Не е сè идилично во Приморскиот сафари-парк на Далечниот исток на Русија. Во односот на тигарот Амур и на јарецот Тимур, кои му докажаа на сиот свет дека е можна дружба помеѓу грабливец и неговиот потенцијален ручек, настапи криза.
Тигарот Амур и јарецот Тимур за првпат се скараа и сега живеат во различни живеалишта. По сè изгледа причина за конфликтот е безобразниот однос на Тимур, кој постојано го бодеше и му пречеше на Амур. Тигарот не издржа, го фати јарецот за врат и го фрли, по што спокојно си продолжи да се одмора.
„Тимур не настрада, но доживеа силен шок, зашто не е навикнат на тоа дека тигарот може да му покаже отпор. Решивме засега да ги сместиме во различни живеалишта, а исто така и да организираме ветеринарен преглед за Тимур“, изјави за информациската агенција ТАСС директорот на Приморскиот сафари-парк Дмитриј Мезенцев.
Средбата со ветеринарните лекари не беше баш згодна за Тимур: во последно време тој се здебелил неколку десетици килограми. Вработените во сафари-паркот се загрижени дека тоа може да биде сериозен проблем за неговото здравје.
Сепак, вистинската причина за караницата помеѓу другарите можеби е нешто сосема друго. Неколку дена пред „несреќниот случај“ вработените во сафари-паркот предупредија дека тигарот Амур може да стане поагресивен. Тигрицата Тајга што живее во близина е во период на парење, а тоа може на непредвидлив начин да се одрази на однесувањето на Амур. Можеби избраничката на Амур не му се допаднала на неговиот другар Тимур, па тоа да е причина за нивното несогласување?
Засега Тимур живее одделно и се враќа на себе. За и нему да не му биде тажно, вработените во сафари-паркот решија да се погрижат и за неговиот личен живот. Дмитриј Мезенцев ги повика сопствениците да испратат фотографии од кози кои би можеле да му станат невеста на Тимур.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче