5 најпристапни светилници во европскиот дел на Русија (ФОТОГРАФИИ)

Патувања
ДМИТРИЈ ЛИСОВСКИ
Во Русија има стотици светилници кои служат за ориентирање на бродовите. Најинтересните често се наоѓаат на места кои се недостапни за туристите, иако има и исклучоци. Направивме избор за оние кои ги сакаат природата, шетањето и фотографирањето со кули во позадина.

Внимание: сите активни светилници во Русија се во сопственост на Министерството за одбрана и влезот на нивна територија е забранет. За среќа, можете да направите фотографија со светилникот и од далеку.

1. Големиот Волшки светилник

Активен светилник најблиску до Москва се наоѓа во близина на градот Дубна во Подмосковје (околу 140 километри северно од главниот град). Изграден е во текот на 1930-тите од затворениците на таканаречениот „Дмитровлаг“. Оттогаш го осветлува местото каде што се спојуваат Московскиот канал и Ивањковското вештачко езеро.

Историјата на светилникот може да се насети по неговиот изглед. Зградата од сива тула во стилот на советскиот конструктивизам изгледа како споменик на ерата на Сталин. Дополнителна причина да ја видите оваа уникатна структура со свои очи е тоа што во централна Русија тоа е единствениот активен светилник на река.

2. Осиновецкиот светилник

Ова е веројатно најпознатиот светилник во околината на Санкт Петербург кој често се прикажува на разгледници. Неговата популарност се должи на одличната локација. Конструкцијата висока 70 метри во Всеволошкиот реон на Ленинградската област се наоѓа блиску до песочна плажа со прекрасен поглед на езерото Ладога и високиот светилник.

3. Дрвениот светилник во Кронштат

Кронштат е предградие на Санкт Петербург познато по бројните светилници и тврдини (прочитајте повеќе за тоа овде). Меѓу нив се издвојува Дрвениот светилник. Изграден е во 1888 година и е еден од најстарите сочувани во Русија.

Денес служи како резервен светилник и претставува знаменитост на Кронштат, градот на военопоморската слава. Старите топови од блиското пристаниште се свртени кон морето, а во близина е усидрен разурнувачот „Немирен“ („Бепокойный“) во кој се наоѓа воен музеј.

4. Сочинскиот светилник

Ова е светилник за љубителите на историјата. Тој е еден од најстарите на југот на Русија и еден од симболите на Сочи. Неговата изградба се одолжила поради Руско-турската војна - траела од 1874 до 1890 година. Во завршните работи учествувале француски инженери кои осмислиле уникатен оптички систем. Благодарение на него, малиот светилник обезбедувал светлина што можела да се види на далечина од 32 километри, а бојата на светлосниот зрак се менувала во текот на годината.

Денес, светилката на светилникот повеќе не ја менува бојата, но сепак секоја вечер го осветлува брегот на Сочи со својот зелен сјај. Светилникот работи и затоа не може да се посети, но неговата осумстрана конструкција може да се набљудува оддалеку. На едниот ѕид се гледа дупка од куршум од граѓанската војна.

5. Светилникот Стирсуден

Посетата на овој светилник е одличен избор за љубителите на предизвикувачки прошетки и оние кои сакаат да си играат криенка-миженка. За да стигнете до него, прво треба да поминете прилично тежок пат со автомобил до Озерак во Ленинградската област во близина на Санкт Петербург, а потоа пеш да се пробивате низ дивите грмушки. И на крај светилникот можете да го набљудувате од далеку бидејќи Стирсуден се наоѓа на територијата на воена база и не е дозволена посета одблизу.

Сепак, вреди да се помачите - црвено-белата кула е неверојатно фотогенична, особено навечер, кога нејзината моќна светилка со кристална леќа го осветлува брегот на Финскиот залив.