн креон со кој се обидува самата себеси да си нацрта нешто слично на насмевката на Џокер од Бетмен.
„Асја, направи вака...“, ѝ вели едната на другата на руски и ѝ покажува со прстите како треба да црта од едниот до другиот образ. Другата ја слуша. Креонот остава јагленеста трага на образите и на усните“.
„Ете, сега си вистинска Аину“, вели првата задоволно.
Овие жени се дојдени на јапонскиот остров Хокаидо каде постојат неколку заедници претставници на древниот народ Аину кои порано биле населени на огромни територии на бреговите на Тихиот океан, вклучувајќи ги и современите Јапонија, Сахалин, Курилските острови и југот на Камчатка. Сега според официјалните податоци во Јапонија живеат околу 25,000, а во Русија ги има неколку десетици.
За народот Аину во Русија не се знае многу. Живееле на Далечниот исток, постојано биле прогонувани и како етнос исчезнале во Русија уште во 1979 година, кога биле отфрлени од официјалниот список етнички заедници. Тоа е отприлика сè што е познато.
Сепак, во Русија сè уште живеат претставници на народот Аину. Двете жени на видеоснимката на рускиот етнограф од Далечниот исток заинтересирано ја набљудуваат куќичката во заедницата на сонародниците каква што не постои во Русија и срамежливо разговараат на англиски со претставник на својот народ на Хокаидо и велат дека знаат што преку што оди за правилно да се облече народната носија, односно дека не треба да им се покажува.
Жени со насмевка, мажи со брада
„Насмевката на Џокер“ е тетоважа на усни карактеристични за жените од народот Аину. Од седмата година на девојчињата им се сечеле аглите на усните со обреден нож, и во засеченото место се втривал јаглен. Секоја година се додавале по неколку линии, а „насмевката“ ја довршувал младоженецот на свадбениот обред. Само жените имале тетоважа на лицето и на рацете.
Сега тоа повеќе не се прави. Наместо тетоважа жените ја цртаат „насмевката“ со моливче, и тоа само за време на големите празници. Последната жена која била тетовирана според сите „канони“ починала во 1998 година во Јапонија.
Мажите се одликувале со бујни мустаќи и брада. Додека јаделе мустаќите морале да ги придржуваат со специјални стапчиња. Уште во еден старокинески трактат кој бил напишан во вториот век пред нашата ера почнува да се споменува „косместиот“ народ. Рускиот истражувач на Камчатка Степан Крашениников во 18 век на народот Аину му го дал прекарот „крзнени Курилци“ поради косместите мажи.
Интересно е што претставниците на народот Аину на почетокот повеќе личеле на Европејци одошто на Азијати. Според описите на Крашениников и на другите истражувачи, тие личеле на руски селани со потемна кожа или на Цигани, но не на Јапонци, на Кинези или на Монголи. Овој изглед е секако поврзан со потеклото на овој народ, но никој не знае од каде потекнуваат тие.
Непозната раса
Се смета дека народот Аину е стар 15.000 години, односно дека е постар од Сумерите и од Египќаните. Поради тоа некои велат дека не се работи за еден народ, ами за посебна „раса Аину“.
Постојат две теории за потеклото на Аину. Првата е „северната варијанта“, според која овој народ има дојдено од северните територии каде подоцна се населиле Монголите и Кинезите. Втората е дека нивните предци се од Полинезија, со оглед дека жителите на Океанија имаат многу заеднички нешта со народот Аину, пред сè во облекувањето, во ритуалите, во религијата и во тетоважите.
Она што се знае со сигурност е дека Аину биле првите староседелци на јапонските острови, иако овој податок во Јапонија не е популарен и често се крие. Јапонците и Аину отсекогаш биле во судир за територии. Староседелците ги губеле битките една по друга, што е природно со оглед на тоа што никогаш немале држава и армија. Затоа со текот на времето биле истиснувани на север, иако уште во средниот век сочинувала половина од вкупниот број жители на Јапонија.
„Трагедијата на мојот народ може да се спореди можеби само со трагедијата на Индијанците, автохтоните жители на Северна Америка“, вели Алексеј Накамура, најистакнат претставник на заедницата на народот Аину на Камчатка. Но, не ги истиснувала само Јапонија.
Избришани од историјата
Во Руската империја им било забранувано да се изјаснуваат како припадници на народот Аину зашто Јапонците тврделе дека сите земји каде живее овој народ ѝ припаѓаат на Јапонија. А, народот Аину живеел на острови кои им припаѓаат на Јапонија и на Русија.
Во определен период на луѓето им било срам да се изјаснат како претставници на овој народ, а и било опасно. Многумина се асимилирани, почнале да зборуваат руски и го примиле православието. Подоцна комунистите ги третирале припадниците на овој народ како Јапонци зашто поради мешањето со источните народи добиле повеќе азиски црти. „Така излезе дека ние во Русија сме Јапонци, а во Јапонија сме Руси“, вели Алексеј Накамура, човек со руско име и со јапонско презиме.
Во народот Аину исконски постоело само името. Презимиња им давале Русите и Јапонците, а потоа припадниците на овој народ самите почнале да земаат словенски презимиња. Многумина тоа го направиле за време на Сталиновите репресии зашто Народниот комесаријат за внатрешни работи поинаку не давал советско државјанство, а секоја врска со Јапонците била третирана како шпионажа, подривање на државните интереси и соработка со милитаристичка Јапонија, што подразбирало затворска казна.
„По Втората светска војна никаде не било пожелно да се споменува народот Аину. Постоела тајна наредба на државните органи за цензура која се нарекувала: За забрана на споменувањето на народноста Аину во СССР“, вели докторот на историски науки Александар Костанов. Кога во 1946 година капитулирала Јапонија се поставило прашањето за репатријација на јапонското население од руските територии. „Припадниците на народот Аину како поранешни државјани на империјата не биле разгледувани, зашто се сметало дека тие се државјани на Јапонија“, вели Костанов. Така речиси сите претставници на овој народ се нашле на Хокаидо.
Денешната состојба
Во пописот на населението на Русија од 2010 година само 109 лица се изјасниле дека припаѓаат на националноста Аину, но на инсистирање на властите на Камчатскиот крај ниту тие не се евидентирани со оваа национална припадност. Пет години подоцна е регистрирана невладина организација на Аину, но судот ја укина. Не се знае зошто. Според тоа, во Русија официјално нема претставници на овој народ.
„Тоа значи дека ние немаме право на риболов и на лов како другите мали народи. Ако испловиме во морето на бротче ние сме ловокрадци и плаќаме огромни казни“, вели Накамура.
На Хокаидо постои корпорацијата „Утари“. Тоа се културно-образовни центри на народот Аину, Има вкупно 55 одделенија. Во Русија претставниците Аину немаат вакво нешто. Сите учебници се на англиски или на јапонски, сите се донесени од странство. „Се обидовме да соработуваме со нив, но се откажавме. Секогаш се поставуваше прашањето за Курилските острови, секогаш бараат од нас да се изјасниме и нашата национална припадност да се исполитизира“, вели Алексеј.
Тие, меѓутоа, не сакаат да бидат исполитизирани, Како што и не сакаат многу да зборуваат за својот идентитет, Според статистичкиот извештај на „Јапонската дијаспора во странство“, во Русија има 2.134 жители од јапонска националност, а некои од нив влечат потекло од народот Аину. Но, и тие се изјаснуваат како Јапонци, зашто тоа им овозможува да одат во Јапонија без виза. На оние на кои им е важно да бидат признаени како народ се малку, а и нив ги споменуваат само етнографите. Накамура, на пример, изјави дека ова е последното интервју што го дава, зашто „ние никому не сме му потребни“.
Прочитајте уште повеќе: Ижори – заборавен народ од Русија