Далечниот див исток: Мал номадски народ против моќната Руска империја

Семејство Чукчи, Луј Хорис (1816). Припадниците на овој народ биле опасни воини, Дури Руската империја не успеала да ги победи.

Семејство Чукчи, Луј Хорис (1816). Припадниците на овој народ биле опасни воини, Дури Руската империја не успеала да ги победи.

Википедија
Замислете вооружен судир помеѓу суперсила од 18 век и група одгледувачи на ирваси и рибари кои своето оружје го правеле од коски. На кого би се кладеле? Руската империја се судрила со чукотскиот народ и сепак не победила.

На рускиот Далечен Исток постои регион кој се нарекува Чукотка. Тој се наоѓа на Чукотскиот полуостров на брегот на Чукотското море, каде живее (замислете) чукотскиот народ. Тие зборуваат на чукотски јазик и се автохтони жители на ова подрачје. Нивниот живот е тесно поврзан со природата, а во историјата се познати и како мошне опасни воини. Руската империја тоа го почувствувала „на своја кожа“. 

Империјата се шири 

Во 17 и 18 век Руската империја се ширела на исток кон Тихиот океан. Оваа експанзија има зафатено многу автохтони народи кои често полагале заклетва на руските власти и плаќале таканаречен „јасак“ односно данок во крзно. Русија за возврат ги снабдувала со железен алат, пушки и друга корисна техника. 

Сточари и риболовци

Чукча. / Музејот „Мултимедија Арт“ (МАММ)

Ваквите услови ги има прифатено мнозинството автохтони народи, но поединци ги отфрлиле. Таков е примерот со Чукчите. Претставниците на овој народ одбивале да плаќаат „јасак“, иако од оружје го поседувале само она што го имале направено од дрво, коски и камен. Чукчите претставувале група номадски племиња која броела 9.000 луѓе. Главно се занимавале со одгледување ирваси и риболов. Формално гледано, никако не можеле да се споредат со доброобучените и вооружени војници на Империјата. 

Тврдоглави луѓе 

Русија на почетокот се обидела да ги убеди Чукчите да плаќаат „јасак“, испраќајќи во 1711 година пратеник, но оваа мисија не вродила со плод. Чукчите не сакале ни да слушнат. Тоа биле горди луѓе на кои им била важна својата самобитност, култура и традиција. Себеси се нарекувале Луораветланци, односно „единствени вистински луѓе“. 

До почетокот на 18 век Русија веќе имала направено неколку истурени положби на Чукотка, а меѓу нив и пунктот Анадирска населба (тоа е денешниот град Анадир кој се наоѓа на 6.000 километри источно од Москва), но тоа не било доволно. Царицата Екатерина во 1727 година започнала кампања за зацврстување на власта на Далечниот Исток и неговите непокорни жители. 

Првите судири 

Чукча од далечното село Уелен  (1913).

Првата воена акција на Русија имала огромен успех. Околу 450 луѓе (Руси и нивните сојузници меѓу лојалните народи) убиле околу 800 чукотски воини. Тоа не е чудно зашто стрелите и копјата не можат да војуваат против пушки и топови. 

Но, тоа бил само почеток на тешката војна во која Русија не успеала да победи. По првите загуби, чукотските воини ја смениле тактиката – избегнувале големи и директни судири и ги напаѓале руските села во мали групи, кои по успешниот напад исчезнувале во тундрата. Војувале на свој терен. Тоа била ефикасна герилска војна.

Безизлезна ситуација 

Анадирски Чукчи, 1906.

И покрај огромното воено искуство и технолошката доминација, Русите не можеле да се прилагодат на борбата против Чукчите и дивината. Непокорните воини добро го познавале теренот и се движеле брзо. Никогаш не се задржувале на едно место, така што Русите не можеле да им нанесат штета. 

Царицата Елисавета во 1742 година ѝ наредила на својата војска да „ги ликвидира сите непокорни Чукчи“. Дмитриј Павлуцки, тамошен губернатор, бил познат по своите успешни борби против Чукчите, и по својата суровост. Тој организирал цела низа походи, но не постигнал успех – неговиот полк во 1747 година паднал во заседа и Павлуцки бил убиен. 

Трговија, а не војна 

Станбени згради во денешниот Анадир, главниот град на Чукотскиот автономен  округ на Руската Федерација.

Во 1764 година Сенатот одлучил да ја прекине војната зашто било јасно дека таа е мошне скапа, а не носи резултати. Русите самите ја запалиле Анадирската населба и се повлекле на запад и повеќе не мислеле да ги покорат Чукчите. 

Интересно е дека „економското освојување“ било мошне поуспешно. Имено, Русија наскоро започнала да им продава на Чукчите разновидна стока. Тие биле фасцинирани од изобилството што им го нуди империјата и брзо изгубиле интерес за побуни и за борби. Така Чукчите станале моќен трговски партнер на Русија. 

Екатерина Втора во 1779 година официјално ги прогласила сите Чукчи за државјани на Русија, иако многумина од нив не знаеле за тоа. Овој нов статус кво им одговарал на сите.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња