„Болјарката Морозова“ и други џиновски ремек-дела на руското сликарство

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Во Русија постојат неколку огромни уметнички слики на кои сликарите работеле со години и правеле илјадници скици за нив. За овие слики се направени дури и специјални сали. Ги купувале најбогатите современици. Ви претставуваме пет слики со најголем формат. Тешко дека некоја од нив би можела да се смести во вашиот стан.

1. Карл Брјулов. Последните денови на Помпеја. 1833.

Димензии: 456.5х651 сантиметар

Брјулов во текот на својот престој во Неапол дошол на идеја на огромно платно да го наслика пропаѓањето на Помпеја. Најголемиот дел од сликата го има направено во Рим за шест години. Внимателно ги проучувал историските извори по архивите и, секако, урнатините на градот.

Сликата доживеала мошне голем успех. Била изложена во Милано и во Париз, а потоа е донесена во Петербург и му била претставена на царот Николај Први. Најпрво била изложена во Ермитаж, каде се собрал целиот град за да ја види. Кон крајот на 19 век била предадена на Рускиот музеј каде се наоѓа до денес.

2. Александар Иванов. Јавувањето на Христа пред народот. 1837-1857

Димензии: 540 х 750 сантиметри

Иванов на оваа слика работел 20 години во Италија. Царското семејство платило за сликата да се превезе во Петербург, каде била изложена заедно со многу други. По смртта на сликарот ова ремек-дело го купил императорот Александар Втори, а потоа го подарил на првиот јавен Румјанцевски музеј во Москва. За сликата е направен посебен објект, а подоцна и посебна сала во Третјаковската галерија каде ова ремек-дело било пренесено по Револуцијата.

Христовото лице, како и лицата на аџиите и на светителите, Иванов ги насликал по углед на античките статуи, обидувајќи се да им додаде источни црти. Се смета дека аџијата со стапот (седи десно од централната фигура на свети Јован Крстител) е всушност автопортрет.

3. Василиј Суриков. Болјарката Морозова. 1884-1887

Димензии: 304 х 587.5 сантиметри

 

Ова огромно ремек-дело исто така се чува во Третјаковската галерија. На него е прикажан црковниот раскол – трагичен момент од руската историја. Богатата болјарка која ја возат во окови покажува два прста за да покаже дека таа не е скршена, односно дека и понатаму се придржува кон старата вера.

Суриков се родил и израснал во Сибир, каде имало многу старообредници, па затоа темата за расколот отсекогаш го интересирала. Како прототип за своите ликови, па дури и за оној на болјарката, послужила случајни минувачи. Во салата на музејот покрај оваа слика можат да се видат и скици на определени портрети.

4. Василиј Поленов. Христос и грешницата. 1888.

Димензии: 325 х 661 сантиметар

Поленов е еден од најпознатите руски сликари на верски мотиви. „Христос и грешницата“ започнал да ја работи под инспирација на „Јавувањето на Христос пред народот“ на Иванов. Во потрага по инспирација патувал по Блискиот Исток, а за што поголема автентичност скицирал голем број куќи и портрети на мештаните. Сите костими кои ги носат ликовите ги има сошиено жената на Поленов, а тој ги сликал по модел.

Со парите добиени од продажбата на сликата (купувач бил императорот Александар Трети) купил имот и направил вила (денес музеј Поленово) со посебна сача за скицата на сликата во нејзината природна големина. Оригиналот е изложен во Рускиот музеј во Санкт Петербург.

5. Иљја Репин. Свечена седница на Државниот совет на 7 мај 1901 година во чест на стогодишнината од неговото основање. 1903.

Димензии: 400 х 877 сантиметри

Според габаритот ова е најголема слика на нашиот список. Нејзин автор е Иљја Репин. Сликата од жанрот „групен портрет“ ја нарачал лично императорот Николај Втори.

Сликарот присуствувал на свечената седница на Советот и направил заедничка фотографија која му помогнала во работата. Сепак, секој член на Советот посебно позирал за скица на својот портрет пред Репин и неговите помошници Иван Куликов и Борис Кустодиев.

Репин требал да го наслика царот Николај Втори за време на свечениот говор, но сликарот решил да внесе повеќе емоции и движења, па затоа го прикажал процесот на доделување медали. Императорот лично ја проверил и ја одобрил секоја скица.

На почетокот сликата била изложена во Мариинскиот дворец во Петербург каде заседавал Советот. Подоцна е предадена на Рускиот музеј каде денес заедно со скиците зазема огромна сала.

Погледнете ги најубавите женски актови во руското сликарство