Седум главни светилници во Русија: Најважните светла над хоризонтот

Во руските поморски градови светилниците не се само навигациски знаци, ами и цркви и градски знаменитости. Некои од овие светилници се прекрасни, а од некои на минувачите им минуваат морници по телото.

1. Светилникот Анива, Сахалин

На прв поглед ќе ви се стори дека ова место е идеално за снимање хорор-филмови. Светилникот на југоистокот на островот Сахалин, на недостапниот 'рт Анива го имаат поставено Јапонците во 1939 година.

Висок е 31 метар и во него комотно можат да живеат 12 луѓе. Но, веќе 30 години никој не се грижи за него.

Како се стасува?

Постојаните екскурзии тргнуваат од главниот град на островот, Јужно Сахалинск. Во текот на шестдневното патување туристите имаат можност да го видат не само овој светилник, ами и многу други природни убавини на Јужен Сахалин.

Повеќе информации на сајтот: http://gosakh.ru/tour-item/lighthouse-aniva-trekking/

2. Осиновецки светилник, Ленинградска област

Со 70 метри височина Осиновецки е еден од највисоките светилници на светот и оваа година полни 109 години.

Имал важна улога во текот на Втората светска војна како ориентир на таканаречениот пат на животот преку мразот на езерото Лагода преку кој во опколениот Ленинград стасувала храна и војници.

Како се стасува?

Со воз кој тргнува од Финската железничка станица до станицата Ладошко езеро. Светилникот, меѓутоа, е во сопственост на Министерството за одбрана на РФ и влезот е забранет.

3. Црква-светилник Св. Никола, Крим

Ова не е единствениот светилник-црква во Русија, но е дефинитивно најубав, а со своите 65 метри е и највисока црква на полуостровот.

Подигната е во 2007 година, а во подрумот се наоѓа и Музејот на бродоломи.

Како се стасува?

Црквата-светилник Св. Никола се наоѓа на местото Малоречанское, оддалечено еден час возење од Симферпољ.

4. Лесној мол задни, Санкт Петербург

Со 73 метри висина тој е највисокиот светилник во Русија и е четврти во светот. Служи како ориентир за бродовите кои пристигнуваат во комерцијалното пристаниште на Санкт Петербург.

Лесној мол изгледа како вистински џин, особено во споредба со помалите браќа кои се наоѓаат во близина: Лесној мол предни и Лесној мол средни (21 односно 26 метри над нивото на морето).

Како се стасува?

Лесној мол одлично се гледа од кое било место на брегот на Санкт Петербург.

5. Светилник Толбухин, Фински залив

Подигнат е во 1719 година по указ на Петар Први и е можеби најстариот светилник во Русија.

Над 300 години бил првиот светилник кој ги дочекувал пријателските и непријателските бродови кои пловеле кон Санкт Петербург.

Како се стасува?

Се наоѓа на мал остров во Финскиот залив, 40 километри од Санкт Петербург. Островот е затворен за посетители, а светилникот најдобро се гледа од бродовите што пловат покрај него.

6. Светилникот Дербент, Дагестан

Светилникот во Дербент се наоѓа во самиот центар на градот и на 500 метри од брегот на Каспиското море. Се верува дека во последниве векови нивото на морето се намалило во голема мера.

Најјужниот руски светилник е изграден во 1853 година и е активен до денешен ден, а неговата силна светлина се гледа на оддалеченост од 33 километри.

Како се стасува?

За жал, овој светилник е затворен за посетителите и може да се види само од блиските паркови.

7. Вајдагубски светилник, Рибарски полуостров

Најсеверниот руски светилник е висок 29 метри и се наоѓа на Рибарскиот полуостров (Рыбачий) во Баренцовото море, недалеку од границата со Норвешка.

Во првата половина од 20 век за оваа територија се бореле СССР и Финска, па сопственикот се менувал повеќе пати. Вајдагубскиот светилник бил многу оштетен во Втората светска војна, но сега е целосно реновиран.

Како се стасува?

Се наоѓа во селото Вајда Губа, оддалечено речиси 180 километри од главниот руски северен град Мурманск. Влезот во светилникот е дозволен само за руските државјани.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња