5 мобилни апликации за руската уметност

Евгенија Новоженина / РИА Новости
Дознајте повеќе за руската уметност и култура, без притоа да излегувате од дома.

Art of Russia

Оваа едукативна апликација е создадена со цел да се запознаете со богатството на руската уметност. Иако во описот се раскажува за важноста на руската литература и филозофија во светскиот контекст, самата апликација е посветена на сликарството и на иконите.

Изборот е обемен. Тој ќе ви помогне да ги направите првите чекори во изучувањето на руската уметност. Оние слики што ќе ви се допаднат можете да ги зачувате во телефонот или да ги споделите со пријателите. А, освен стандардните функции – описи и зумови – постои и можност за „споредба“ на сликите и за проверка на своето знаење со помош на тестови.

iOS (4.99 американски долари)

Russian art

Тука се нуди голем избор на слики од руското сликарство со описи. И иако информациите за авторите и за делата се куси, сепак се доволни за запознавање.

Бесплатната верзија вклучува 200 дела на сто најпознати руски уметници, вклучувајќи ги Ајвазовски, Кандински и Малевич. Платната верзија содржи околу 1.500 слики со ХД-квалитет. Материјалите можат да се гледаат на неколку начини, сортирајќи според векот, жанрот или авторот.

Креаторите имаат додадено и малку интерактивни содржини: сликите можат да се споделуваат на социјалните мрежи, да се испраќаат по електронска пошта, да се зачувуваат во фотоалбум.

Со функциите се ракува лесно и удобно. Апликацијата работи и на англиски јазик.

iOS (Бесплатно, проширена верзија – 1.99 американски долари)

Android (Бесплатно)

Hermitage Museum

Апликацијата на најголемиот музеј во Русија – Ермитаж во Санкт Петербург – освен информации за музејот, за неговите можности и за цената на билетите, нуди и сет од виртуелни екскурзии. Секако, најголемиот дел од нив се посветени на светската уметност, благодарение на што музејот влегува во петте најголеми музеи на светот.

Но, тука е богато претставена и руската уметност. Секако, вo делот на сликарството ја нема многу, но затоа присуствува во делот посветен на архитектурата и на руската мода. Благодарение на информациите од апликацијата може да се дознае не само за уметноста, туку и за историјата на Русија.

iOS (Бесплатно, понуди на In-App purchases од 0.99 до 3.99 американски долари)

Android (Бесплатно)

Izi.travel

Станува збор за колекција на мултмедијални водичи кои се делат на два типа – улични и музејски екскурзии. Апликацијата ја користи функцијата на ГПС-навигација со автоматско вклучување на екскурзијата во моментот на приближување кон точката на маршрутата.

Зошто ја вклучивме во овој список? Во неа се собрани информации за најголемиот дел значајни музеи во светот, меѓу кои и руските или оние кои поседуваат руско сликарство. Освен екскурзиите, апликацијата содржи и избор на експонати со аудиоопис. За запознавање треба да се отвори мапата, да се избере музејот што ве интересира (апликацијата содржи не само музеи од главните градови, туку и објекти од малите градови), а потоа можете да започнете со разгледување.

iOS (Бесплатно, секоја екскурзија чини од 0.99 до 1.99 американски долари)

Android (Бесплатно)

Art challenge

Оваа апликација ви нуди можност преку игра да дознаете нешто ново. Механиката е едноставна: ви прикажуваат една слика, а вие треба да го изберете уметникот од четирите предложени варијанти.

Освен играта апликацијата содржи и богат избор слики на руски уметници – од иконописецот Андреј Рубљов до Василиј Кандински.

iOS (Бесплатно)

Android (Бесплатно)

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња