Ноќниот живот во Москва

Една од главните причини да се оди во Москва е нејзиниот ноќен живот. Неговиот бум, започна во деведесеттите години од минатиот век, за денес клупскиот живот на главниот град целосно да може да се натпреварува со оној во Лондон или во Њујорк. Во Москва секој може да најде место по свој вкус - од мали барови и концертни подиуми до андерграунд журки и луд деноноќен афтерпарти.

КАМЧАТКА

"Камчатка" е место во центарот на градот, сместено спроти најскапата московска стоковна куќа - ЦУМ (аналог на лондонскиот Selfridges или на миланскиот Rinoscente). Овој двокатен бар е целосно во стилот на советската естетика. Секој странски турист кој се интересира за културата на јадење и пиење во Советскиот Сојуз, треба да го посети местово. Менито е соодветно. Од звучниците се слуша само советска естрада од осумдесеттите и од деведесеттите години од минатиот век. Цените се целосно народни. Корпоративното пиво "Камчатка" се продава по 2 евра.

Адреса: Кузнецкий мост, 7 (м Кузнецкий мост, Охотный ряд)

ПРОПАГАНДА

Веќе 16 години овој клуб е важна градска знаменитост. „Пропаганда“ е апсолутен шампион во долговечност меѓу московските клубови. Најважниот клупски ден е четврток, кога ди-џеј Санчез веќе многу години ги собира московските клабери. Секоја вечер има некаква програма. Понеделник и вторник е хип-хоп и соул, а во другите денови квалитетна денс-музика, главно техно, тек-хаус, дип-хаус. Во недела тука се организираат најдобрите геј-забави во главниот град. Во текот на денот „Пропаганда“ работи како ресторан со ниски цени и со многу вкусна храна. Нивната салата „Цезар“ (4 евра) се смета за највкусна во цела Москва. Вреди да се напомене дека клубот е едно од омилените места за странци  кои работат во градот.

Адреса: Большой Златоустинский переулок, 7 (м Китай-город)

16 ТОНН (16 ТОНИ)

„16 тон“ е една од најдолго постоечките московски клупски сцени. На првиот кат се наоѓаат паб и ресторан, а на вториот се прават забави и концерти. Несомнено ова е едно од најдобрите концертни места во Москва. Покрај руските уметници тука регуларно пеат и странски ѕвезди, меѓу кои и Mogwai, Crystal Castles, Husky Rescue и многу други. По концертите често се одржуваат најразлични забави - од фрик-шоу на травестити до забави на обожаватели на даб-степ и на андерграунд хип-хоп. Ви препорачуваме да го пробате нивното пиво „16 тон“ (4 евра), кое се вари во сопствената пиварница на клубот.

Адреса: ул Пресненский Вал, д 6, стр 1 (м Улица 1905 года)

СОЛЯНКА (СОЉАНКА)

Многумина го сметаат „Сољанка“ за најважниот московски клуб и не се далеку од вистината. Често го нарекуваат цитаделата на хипстерите, иако не е сосема така - важно е да се избере вистинската вечер, уште повеќе, зашто има меѓу што да се избира. Клубот е лоциран во голема стара куќа во центарот на Москва. По големите мермерни скали се искачувате на вториот кат и веќе сте во клуб кој повеќе личи на дореволуционерна московска комуналка со три соби. Такво впечаток се создава благодарение на атмосфера на ентериерот и кожниот мебел честерфилд. Во најоддалечената и најпространа соба е поставен главниот подиум, каде е и најинтересно. Забавите се прават од четвртокот до саботата (понекогаш и во неделата). Музиката е различна - од техно и хаус до фанк и хип-хоп. Секоја недела се случува нешто интересно. Особено внимание заслужува забавата на познатиот моден новинар Виталиј Козак - Love Boat. Во текот на денот „Сољанка“ е модерен и пристапен ресторан. Може да каснете за 10-12 евра, а една чаша пиво ќе ве чино од 3 до 10 евра.

Извор: Photoxpress

Адреса: ул Солянка, д 11/6, стр.1

ARMA 17

Arma17 е главниот техно-клуб на Москва. Тоа е единствениот руски клуб, кој три пати влегол во листата на најдобрите клубови на светот на списанието DJ Mag. Огромната просторија која може да собере 1.500 лица, се наоѓа на територијата во една напуштена фабрика и е идеално место за журки. Тука имаат дојдено практично сите ѕвезди на светската техносцена: Ricardo Villalobos, Sven Vath, Ellen Allien, Guy Gerber и многу други. Местото е задолжително за сите обожаватели на техно и андерграунд журките. Билетите се околу 12 евра, а шише пиво ќе ве чини од 3 евра па нагоре.

Адреса: Нижний Сусальный, 5 стр 3А (м Курская)

DARLING I'LL CALL YOU LATER

(Душо, ќе ти се јавам подоцна)

Баровите Darling I'll Call You Later ги има три во Москва. Тие претставуваат коктел од рокенрол, првокласно пиво (5 евра) и удобност, но тоа не е сè ...

Тука може убаво да појадувате и да вечерате, додека гледате филмски ремек-дела или концерти на светски ѕвезди. Навечер може да се ужива во главните спортски настани или да се игра фудбалче. Во петокот и во саботата може да потанцувате на забавите на кои зад пултот стои познат телевизиски водител, главен уредник на гламурозно списание или едноставно љубовник од соседниот двор. Ручекот ќе ве чини околу 15 евра.

Извор: Евгениј Меркулов

Адреси:

Пер. Тверской-Ямской 1-ти, д.10 (м Маяковская)

Пер. Большой Спасоглинищевский, 9 (м Китай-город)

Пер. Большой Строченовский, 7 (м Павелецкая)

КРАСНЫЙ ОКТЯБРЬ (ЦРВЕНИОТ ОКТОМВРИ)

„Красниј октјабр“ е главната атракција на градот во последниве години, своевиден град во градот. Овој арт-клуб се наоѓа во самото срце на главниот град, на територијата на поранешната фабрика за чоколада кое го носи истото име. „Красниј октјабр“ е неприкосновен центар на боемска Москва, средиште на трендовските клубови, барови, ресторани, уметнички галерии и изложбените салони. Задолжително место за посета за сите гости на градот. Ве советуваме да за посета на „Красниј октјабр“ да одвоите минимум половина ден, почнувајќи некаде околу 5 навечер до утрото. Како што беше споменато погоре, на територијата на „Красниј октјабр“ има бројни интересни места, но сега ќе ви раскажеме за три од нив.

GIPSY

Благодарение на големата летна тераса со поглед на реката Москва Gipsy е едно од најатрактивните места за летните журки. Иако тука и назима никогаш не е здодевно - внатре има огромен подиум со бар на средината, диско-топки на таванот и ѕидови со леопардови дезени. Публиката е пријатна, има многу убави девојки. Во петоците се организираат едни од најдобрите техно-забави во градот, а саботите има мешана музика и „пијан танц“. Во текот на денот Gipsy работи како квалитетен ресторан - топло ви препорачуваме во текот на летото да вечерате на терасата. Ќе ве чини околу 10 евра, едно мохито чини 6 евра.

Адреса: Болотная наб., 3/4

ROLLING STONE BAR

Можеби ова е најдоброто место во градот во стил „алко-денс“. Не секогаш можете да влезете, но секогаш е бучно и многу весело. На подиумот има микс од британски рок и ретро-хитови. Како и Gipsy и Rolling Stone може да се пофали со пространа тераса (која работи не само во текот на летото, туку и назима) и убав изглед. Едно од омилените места на странците кои работат во Москва. Шотовите ќе ве чинат од 3 до 7 евра.

Адреса: Болотная наб., Д 3 стр.1

БАР СТРЕЛКА

Своевидно култно место во „Красниј октјабр“ е барот Стрелка, кој од моментот на своето отворање привлекува најмодерната публика од престолнината. За тоа придонесува и неговата локација, како и атмосферата која владее таму. Во текот на летото на покривот се открива тераса со прекрасен поглед кон реката Москва. Навечер редовно се одржуваат концерти и игранки. Коктелите чинат околу 10 евра, а вината од 7 евра па нагоре.

Адреса: Берсеневская набережная, 14, стр 5А

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња