Камп на одгледувачи на елени во пределот на езерото Јарато на полуостровот Јамал. Извор: ТАСС
Русија е земја со етничка разноликост која предизвикува восхит. Стотици народи живеат на огромната територија што се протега од Сахалин до Калининград, и секој етнос има свој јазик, своја традиција и култура. Не се исклучок ниту мали народи, кои илјадници години живеат во хармонија со природата во суровите услови на рускиот Север.
40 мали народи
Хакасија – земја на птици, степи и шамани Доколку сте љубители на недопрената природа, ви претставуваме еден мошне интересен резерват во Русија, каде навистина за секого постои по нешто интересно. |
Во малите народи од Северот вообичаено се вбројуваат етносите што живеат на рускиот Север, а кои не бројат повеќе од 50 илјади луѓе. Друг критериум според кој некои етноси може да се вбројат во автохтони народи е традиционалниот начин на живот и постоењето свест за идентитет на сопствената етничка заедница. Во согласност со Концептот за стабилен развој на малите автохтони народи кој владата го усвои во 2009 година, во категоријата „мали автохтони народи“ се вбројуваат 40 етноси. Територијата на кои тие живеат е мошне голема. Саамите, на пример, го имаат целосно населено Колскиот полуостров, кој се наоѓа на границата со Финска, додека Алеутите и Ескимите живеат во најисточните краишта на Русија, односно на источниот дел од Чукотскиот полуостров и на островот Врангел. Определени народи, како на пример Чукчите и Ескимите, им се добро познати на жители на Русија. Од друга страна, постојат и такви народи како што се, на пример, Нагнасаните или Нивхите, за кои немаат слушнато дури ни просечните Руси, а за странците да не зборуваме. Народите од рускиот Север се разликуваат и по бројноста. Ненците, на пример, населиле големо подрачје на брегот на Северен леден океан и на Сибир, и тие можат да се пофалат со својата бројност, зашто ги има речиси 45 илјади (според пописот на населението од 2010 години). Нивни роднини се Енците, кои според истиот попис ги има нешто повеќе од 200 лица, а голем дел од нив не го знаат еначкиот јазик.
Извор: ТАСС
Низ историјата начинот на живот на малите автохтони народи на Северот зависел од суровите климатски услови. Занимањата на автохтоните народи биле и останале традиционални: лов, риболов, одгледување ирваси (што често подразбира номадски начин на живот) и одгледување кучиња. Но, како што зема замав урбанизацијата започнува и освојувањето на оддалечените, па дури и непристапни области на рускиот Север. Со самото тоа и припадниците на традиционалните номадски народи имаат сè поголеми можности да се преселат во градовите и постепено се асимилираат со другите етноси. На ова своевремено влијаела и политиката на принудување на овие народи да се откажат од номадскиот живот, што била спроведувано во советско време. Друг проблем е сè полошата еколошка ситуација, а таа е поврзана со сè поинтензивниот развој на индустријата. И едното и другото го подриваат традиционалниот начин на живот на северните народи, заснован на тесната врска со природата.
Право на риба
Григориј Летков, претседател на Асоцијацијата на малите автохтони народи на Северот, Сибир и на Далечниот Исток на Русија, за „Руска реч“ ја коментираше моменталната ситуација. Тој нагласи дека во моментов во Русија постои добра законска основа, дека државата ги штити автохтоните народи на рускиот Север, и дека, за разлика од советското време, никој не инсистира номадите да ги остават своите ирваси и да заминат на работа во земјоделските задруги.
Во исто време, како што истакнува Летков, Русија може да преземе и други чекори. Според него, во прв ред е потребно во законот да се внесат дополнувања со кои ќе се регулираат традиционалниот лов и риболов, за да се олесни пристапот до природните добра. Освен тоа, Летков обрна особено внимание на еколошкиот аспект, и со дипломатски речник објасни дека „во врска со развојот на проектите за експлоатација на нафта и гас треба да се прецизираат низа моменти поврзани со оценката на влијанието на индустријата врз традиционалниот начин на живот“. Со други зборови, интересите на големите компании кои го придвижуваат производството во Сибир, на рускиот Север и на рускиот Далечен Исток, понекогаш се во спротивност со интересите на автохтоните народи.
Освен тоа, Летков истакна дека е неопходно да се „регулира редоследот на утврдувањето на националната припадност“, што упатува на проблемот на националниот идентитет на народите од рускиот Север, со оглед на тоа дека определени етноси по склопувањето мешани бракови и постепеното слевање со другите народи можат засекогаш да исчезнат од лицето на земјата. Тоа, на пример, се случи со Кереците, мал народ кој на почетокот на 20 век во целост се асимилираше со Чукчите. Поддршката и заштитата на уникатните традиции и обичаи на народите од рускиот Север е задача од животна важност не само за припадниците на овие народи, туку и за руската влада.
Од друга страна, Дарја Халтурина, социолог и етнограф, доцент на Руската академија за народно стопанство и државна администрација, со голема доза оптимизам зборува за перспективите на поголемиот број народи на рускиот Север: „Сега народите од Северот имаат голем наталитет, така што целосното исчезнување не им се заканува, што дава можност да се зачува нивната древна култура. Сепак, неопходно е да се бориме со големиот процент на смртност кај народите од рускиот Север. Ова пред сè се однесува на смртноста на мажите од алкохолизам, но и смртноста кај децата“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче