Пет необични руски споменици

Извор: ИТАР-ТАСС.

Извор: ИТАР-ТАСС.

Спомениците обично се поставуваат за да одбележат некој настан или да се оддаде почит и признание на некоја личност. Во Русија постојат и споменици кои не се поврзани ниту со едното, ниту со другото, но сепак во себе содржат определена симболика. Запознајте се со петте најнеобични споменици во Русија.

Споменикот на првата табуретка на земјата Руска се наоѓа на имотот на браќата Аршеневски во Таганскиот реон на Москва. Во 1999 година на имотот беше отворен музеј на мебел, а во 2000 година таму беше поставен еден од најголемите споменици посветени на предметите од секојдневието – споменик во вид на триметарска табуретка.

Споменик на рендето

Глушец ткае ДНК

Споменикот на рендето се наоѓа во Екатеринбург. Неговите размери не се мали: висок е 2.5 метри, тежи повеќе од 100 килограми. Градската легенда вели дека еднаш навечер на Денот на шегата (1 април) огромното метално ренде едноставно се појавило во центарот на градот. Непознати лица го поставиле споменикот и оставиле натпис: „Најзгодно место за дискусии“. Во рускиот јазик постои израз „да се изренда прашањето“ („перетереть вопрос“), односно да се разреши спорната ситуација. На таков начин овој споменик стана скулптурна метафора.

Споменик на домашните влечки

Споменикот што секој може да го проба се наоѓа во Томск. Во 2006 година на тремот на хотелот „Томск“ се појави не многу голем споменик на домашните влечки. Неговата должина изнесува 32 сантиметри. „Чувствувајте се како дома“ пишува на него. Авторот на скулптурата Олег Кислицки, долго размислувал како да се овековечат домашните влечки – со пуфка, со отворени прсти, волнени. На крајот тој едноставно направил копија од своите домашни влечки што секојдневно ги употребува. Бронзените домашни влечки изгледаат многу износени, но споменикот со тоа само добива: така тој изгледа многу пореалистично.

Извор: ИТАР-ТАСС

Споменик на систем за греење

Бронзената композиција – прозорец, мачка и радијатор – претставува своевиден барелјеф на ѕидот на Самарската топлана. Инспирација за ова дело биле самарските мачки. Жителите на градот, по барање на авторот на споменикот, испраќале фотографии од своите миленици кои се греат на радијатор. Како прототип за парното греење послужиле стари радијатори од почетокот на 20 век, кои биле најдени во зградата на Самарскиот ликовен музеј. Споменикот бил откриен на 150-годишнината од пронаоѓањето на радијаторот, на 19 октомври 2005 година.

Споменик на клавијатурата

Бетонскиот споменик на клавијатурата, исто како и споменикот на рендето, се наоѓа во Екатеринбург. Неговата големина изнесува 16 на 4 метри, секое копче тежи околу 80 килограми. Тастатурата го симболизира обединувањето на комуникацијата помеѓу Европа и Азија, зашто имено Урал е границата помеѓу нив. Градската легенда гласи дека ако си замислиш желба и ако ја „исчукаш“ на тастатурата со скокање од буква на буква, и ако потоа „стиснеш“ „Ентер“, желбата ќе се оствари. Доколку постојат некакви тешкотии во животот, треба да се скокне „CTRL, ALT, DEL“ по што животот „ќе се ресетира“. Оние што не веруваат во легенди го сакаат овој споменик зашто на него може да се седне и да се направат одлични фотографии.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња