„Стратфор“: Русија и Кина се подготвени да се борат против влијанието на Америка

Самитите на земјите-членки на БРИКС и Шангајската организација за соработка (ШОС) претставуваат нов чекор во развојот на односите меѓу Русија и Кина, сметаат аналитичарите на компанијата „Стратфор“.

Според мислењето на набљудувачите, Кина ѝ даде на организацијата економска ориентација, а Русија ја истакна политичката улога на ШОС и ги поттикна учесниците да ја прошират соработката во сферата на безбедноста. 

Влегувањето на новите членки, Индија и Пакистан, во состав на Шангајската организација за соработка поставува основа за иден економски простор кој ќе може да се носи со Европската унија и САД, додека земјите од БРИКС, кои сочинуваат 20% од светскиот БДП, исто така претставуваат потенцијална алтернатива на економскиот систем ориентиран кон САД, се наведува во статијата.  

„Стратфор“ истакнува дека двата форума им овозможуваат на Пекинг и Москва да работат за сопствените регионални интереси, борејќи се притоа со економската, политичката и воената доминација на САД во меѓународниот систем.

„Во услови на криза на еврозоната, нестабилноста во Украина и споровите во Јужното кинеско море, Русија и Кина гледаат неопходност и можност да го срушат влијанието на САД, потпирајќи се на силите кои им ги дава соработката“, пишуваат аналитичарите. 

Постепената еволуција на БРИКС и ШОС во значајни организации сведочи за зајакнувањето на односите меѓу Русија и Кина, како и за нивниот став спрема САД. Новинарите истакнуваат дека, без оглед на извесната недоверба, партнерите најдоа заеднички јазик во рамките на двете организации, заедничката цел стана основа за нивна тесна соработка. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња