Летото 2012 легендарната група „Аквариум‘‘ наполни четриесет години. За тоа време нејзиниот водач Борис Гребеншчиков го помина патот од петербуршки „бунтовник‘‘ на седумдесетите, кој по подрумите пее забранети песни, до култна личност на многу поколенија на доцните години на СССР и на современа Русија со полни стадиони и концертни сали. Успеа и да промени неколку бендови, да сними неколку десетини албуми и синглови во Русија и на Запад, да експериментира со различни музички стилови, од рокенрол, блуз и панк до реге, неокласицизам и фолк, да се воодушево од источните учења и историјата и културата на Русија... Музиката на групата „Аквариум‘‘ се проткаена со мноштво стилови и испреплетена е со руски и келтски етномотиви, а текстовите за нивните песни се луцидни и загонетни, небаре се пораки од други светови.
Гребеншчиков е секако врвен уметник, но истовремено е и многу популарен кај народот. Генерацииите од 70-те и 80-те, дури и оние на кои „Аквариум‘‘ не им е омилена група, и денес напамет ги знаат нивните песни „Под небото сино‘‘, „Тој воз во огнот‘‘, „Време е да ја преминеме оваа река‘‘, „Ѕвезда Аделаида‘‘, „Стоевме на рамно‘‘.
Руска реч ве запознава со исклучителната композиција „Дубровски‘‘, каде ликовите од истоимениот роман на А. С. Пушкин се тесно испреплетени со евангелиските мотиви (мотивот на сакралниот град Ерусалим) и размислувањата за духовниот препород на Русија. Песната беше изведена на 14 октомври 2008 на хуманитарниот концерт за помош на децата без родители во Националната опера на Украина „Т. Г. Шевченко‘‘ во Киев.
Дубровски
Кога во тешките времиња мириса на општа беда
Тогаш во часот полноќен, тивок, неупадлив,
Од шумата излегува старец и гледаш тој сосема не е стар
А, напротив, сосема млад убавец Дубровски
Разбуди се, Костормо моја, не спијте, Саратов и Твер,
Белки не ќе трпиме и не ќе плачеме за леб довека
Дубровски седнува во аероплан, Дубровски лета нагоре,
И лета на грешната земја, и пишува на небото –
„Не плачи, Маша, јас сум тука;
Не плачи – сонцето ќе огрее;
Не криј ги очите од Бога,
Оти како ќе нѐ најде?
Небесниот град Ерусалим
Гори низ студ и мраз
И ете го стои тој пред нас
И нѐ чека, и нѐ чека...‘‘
Тој го фрли својот штит и својот меч, и кубурата во канал,
Тој сфати, дека нема кому да му се одмазди, и радосно дише,
Во тешкиот час за Родината над нас лета неговиот аероплан
Убав како иконостас, и пишува, и пишува –
„Не плачи, Маша, јас сум тука;
Не плачи – сонцето ќе огрее;
Не криј ги очите од Бога,
Оти како ќе нѐ најде?
Небесниот град Ерусалим
Гори низ студ и мраз
И ете го стои тој пред нас
И нѐ чека, и нѐ чека...‘‘
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче