5 тајни на островот-тврдина Кронштат кај Петербург

Legion Media
Џиновски докови, систем на одбранбени утврдувања, мареограф - во овој град можете да видите неверојатни хидротехнички градби од минатото. И сите тие сè уште функционираат.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
  • Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа https://mk.rbth.com/subscribe

Санкт Петербург, основан во 1703 година, требаше да стане не само нова престолнина, туку и „прозорец кон Европа“, клучно пристаниште на Руската империја. Се разбира, беше потребно, од една страна, да се заштити градот од можни несакани упади, а од друга, да се обезбеди добар приод на трговските бродови до пристаништето. За таа цел, на островот Котлин, на 30 километри северно од градот, каде што се протегала границата меѓу Русија и Шведска, започна изградбата на цел систем на фортификациски градби. Така се родил град-тврдина, опкружен со мали утврдувања, кој го добил името Кронштат, односно „крунски град“.

1. Главна тврдина и улица од леано железо

Кронштат е мал град на остров (денес во него живеат околу 45 илјади луѓе), во чиј центар се наоѓа поморска тврдина. Нејзината изградба започнала во 1723 година, а била доградувана и реконструирана сé до почетокот на XX век. Генералниот план на градот го утврдил лично Петар I и многу инженерски решенија му се припишуваат токму нему.

Во тврдината можете да видите комплекс од минофрлачки батерии (вооружени со мерзери), одбранбени касарни и земјен ров. Обрнете внимание на улицата кај главниот плоштад, каде што се наоѓа Морската црква „Св. Никола“. Направена е од леано железо, што практично не може да се види никаде во светот!

Тврдината го штити Кронштат од запад, север и исток. Додека на јужниот брег на островот се направени пет вештачки докови, наменети не само за воени, туку и за трговски бродови. Направени се на начини што ги штитат големите бродови од силните балтички ветрови.

Ветровите и поплавите биле редовна појава во Кронштат. Притоа, биле толку силни што во 1824 година целосно ја уништиле тврдината, па таа била повторно изградена од темел. Оттогаш, градот практично не се менувал.

Денеска од овие пристаништа тргнуваат бродови кои ги носат туристите на обиколка на кронштатските утврдувања.

Во советско време Кронштат бил затворен град, во кој можеле да влезат само воени лица. Денес секој може да го посети. Имено, островот е поврзан со друмски пат со Петербург.

2. Систем на одбранбени утврдувања

План на Кронштат од „Атлас на тврдините на Руската империја“

Градот го опкружуваат 17 утврдувања изградени на вештачки острови. Ако се гледа од воздух, изгледаат како да формираат синџир што го преградува патот кон Кронштат и Петербург. Најстарото утврдување е Кроншлот во јужниот дел на Котлин, изградена во 1704 година, пред главната тврдина. На таа страна Финскиот залив е подлабок, што значи дека опасноста од приближување на големи воени бродови е поголема.

Тврдината Кроншлот

А замислете го ова: тврдината е отворена во мај, а веќе во јули го одбила првиот напад на Швеѓаните. Островот Котлин бил предмет на територијални спорови и на Швеѓаните не им се допаднаке руските воени утврдувања. Следниот пат, една година подоцна, шведска ескадра со 2000 луѓе се обидела да го освои островот, со истиот успех. Само два дена им биле потребни на руските војници да го одбијат нападот. Тогаш Швеѓаните решиле да го нападнат Котлин од северната страна, мислејќи дека таму дното е плитко. Но, згрешиле во пресметките, губејќи околу илјада војници во водите на заливот, додека остатокот од флотата морал да се повлече. А Русите ја продолжиле изградбата на утврдувања.

Светилникот на Кроншлот

На јужниот правец, освен Кроншлот, се наоѓаат тврдините Петар I, Александар I („Чумната“ тврдина, каде се работело на вакцина против чума), Павел I, како и трите Јужни тврдини означени со број 1, 2 и 3.

Тврдината Александар I

Северот на Кронштат е опкружен со утврдувањата Обручев, Тотлебен, Северните тврдини под броевите од 1 до 7. Исто така, има неколку утврдувања на брегот на островот Котлин: Великиот кнез Константин на југ и тврдините Шанец и Риф на север.

Денес, повеќето тврдини се во полусрушена состојба, некои се реставрираат (на пример, „Чумната“), додека тврдината Константин е отворена за посета. Освен касарните и воените згради, има и многу интересен музеј на службата на светилниците.

3. Светилници и пловни патишта

Светилникот Толбухин

Заливот кај Кронштат е плиток и за да можат бродовите да минуваат, дното овде е вештачки продлабочено. Кронштатскиот пловен пат е широк од 80 до 150 метри и длабок од 11 до 14 метри. Припаѓа дури и на објектите на култура на Светското наследство на УНЕСКО!

За полесно движење на бродовите строго по пловниот пат им помагаат шест светилници кај Кронштат, како и голем број навигациски маркери. Тие светат според одреден режим: дел од нив повисоко, дел пониско, на тој начин покажувајќи го патот. До денес е во функција најстариот светилник во Русија, Толбухин, изграден во 1719 година на вештачки остров. Неговата светлина може да се види на растојание од 19 наутички милји.

Во Русија, сите активни светилници спаѓаат во воени објекти и се забранети за туристи. Меѓутоа, во музејот на службата на светилниците можете да ги видите огромните оптички леќи користени на руските светилници во минатите векови.

4. Стари инструменти за мерење на нивото на морето

Истовремено со основањето на Кронштат во Русија започнала и практиката на мерење на нивото на морето. Овие податоци и денес се важни за изработка на карти за бродовите да не се насукаат. За мерење се користи мерачот кај Синиот мост кој личи на железен линијар со поделби на кои се чита нивото на морето. Додека веднаш до него може да се види и најстариот активен автоматски мерач на нивото на морето - мареографот. Изгледа како мал жолт павилјон со шилец на врвот и завеси од чипка. Од 1898 година мареографот автоматски го бележи нивото на морето, следејќи ги плимата и осеката.

Токму од нула на кронштатскиот мерач била одредувана висината „над  нивото на морето“ во СССР (денес во Русија се користи системот на „нормални висини“, кој подразбира пресметка според посебни формули, додека во балтичките земји важи поранешниот принцип).

5. Петровскиот док и неговата тајна

Уште еден импресивен објект во Кронштат е Петровскиот док (каде што се градат или поправаат бродови). Изградбата врз основа на нацртите на Петар I траела 30 години и била завршена во 1752 година, 27 години по неговата смрт. Се зборува дека императорот го презел концептот за докот од Холанѓаните и Англичаните, но јасно е дека значително ја модифицирал првичната идеја.

Како прво, докот е огромен и може да прими десет бродови одеднаш. Второ, има просто неверојатна брзина на исфрлање на водата (водата се исфрла кога заради поправка треба да се пристапи до подводниот дел на бродот), каква што никогаш немало во Европа. Во тоа време доковите се сушеле најмалку една недела, па дури и еден месец, а на Петровскиот му бил потребен само еден ден, бидејќи водата најпрвин одела во посебен басен под нивото на докот, па дури потоа во морето. Тоа неколку пати го намалувало времето на задржување на бродовите на ремонт.

Уште еден интересен детал на Петровскиот док неодамна го забележаа  туристите и блогерите. Сигурно сте слушнале за полигоналната ѕидарија на Мачу Пикчу во Перу. Излегува дека слична технологија применувале и руските градители при изградбата на ѕидовите на докот, како и на ѕидовите на тврдината. Таквата работа бара исклучителен напор, а се изведува во оддалечените агли на сливот, кои ретко кој ги гледа. Што мислите, зошто било потребно тоа?

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња