Што е тоа „руски рулет“?

Ена Налбантиќ
Терминот руски рулет често се среќава во македонскиот јазик. Тој има две значења, но пред сè се користи во второто значење. „Руска реч на македонски“ ви ги открива тајните на вистинскиот руски рулет и ве запознава со неговите дополнителни значења.

Руски рулет е екстремна игра која завршува со смртен случај. Според правилата на играта во празен барабан на револвер се става определен број патрони (обично еден), но секогаш остануваат празни места. Откако тоа ќе се направи секој од учесниците го врти барабанот и го става пиштолот на својата глава, по што го притиска петлето. Може да се случи токму единствениот (или еден од неколкуте) куршум да заврши во неговата глава. Оваа игра уште се нарекува и гусарски рулет. Според некои извори се смета дека до денешен ден бројот на смртни случаи од оваа игра изнесува повеќе од еден милион.

Постојат неколку верзии за настанувањето на оваа смртоносна игра. Според една од нив во 19 век стражарите ги терале затворениците да ја играат оваа игра, а тие, пак, се кладеле кој од нив ќе се застрела. Според друга, се вели дека ова била војничка игра и ја играле офицерите за да ја покажат својата храброст. Некои, пак, наведуваат и научни факти за тоа дека оваа игра започнала како сосема неопасна. Според оваа верзија, добро подмачканиот барабан убаво и слободно се врти, а тежината на единствениот куршум во него секогаш прави тој да се најде во долниот дел, така што во горниот дел се наоѓаат само празните места. Сепак, постојат факти кои велат дека во реалност оваа „теорема“ не функционира, особено кога станува збор за револверите Наган кои и се користеле во руската војска на почетокот на 20 век.

Рускиот рулет се споменува и во литературните дела. За првпат оваа игра ја наоѓаме кај Михаил Лермонтов во „Херој на нашето време“, иако таа таму не е наречена така. Александар Грин, познат руски писател, во својот расказ „Зурбаганскиот стрелец“ го опишува рускиот рулет. Може да се смета дека во периодот на создавањето на овие две дела и била измислена играта. Интересно е што писателот Борис Акунин во делото „Азазело“ оваа игра ја нарекува „американски рулет“.

Денес постојат различни игри кои се нарекуваат вака. Постои руски рулет со пиштол-лажливец кој на „жртвата“ остава или боја на челото, или вода или се добива краток електрошок од батерии со мала волтажа. Интересно е што посебен „руски рулет“ до пред неколку години се играше и на социјалната мрежа Фејсбук, при што по случаен избор можеше да биде избришана сметката на некој од учесниците во играта. Сепак, раководството на оваа социјална мрежа ја укина играта, сметајќи дека има негативен ефект врз оние што ја играат.

Она што е интересно е дека поимот „руски рулет“ е мошне фреквентен и често се користи, особено во публицистичките текстови и во новинарските статии. Со него се означува потенцијално опасно дејствие за кое е тешко да се предвиди исходот. Исто така може да се користи и за означување на храброст која се граничи со бесмислица. На пример дневниот весник „Фокус“ пред една година излезе со напис со наслов „Патувањето на релација Удово – Демир Капија како руски рулет, нема ниту една полициска патрола на критичната делница“. Во текстот се зборува за лошите услови на патот, и за тоа дека оној што ќе тргне по него го ризикува својот живот.

Терминот „руски рулет“ во македонскиот јазик во своето преносно значење се користи мошне често во литературата, во текстовите на песните и во секојдневниот говор. Сетете се дека и Тоше Проески, легендата на македонското музичко небо, имаше љубовна песна која беше насловена „Руски рулет“. Секако, вие бидете безбедни и не дозволувајте овој термин да навлезе во вашата реалност, ами употребувајте го само на зборови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња