Ижори – заборавен народ од Русија

Двојазичен патоказ во центарот на Вистино.

Двојазичен патоказ во центарот на Вистино.

Олег Скрипник.
Во близина на Санкт Петербург постојат неколку села кадешто живее стариот и редок народ Ижори. Нашиот дописник посети едно од овие села и на читателите на „Руска реч“ им донесе оттаму ексклузивна приказна.

„И кога кон небото ќе полета огнената црпалка, фаќајќи ја туѓата среќа“, со драматичен глас извикува Никита, црнокос триесетгодишник, кој по националност е Ижор. Неговите зборови мирно ги слушаат десетина ученици и една кукла од слама во ижорска народна носија, која го претставува шумскиот дух. „Наставниот процес“ во ижорскиот музеј во селото Вистино (104 километри западно од Санкт Петербург) е големо изненадување за оној што е неподготвен.

Ижорите се мал угро-фински народ од Русија. Негови претставници се автохтоните жители на балтичкото приморје (според официјалните податоци, во Русија живеат 50 мали автохтони народи). Порано тоа било моќно племе со сурови обичаи, за што во 12 век пишувал римскиот папа во својата була (неколкумина латински мисионери се обидувале да ги преобратат паганите во католици, но биле сурово казнети). Денес се останати само неколку стотини припадници на Ижорите. Многубројните војни и политичките потреси на модерното време ја доведоа ижорската култура на работ на опстанокот.

Но, ако сакате да ги натажите Ижорите со приказната за лошата состојба во која се наоѓа овој мал народ, тие искрено ќе се зачудат.

Елисавета, Ижорка. На сите заинтересирани таа им дава часови по ижорски јазик на Интернет. Фото: Олег Скрипник. Елисавета, Ижорка. На сите заинтересирани таа им дава часови по ижорски јазик на Интернет. Фото: Олег Скрипник.

Живот на село

Може да се каже дека селото Вистино е центар на ижорската култура. Тоа мошне уредно, патиштата се асфалтирани, има убаво уредени дрвени куќички со прозорци украсени со резба и мали овоштарници. Има неколку типични градски повеќекатници, а во дворовите има дрвени бунари. „Пред само неколку години во селото немаше ниту една тараба“, воздивнува Зинаида која тука живее од 1935 година.

Ижорите немаат обичај да се оградуваат едни од други, но близината на големото пристаниште ги принудува да бидат повнимателни. Освен тоа, се случуваат и непријатни ситуации (на пример младенче од лос, кое било припитомено од страна на некој шегаџија, изгазило десетици градини). Тука се чести и други, многу помалку дружељубиви ѕверки: лисици, мечки, куни. Дојденецот може да се прелаже со асфалтниот пат, но селото од сите страни е опкружено со густи шуми. Минатата година мештаните морале дури и да се фатат за оружје за да се одбранат од глутница дрски волци кои влегувале во селото.

Никита. Совршено го има совладано ижорскиот јазик, со тоа што самостојно го има научено како возрасен. Сега ги учи ижорски јазик децата и работи како кустос во музејот. Пее во фолклорен ансамбл. Фото: Олег Скрипник.Никита. Совршено го има совладано ижорскиот јазик, со тоа што самостојно го има научено како возрасен. Сега ги учи ижорски јазик децата и работи како кустос во музејот. Пее во фолклорен ансамбл. Фото: Олег Скрипник.

За волја на вистината, Ижор со оружје е вистинска реткост. Припадниците на овој народ не се занимаваат со лов. Нивно главно, речиси сакрално занимање отсекогаш бил риболовот. Тука се создадени многу песни и пословици за морето. Жените пловеле во чамците заедно со мажите. Дури и канељот (национален жичен инструмент) според легендата  може се своите звуци да го смири разбеснетиот Балтик. За жал, изградбата на многу објекти на територијата на трговското пристаниште Уст Луг секако во голема мера ја отежни пловидбата со мали чамци во заливот. „Веќе две години нема кој да го одбележи Денот на рибарите“, се жали една старица. „Наместо тоа се одбележува Денот на ижорската култура. Каква е таа ижорска култура без рибари?“

Неодамна ижорската младина почна да се здружува во рибарски задруги, што влева надеж во обновување на традицијата. Сега поголемиот број жители на Вистино работи на пристаништето, и речиси сите имаат своја градина и некакво домаќинство. Во слободно време одат во клуб и на стадион. Само 33-годишниот рибар Алексеј живее во согласност на заветите на предците. Тој го издржува семејството благодарение на природата, а од современата техника користи само мобилен телефон.

Култура и религија

Една пословица вели дека Ижорите трипати во животот зборуваат – викаат при раѓањето, се согласуваат на свадбата и офкаат пред смртта. Ова е народ кој е затворен во себе и во голема мера се придржува на паганските обичаи.

„Веруваме ли во духови? Ние... не ги одрекуваме“, се насмевнува кустосот на месниот музеј Никита. „Нашиот свештеник многу се бори против тоа, но зарем е лесно да се искорени традицијата?“

Овој народ е навистина упорен во зачувувањето на своето културно наследство. Ентузијасти од Санкт Петербург држат курсеви по ижорски јазик, а државата помага во издавање учебници и го финансира локалниот музеј во Вистино, каде ижорските ученици го учат мајчиниот јазик.

Зинаида. Родена е во ижорско семејство. Била дете кога започнала војната. Ги преживеала ужасите на германската окупација и била во концентрационен логор. Долго се занимавала со риболов, а неколкупати го има ризикувано својот живот за време на бура. Фото: Олег Скрипник.Зинаида. Родена е во ижорско семејство. Била дете кога започнала војната. Ги преживеала ужасите на германската окупација и била во концентрационен логор. Долго се занимавала со риболов, а неколкупати го има ризикувано својот живот за време на бура. Фото: Олег Скрипник.

Во еден агол на музејот стојат неколку глинени садови. Тука ги оставиле учениците по часот по грнчарство. Освен тоа, тука децата учат за везот, за готвењето, за резбата, ткаењето и за основите на градежништвото.

Дури и денес, кога територијата на која живеат Ижорите е сведена на само неколку села, старите обреди и верувања сѐ уште играат важна улога во нивниот живот. Мештаните го примиле христијанството уште во средниот век, но паганските обичаи до денешен ден остануваат врежани во нивната култура. На пример, елка тука се кити за свадба, а потоа се закачува на таванот. И покојникот во поворката го следи елка – со нејзините гранки се посипува патот до катафалкот. Членовите на семејството на покојниот Ижор овие гранки ги чуваат четириесет дена, а потоа ги палат.

„Велат дека сме се асимилирале“, забележува Елена Кострова, директорка на музејот. „[Меѓутоа], ние само не ги покажуваме своите обичаи, зашто тоа е премногу интимна работа. Тоа од градот, секако, не може да се види. За да го видите тоа, треба да живеете со нас извесно време“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња