Медиуми: Ердоган смета дека е можно Путин да престане да го поддржува Асад

Претседателот на Русија Владимир Путин го промени својот однос спрема кризата во Сирија и гледа „многу попозитивно“ на иднината на оваа земја без Башар Асад, пишува Turkish Weekly, повикувајќи се на изјава на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.

Според Ердоган, тој ја забележал „позитивната“ промена во сириската политика на Путин во текот на средбата во Баку и во текот на неодамнешниот телефонски разговор. „Тој не ја зазема поранешната позиција; повеќе не остава впечаток дека  „ќе биде со Асад до крај“, изјави турскиот лидер во текот на посетата на Индонезија. „Во суштина сметам за можно дека тој (Путин) ќе го напушти Асад“.

Турскиот весник истакнува дека, и покрај блиските економски врски меѓу двете соседни црноморски земји, нивниот однос спрема сирискиот конфликт се разликува кардинално. Анкара е заинтересирана за смена на режимот во Сирија, додека Москва останува еден од “непоколебливите“ сојузници на владата на Асад, пишува весникот.

Кон крајот на јуни Путин на пленарното заседание на Петербуршкиот меѓународен економски форум изјави дека Русија е подготвена да води дијалог со Асад со цел тој заедно с опозицијата да спроведе политички реформи во земјата.

Одговарајќи на прашањето дали е подготвен да го повика Асад да се повлече од власт, претседателот на Русија изјави дека тоа може да го стори само сирискиот народ. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.