Зошто во многу градови во Русија парковите го носат името на писателот Максим Горки?

Патувања
АНА СОРОКИНА
Не само во Москва, туку и во Самара, Казан, Краснојарск, Перм, Ростов на Дон и многу други големи градови во Русија постојат културни и рекреативни паркови именувани по писателот Максим Горки. Такви паркови има и во поранешните советски републики.

Паркот „Горки“ е веројатно најпознатиот парк во Москва. На почетокот на ХХ век на тоа место имаше градини и ѓубриште каде што се носеа секакви старудии. Тука, во 1922 година, болшевиците ја одржаа Серуската земјоделска изложба, а шест години подоцна решија да изградат парк за култура и одмор.

Во паркот беше планирана и едукација за работниците. А во неговата изградба се вклучија архитектите Константин Мељников и Ел Лисицки, познати по својата авангардна ориентација во работата.

Верувале или не, првиот ден повеќе од сто илјади луѓе го посетија паркот. Алеите за пешачење ги красеа скулптури, а во паркот имаше модерни луна-паркови, простор за фискултура и танц, „читална“.

Во 1932 година паркот го доби името по најпознатиот советски писател Максим Горки, по повод четириесетгодишнината од неговото творештво. Писателот доаѓаше и одржуваше состаноци овде, иако имаше критички однос кон култот што се плетеше околу неговото име.

Паркот стана модел по кој се градеа парковите и во другите градови во Советскиот Сојуз. Сите се проектирани слично: монументална централна порта, алеи, креативни зони, кафулиња, панорамски тркала и други видови забава.