Три прошетки низ Москва: сликарска, литературна и музичка

Извор: Getty Images / Fotobank.

Извор: Getty Images / Fotobank.

„Руска реч“ ви претставува три еднодневни маршрути, кои ќе ви ги откријат најскриените тајни на културниот живот во руската престолнина.

Фотографија: Getty Images / Fotobank.

Кремљ и Црвениот плоштад се најпознатите културно-историски споменици на руската престолнина и секој турист што доаѓа во Москва задолжително ги посетува. Но, сепак, во Москва постојат многу други места кои задолжително треба да се посетат. Ако не се придржувате на стандардите од маршрутите на туристичката програма, ќе можете да откриете споменици по кои Русија е навистина единствена во светот: извонредни примери на сликарството и архитектурата, споменици поврзани со литературата и музиката, како и природни убавини.

Пенелопа Воглер неодамна се врати од својата прва посета на Русија и зборува за петдневниот престој во Москва: „За мене престојот во Москва е незаборавно искуство. Москва е неверојатен спој на исклучително богата култура и несекојдневна забава. Дури и сосема вообичаена работа како што е одењето во метро, всушност претставува патување низ светот на советската уметност и историја. Особено ми се допаднаа московските храмови, кои од врвот до дното се прекриени со керамички украси, со икони и позлата, виугавите реки и пролетната убавина на московските паркови, куќата на Толстој која е претворена во музеј, галерии, дворци... Сето тоа е дел од литературно-историскиот мозаик, кој на многумина од нас на Запад им е сосема непознат, за наша голема несреќа.‘‘

Значи, ако навистина сакате да ја запознаете Москва, можете да изберете една од трите маршрути за кои не ви е потребен водич. За секоја маршрута ќе ви биде потребен по еден ден.

}

Државната галерија „Павел Третјаков“. Фотографија од слободни извори.

Прв ден: сликарство и архитектура

„Сликарството е нераскинлив дел од московскиот амбиент, тука тоа се среќава на секој чекор‘‘, зборува за своите впечатоци Гитанџали Чатурведи од Индија. Многу гости на престолнината најпрво одат во Пушкиновиот музеј на сликарството, кој е познат по колекцијата слики на европски импресионисти. Но, зошто во програмата да не се вклучат и делата на руските сликари? Државната галерија „Павел Третјаков‘‘ (Третјаковска галерија), сместена во еден живописен амбиент на Замоскворечје, им нуди на своите посетители „забрзан курс‘‘ по руска историја и култура. Меѓу останатите слики тука се изложени и портрети на царевите, икони, руски пејзажи од кои ви застанува здивот и грандиозни прикази на историски настани.

„Поминав цел ден во Третјаковската галерија и уживав во уметноста‘‘, вели Чатурведи. Посебен впечаток ми остави сликата на Репин „Иван Грозни го убива сина си‘‘ и восхитувачките пејзажи – прикази на бура на море, непрегледни полиња, пролетни цвеќиња и ливади. Според зборовите на Чатурведи, еден ден во Третјаковската галерија е доволен за во целост да се соживееш со Русија и со нејзиниот народ. А, во ресторанот „Класика‘‘, чиј амбиент ги потсетува посетителите на ремек-делата на руското сликарство, може да се нарача одличен „бизнис ланч‘‘.

Иван Грозни со својот син Иван 16 ноември 1581 година. Илја Репин, 1883-1885.

Задолжително треба да се видат и воздушестите слики на Михаил Несторов, кои се проткаени со светлина, чии оригинали се наоѓаат во Марфо-Мариинскиот манастир. Овој елегантен храм во модерен стил е проектиран од страна на архитектот Алексеј Шчусев. Една од неговите најпознати работи е Мавзолејот на В. И. Ленин. Поклониците на уметноста на 20 век треба да одат во Новата Третјаковска галерија, каде можат да уживаат во примероците на современата експериментална уметност и во денес веќе заборавените скулптури кои своевремено биле симбол на советската епоха.

Попладне најубаво е да се седне во метро и да се дојде до станицата „Коломенскаја‘‘, а оттаму во паркот Коломенское, каде се наоѓаат врвни примери на московската архитектура. На брегот на реката Москва, меѓу овоштарниците преполни со јаболка, се издига храмот на Вознесението Господово, кој се вбројува во спомениците на Светското културно наследство на УНЕСКО. Изграден е во 1532 година по нарачка на Василиј III по повод раѓањето на престолонаследникот Иван, кој подоцна станал познат како Иван Грозни. Тоа е еден од најстарите камени храмови во Русија. Неговата купола во облик на шатор се засновува на многубројни лакови на фасадата и на сводовите на скалите.

Во паркот околу храмот се наоѓаат остатоци на населби од каменото доба и реконструирани царски одаи од 17 век. Во музејот, сместен во зградата на управата, е изложена колекција од најразновидни експонати, меѓу кои е и позлатената царска порта и печките од ковано железо, дело на уметникот Михаил Врубел. Во паркот посетителите имаат можност да ја видат дрвената куќичка на Петар Први, да се повозат низ паркот на познатата руска „тројка‘‘ или да прошетаат со чамец по реката, да наминат во некој од тукашните дрвени ресторани, каде се служи пилешко на скара и медова ракија.

}

Патријаршиски езера. Фотографија од слободни извори.

Втор ден: литерарна Москва

Неодамна во Москва беше отворена метро-станицата „Достоевскаја‘‘. На ѕидовите на оваа станица направени од сјаен црно-бел мермер се прикажани илустрации од романите на писателот. Покрај станицата се наоѓа музејот на Достоевски, на метото каде тој живеел. Имено, порано тука се наоѓало едно крило од Мариинската болница за сиромашни, каде писателот се родил и каде го поминал своето детство.

Кога ќе излезете од музејот, можете да одите уште две станици со метро, а потоа до станицата „Чеховскаја‘‘ долж булеварот до споменикот на поетот Сергеј Есенин, во чија близина се наоѓа музејот на Максим Горки, кој исто така се наоѓа на местото каде тој живеел. Тоа е мошне убава и модерна вила, а наспроти неа се наоѓа храмот каде се венчал Александар Пушкин. Речиси сите украсни елементи, вклучувајќи ги и прочуените мермерни скали со брановиден облик, светилката во вид на медуза и бронзената брава во облик на морско коњче, ги осмислил архитектот Фјодор Шехтељ. Влезот во музејот е бесплатен.

Оваа маршрута може да се заврши со посета на градската музеј-куќа на А. П. Чехов. Недалеку оттаму се наоѓа рибник покрај кој се одвивале првите сцени од култниот мистичен роман на Михаил Булгаков „Мајсторот и Маргарита‘‘. Во ресторанот „Маргарита‘‘ може да се нарача извонреден „бизнис-ланч‘‘ во кој влегува и чаша вино и вареники со вишна.

Тука се наоѓа и станот во кој некогаш живеел Булгаков, а кој денес има статус на музеј. Во истиот двор се наоѓа и културниот центар „Дом Булгакова‘‘, познат по удобните ресторани и стилизираниот „трамвај со гумени тркала‘‘, кој сообраќа во овој дел од градот.

Одлично продолжение на темата за советските писатели може да биде музејот на Владимир Мајаковски – единствената четирикатна конструкција која ги одразува авангардните идеи на поетот. Посетата на музејот ќе им овозможи на посетителите во полна мера да ја почувствуваат силата на надежта и очајот на луѓето кои живееле во Русија во почетокот на дваесетиот век, а кулминација ќе биде посетата на собичката на последниот кат, каде Мајаковски го завршил својот живот.

Четири станици понатаму, на метро-станицата „Парк куљтури‘‘ се наоѓа стариот дел на Москва „Хамовники‘‘, каде сѐ е проткаено со сосема поинаква атмосфера: тука во сенките од дрвјата се гледа имотот на Лев Толстој. Ако влезете во дрвената куќа и погледнете во гостинската соба, каде главни украси се клавирот и крзното од мечка, ќе можете да слушнете снимка со гласот на големиот писател, а потоа ќе можете и да го видите прочуениот велосипед кој сѐ уште стои потпрен на ѕидот покрај кабинетот на Лев Николаевич. 

}

Бољшој театар. Фотографија: Алексеј Вихров.

Трет ден: звуците на музиката

Маршрутата започнува на метро-станицата „Театраљнаја‘‘, каде плафонот е украсен со златесто-бели барелјефи со прикази на порцелански балерини, флејти и балалајки. Од метрото треба да се искачите од излезот ко води кон Бољшој театар, кој неодамна беше реставриран и да се упатите кон Камергерската улица. Тоа е пешачка зона со огромен број кафулиња и ресторани. Токму на ова место живеел познатиот композитор Сергеј Прокофјев.

Подземниот премин под Тверската улица ќе ве доведе до Конзерваториумот – средиште на московската музичка традиција. Од самото отворање на Конзерваториумот во 1886 година предавал Петар Илич Чајковски, и токму додека работел тука го напишал своето познато „Лебедово езеро‘‘. Пред Конзерваториумот е поставен споменик на големиот композитор. Околу споменикот има ниска ограда со вплетени ноти од шест негови дела.

Неодминлив дел од маршрутата е прошетката по Брјусовата улица. Во зградата број 7 живееле многу исклучителни мајстори на балетот и музичари. Покрај оваа зграда се наоѓаат споменици на познати музичари и Домот на композиторите, каде на ѕидот е прикажан виолински клуч. Ако по Страсниот булевар се искачите на ритчето, ќе видите уште два споменика: на композиторот Рахманинов, прикажан како седи на стол пред куќата во која некогаш живеел, и на пејачот и поет Владимир Висоцки, кој стои со раширени нозе со гитара на грбот. Неговите страсни песни за љубовта, војната, политиката, безумието и пијанството ги освоија срцата на безброј негови поклоници.

Завртете налево и набрзо ќе стасате до градината „Ермитаж‘‘, каде се наоѓаат неколку театри, а меѓу нив особено се истакнуваат тркалезните контури на зградата на „Новата опера‘‘. Оваа оаза на мир и тишина во самиот центар на мегаполисот изгледа прекрасно и зиме кога е под снег, и напролет, кога дрвјата цветаат. Зиме тука работи лизгалиштето, а лете се организираат концерти на отворено. Кафулето „ Чајхона № 1‘‘ е подготвено гостопримливо да ги отвори вратите на секој што сака да се напие шолја чај. Преминете ја прометната обиколница „Садовое кољцо‘‘ („Градински прстен‘‘) и ќе се најдете во Музејот на музичката култура „М. И. Глинка‘‘, каде нема што нема: од лири од 13 век до првите електронски инструменти. Во музејот во очи паѓаат познатите зборови на М. И. Глинка: „Народот создава музика, а ние, уметниците, само ја аранжираме‘‘.

Вечерта е вистинско време за жива музика. Можете да одите во удобниот камерен театар покрај Никитската порта на спектаклот „Песни од нашиот двор‘‘, каде гледачите ја гледаат претставата со вотка и мезе. Тоа е одлично средство за ослободување од сите јазични бариери (teatrunikitskihvorot.ru). „Тоа беше луда вечер, исполнета со руски песни и со вотка. Ни на сон не ќе помислев дека претставата во која не разбрав ниту еден збор, ќе ми пружи толкаво задоволство. Тоа е искуство кое е неспоредливо‘‘, ни ги пренесува своите впечатоци Пенелопа Вогнер.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња