На што се смее Русија во денешницата

Дмитриј Медведев со учесниците на емисијата Comedy Club. Извор: ИТАР-ТАСС.

Дмитриј Медведев со учесниците на емисијата Comedy Club. Извор: ИТАР-ТАСС.

Современиот руски хумор, за разлика од западниот, води потекло од колективизмот „Клуб на веселите и снаодливите‘‘, популарното Ка-Ве-Ен.

Стендап комедијата („stand-up comedy“)е индивидуално искуство на моралното разголување пред јавноста, на кое се гради огромен дел од западниот хумор. Но рускиот, за разлика од западниот хумор, произлегува од колективизмот, односно од екипните настапи во „Клуб на веселите и снаодливите‘‘, популарното Ка-Ве-Ен. 


Феноменот Ка-Ве-Ен

Телевизискиот формат Ка-Ве-Ен („Клуб на веселите и снаодливите‘‘) е екипа од десетина луѓе кои се шегуваат на сцена и во исто време ги глумат своите улоги. Шегите ги смислуваат заедно со техника на „размислување‘‘ (brainstorming). Овој формат настанал во СССР на самиот почеток од развојот на телевизијата, на крајот на педесетите години од минатиот век и бил мошне популарен. 

Ка-Ве-Ен: Групата „Уралски пелмени“ во скечот „Мечки“. Извор: ИТАР-ТАСС.

Движењето Ка-ве-ен се прошири низ целата земја. По теркот на оваа емисија се организираат Ка-Ве-Ен игри по училиштата, универзитетите и претпријатијата. Квалификациите за Ка-Ве-Ен се одржуваа на универзитетите ширум земјата, а на телевизија настапуваа само најдобрите екипи. Во сеопштата стагнација во владеењето на Брежнев емисијата беше укината, но помали клубови и понатаму продолжија да работат. По обновувањето на стариот формат за време на перестројката, хуморот повторно почна да цвета. Во суштина, „Клубот на веселите и снаодливите‘‘ во Русија стана расадник на млади комичари. Од неодамна овој расадник почна да го губи своето значење и полека се потиснува на втор план. „За мнозинството луѓе е полесно да зборуваат за што било, одошто да кажат нешто за себе‘‘ - вака ги коментира пробите на рускиот стендап московскиот стендап комичар Николај Куликов. „Во советско време, а потоа и во деведесеттите години, ги гледавме луѓето од Ка-Ве-Ен како излегуваат на сцена, но не зборуваат за себе. Ќе излезеа на сцена со парче хартија и ќе речеа: 'Тетка Соња е тоа и тоа' или 'Русите се тоа и тоа'.  Но, тие самите не беа на тапет.‘‘ - додава Куликов. 


Време на новиот хумор

Првата деценија на 21 век беше одбележана со невидена институционализација на хуморот. Руските телевизии најпрво почнуваат да купуваат права за американските ситкоми, а потоа да произведуваат свои. Во 2005 година на каналот ТНТ почнува да се прикажува Comedy Club, се основа радиостаницата „Хумор FM“, 2006 се појавува хумористичната емисија „Наша Раша‘‘ (Наша Russia – спред англискиот изговор), а во 2007 Интернет-пејачот Петар Налич со својот спот-пародија „Гитар‘‘ го освојува Интернетот, а Ка-Ве-Ен конечно станува серуски расадник на телевизиски кадри, кои се огледуваа во сценаристи, уредници на емисии, водители и ѕвезди.

Спотот на Петар Налич „Гитар“ кој има преку 5,5 милиони посети на YouTube.

Тоа е нормално: настапи стабилноста и се раширија сферите на забава, а со тоа и сферата на смешното. Во првата деценија на овој век се намали бројот на видливи проблеми во руското општество и имаше повеќе причини за радост одошто во претходното десетлетие. Тие продори на хуморот во првата деценија на 21 век беа симптоми на социјални промени и одраз на тенденциите кои го определуваат рускиот живот во моментов.

 

Политиката не беше многу смешна

Во деведесеттите години хуморот беше максимално исполитизиран, небаре сѐ што беше смешно во земјата се случуваше во политиката. Главна улога имаше емисијата „Кукли‘‘ што се емитуваше од 1994 година на каналот НТВ.

Емисијата претставуваше осврт на популарни литературни дела, историски настани и личности прикажани со помош на кукли од латекс со ликови на руските политичари. Секоја сцена прикажуваше дневнополитички реалии и конфликти. Рејтингот на емисијата растеше и до 22%, а во весниците повеќе не се пишуваше само за реалните политичари, туку и за нивните телевизиски кукли-двојници. Тогаш беа формирани и каноните на имитирањето: Елцин го развлекува говорот и многу користи зборови-паразити, а Жириновски зборува брзо и остро. Меѓутоа, во 1999 година во политичкиот хумор се забележува голема промена.

 

Политиката беше безлична

На смена на живописниот и несмасен Елцин, дојде човек кој практично немаше никакви нагласени особености. Во говорот, изгледот и во манирите на Владимир Путин ништо не беше упадливо и препознатливо. Максим Галкин, популарниот ТВ водител и имитатор, ќе рече: „Заминувањето на Елцин осиромаши многу автори‘‘. А, самиот Галкин се прославина тој начин што го зазеде испразнетото место. Во есента 1999 година тој со стаклен поглед излегува на сцената, забележително срамејќи се, несмасно го искривува вратот и безизразно, но енергично ги изговара единствените зборови кои асоцираа на Путин: „Добра... кхм... вечер‘‘. И во тој момент станува ѕвезда.

И останатите имитатори ставаат акцент на пресметливата воздржаност, карактеристична за Путин. Во очите на комичарите Путин полека станува сѐ посамоуверен и побрутален. Се чинеше дека е пронајден карактеристичниот манир на новиот претседател, но ефектот траеше кратко. Брзо помина модата на имитирање на Путин на телевизија, емисијата „Кули‘‘ беше згасната во 2002 година, по смената на раководството на каналот НТВ, кој беше преземен од државната фирма „Газпром‘‘. Тука не се работеше само за цензура, ами и за самоцензура.

„Во првите години на овој век, политиката на сите им здодеа‘‘ вели Максим Каноненко, творецот на некогашниот сајт Vladimirvladimirovich.ru , на кој тој на шеговит начин ја опишува секојдневноста на Владимир Путин. „Општеството стана потрошувачко веднаш штом беше создадена можност за тоа. Покрај тоа, на почетокот на 21 век, внатрешната политика се повлече од јавноста, од сцената заминаа политичките кловнови и вреваџиите од деведесеттите, а на нивно место дојда сиви луѓе во сиви костими. И за човек да може да прави шеги на сметка на таа заткулисна политика, мора добро да се разбира во неа‘‘ – се сеќава Каноненко.

Така излезе дека „Владимир Владимирович™“ во каноненковата интерпретација не е строг политичар, ами само набљудувач, кого повремено го тормозат опозициските политичари или странските лидери. Различните настани во земјата сѐ почесто се објаснуваа со тоа дека се расипал некој пратеник-андроид. Притоа, сите јунаци еден на друг си велеа „братеее‘‘.

Семјон Слепаков, сценарист и продуцент на емисијата „Наша Раша“. Извор: ИТАР-ТАСС.

Всушност, од сајтот на Каноненко започнува времето на поинаков политички хумор. Тој хумор повеќе не е дневнополитички, сега повеќе личи на обичниот живот на еден просечен човек. Политиката сосема се претвори во приватна работа на обичните луѓе. И во сферата на масовниот хумор од сета политика остана само политичарот, а и тој е обичен човек, како и публиката што му се смее, и тој ги има истите слабости, истите радости, истите грижи...

„Тогаш ние не правевме шеги на политички теми, макар што секој можеше да каже што сака‘‘, се сеќава Семјон Слепаков, сценарист и продуцент на емисијата „Наша Раша‘‘, најпопуларната хумористична скеч-емисија во Русија. „Но, нам сето тоа не ни беше интересно, нас нѐ интересираа други работи, кои им беа многу поважни на гледачите.‘‘

Во средината на првата деценија од 20 век во сферата на масовниот хумор, политиката конечно му го отстапи патот на приватниот живот.

 

Петолетка на фекалниот хумор

Со продорот на темите поврзани за секојдневието, хуморот станува евтин и паѓа на ниво на вулгарности: од шегите поврзани со гениталиите комичарите преминуваат на шеги поврзани со фекалиите. Од гледна точка на културата тоа беше деградација. А, од гледна точка на социјалниот живот тоа беше напредок, зашто се легализираа многу теми кои порано беа забранети.

Благодарение на таквата дрскост и на нарушувањето на претходните табуа, рускиот ТВ-шоу Comedy Club, кое по нивото на хуморот потсетува на RTL Samstag Nacht, станува најуспешниот телевизиски проект на деценијата. Деценија, која е обележана со сеопшто созревање на стилот на масовниот јавен хумор и на „моралното растоварување‘‘ на гледачите.

Но, на рускиот гледач брзо му здодеа обилноста на непристојни содржини и веќе на почетокот на 2011 година Comedy Club се менува, исчезнуваат разуздените шеги, а а шоуто почнува да го води најучтивиот човек во екипата – Гарик Матиросјан. „'тоалетните' шеги се показател на стабилноста во општеството. Во Америка и во Европа луѓето веќе со децении живеат по исти шеми, ним, напротив, навистина им недостасува она што се наркува 'треш'. Затоа во нивните комедии хуморот е груб до крајност‘‘, објаснува Слепаков.

 

Шеги на сметка на богатите

Но, сепак, Comedy Club не стекна популарност само со фекалниот хумор. Емисијата се разликуваше од застарените шоуа од деведесеттите по тоа што во мала сала не седеше анонимна толпа, туку многу познати јавни личности, на чија сметка се правеа шеги, и тоа прилично мрсни и подбивни. Малограѓанскиот смев стана средство за стекнување богатство и гламурозна слава, за „вклучување‘‘ на малограѓаните во нормалниот живот. На смена на „новото богатство‘‘ од деведесеттите дојде самоиронијата на 2000-те.

„Рускиот хумор на 2000-те“, смета  Гарик Мартиросјан, „се засновува на истите принципи како и хуморот на деведесеттите, но има едно мало 'но': во деведесеттите тие принципи и трендови го имаа извикот 'Ура! Станавме побогати! Ура! Се појави сексот! Ура! Се појави рекламата! Ура! Летуваме по цел свет!'‘‘

Тие принципи беа очекувани и во хуморот на 2000-те, но се сменија емоциите. Еуфоријата ја замени критичкиот пристап: „Богатството на многу наши граѓани поприми гротескни димензии. Рекламата нѐ убива во поим, шоу-програмите се повторуваат и меѓусебно се копираат. Почнавме да летуваме по сиот свет, а кога ние летуваме, сиот свет се мачи‘‘, објаснува Мартиросјан. Така гламурот мошне брзо беше заменет со јавно самокамшикување, симнување ѕвездени одори и претворање во жив човек.

 

Музички Интернет-панаѓур

Истовремено со разобличувањето на богатството и со ширењето на Интернетот хумористичниот простор го заземаат нови комичари. Музичките ѕвезди во 2000-те дојдоа заедно со Интернетот, и може да се каже дека токму тие луѓе се лидери во современиот руски хумор.

Првата таква ѕвезда е Петар Налич со спотот „Гитар‘‘ од 2007 година. Момче со простачки изглед седи во „Лада‘‘ и на расипан англиски јазик пее: „џамп ту мај Јагуар‘‘ („скокни во мојот Јагуар‘‘). Налич настапува во жанрот поетско-музичка пародија, а овој жанр е исто толку стар и сложен, колку и лирската песна. Музички шеги компонирале и Бах и Моцарт. Налич го пародира начинот на живеење на селскиот „мачо‘‘ и музичката структура на неаполската романса, односно ги засмејува и дилетантите, а и оние што се разбираат во музика.

Во некое друго време мелодиите на Налич би се третирале како најобични песни. Но, тој одлично го чувствува духот на времето: штом популарните музичари не можат да му понудат на слушателот ништо суштинско ново, тогаш хуморот станува она „новото‘‘ и му дава вкус на она што е суштински старо. И само две години подоцна, истиот тој Налич, за кој до неодамна никој немаше чуено, ја претстави Русија на песна на Евровизија.

 

Integration durch Humor

Како што растеше животниот стандард во 2000-те, така започна миграцијата во големите руски градови. Просечната заработувачка во овие градови толку отскокна од просечната заработувачка на жителите на Кавказот и на Средна Азија, што миграцијата стана масовна, и тоа веднаш се одрази и на хуморот. Есента 2006 на екраните се појавува ТВ шоуто „Наша Раша“ (Наша Russia) според лиценца на британската фирма „Little Britain“. Главни јунаци и идоли на емисијат стануваат ликовите Равшан и Џамшут.

Обајцата се гастербајтери кои бесконечно долго им ги реновираат скапите станови на имашните Руси. Тоа е самоиронична алузија на масовното реновирање на советските станови кое ја зафати Русија во почетокот на деведесеттите и трае до денес.

Сцените во епизодите се обликуваат по ист принцип: двајца невешти работници лошо се ориентираат во руското опкружување, слабо го владеат јазикот и не можат да сфатат што им зборува на руски нивниот претпоставен. Поклопецот од стариот клавир го користат како трпезариска маса, кога ги замолуваат да ја бојадисаат собата, тие го бојадисуваат и плазма телевизорот. Културниот канон на малку грубиот руски претпоставен, на раководителите на градежните работи - се спротивставува на културниот канон на двајцата доселеници од Централна Азија. Тие какони се сосема спротиставени. И излегува смешно.

Одеднаш Равшан и Џамшут стануваат популарни не само меѓу Русите, туку и меѓу истите тие гастарбајтери кои тие ги претставуваат, зашто заедницата на гастарбајтери во Русија до денешен ден нема свој гласноговорник. Така „Наша Раша‘‘ практично станува единствена јавна сфера во која националните малцинства добиваат свој глас, па макар бил и комичен.

Тој смев како да ги сроди Русите со оние кои тивко и незабележливо работеа на нивните градилишта. „Наша Раша‘‘ станува основен извор за претстава за животот на гајстарбајтерите, со тоа што Равшан и Џамшут се апсолутно позитивни, симпатични, па дури и емотивни ликови.

Во таа смисла, шегите на сметка на гастарбајтерите, во кои тие пред сѐ се претставени како позитивни ликови, може да биде вистинскиот чекор во нивното излегување од „зоната на слаба видливост‘‘ и вклучување во современите текови на руското општество. Треба да се има предвид дека за десетина години ќе дојде поколението деца на истите тие ноќни чувари и градежни работници, деца кои посетувале руски училишта, додека нивните татковци заработувале за леб, и меѓу тие деца исто така ќе се најдат свои комичари, како и меѓу емигрантите во Германија.

 

Рускиот стендап

Но, и популарноста на емисијата „Наша Раша“ веќе опаѓа, а на нејзино место доаѓа времето на комичарот-индивидуалист.

„Главниот проблем се состои во тоа што во Русија отсекогаш нѐ привикнувале на колективна работа‘‘, вели Куликов. „Доаѓаш во Ка-Ве-Ен, имаш 14-15 години, и твојот колектив веќе започнува да те обликува, да ти кажува кои шеги се прифатливи, а кои не се. Ти не можеш да ги провериш своите шеги, зашто твоите другари ти велат: 'Ние ја познаваме оваа сала, ја познаваме публиката, верувај, нема да ти помине'.‘‘

Куликов му припаѓа на новото поколение комичари. Тој настапува самостојно по клубови. Се шегува на своја сметка, зборува за своите сложени односи со татка си, за тоа како за Нова година заедно со девојка си го преживеал нејзиниот напад на астма. Гледачите се смеат.

„Голем дел од она што го зборувам на стендапот е резултат на некои мои глупости. Само што јас не чекам некој да ми укаже на нив, туку самиот си го кажувам: 'Ха-ха, гледајте, направив глупост!' – и така заработувам пари.‘‘

Позицијата на Куликов се засновува на искреност. Рускиот стендап што се прикажува во последниве години не е копија на западниот стендап, ами сосема нова појава. Не станува збор толку за жаргон, колку за начин на создавање хумор кој им е јасен на сите, но потекнува од еден човек, а не од институција. Појавата на таквата авторска позиција, која во последниве години се забележува во Русија, е мошне позитивен тренд во сите сфери, а не само во хуморот. Единствено што во хуморот се забележува повеќе.

Овој текст претставува адаптирана верзија на оригиналната статија од „Руски репортер“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња