Пејзажниот дизајн во современа смисла во Русија ги донел Петар Први. Рускиот цар не само што од Европа го донел концептот на паркови за прошетка, но довел и стручњаци кои овој концепт го оствариле во реланоста.
Најголемите паркови во англиски и во француски стил најпрво се појавиле во Санкт Петербург, а потоа и во други градови во Русија. Каде можете да ги видите денес?
На околу 40 километри од Санкт Петербург се наоѓа едно од најпосетените места во оваа област – Дворскиот ансамбл „Гатчина“, опкружен со извонреден парк од крајот на 18 век.
Англиските паркови често потсетуваат на меланхолични пејзажи во кои посетителот не знае што се крие зад следниот агол. Тие се опишуваат како неправилни, зашто го имитираат создавањето на самата природа, но секако, поседуваат осмислено уредување.
Англиската градина во Гатчина опфаќа неколку езера со бројни острови, дрвореди што даваат сенки, лавиринти. Сето тоа е вешто поврзано и дополнето со различни објекти. На пример, има вештачка пештера под називот „Ехо“, во која звукот повеќекратно се одбива од ѕидовите. А, Орловиот павилјон е ротонда на остров со мермерен орел и грбот на царот Павел Први. Но, најмистериозна атмосфера владее во осмоаголниот камен базен сместен среде идиличната шумарка.
На брегот на реката Фонтанка на територијата на благородничкиот имот на Гаврило Державин можете да прошетате по романтичната Полска градина од крајот на 18 век. Името го има добиено по тоа што се наоѓа во близина на католичката црква што во тоа време ја посетувале Полјаците.
Полската градина околу вилата на Державин ги комбинира традиционалните цветни леи и декоративни грмушки со повратарски култури, со цел да се задржи селскиот шмек. Покрај тоа, денес таму се наоѓа и „Зелениот театар“ на отворено каде што налето се одржуваат концерти.
За разлика од англиските, француските паркови се одликуваат со правилност и со симетрија. Највпечатлив пример за тоа е Петергоф, инспириран од Версај. Додека, единствениот Француски парк во Москва се наоѓа на имотот Кусково и потекнува од средината на 18 век.
Тука меѓу леите и дрворедите се распоредени елегантни, симетрично поставени мермерни скулптури, обелисци, павилјони, како и систем од езера и канали.
А, на источниот дел од имотот се наоѓа англиската градина која претставува контраст во однос на француската.
За втората половина на 19 век е карактеристична опседнатоста со источните култури, не само во Русија, но и во целиот свет. Така во Петерхоф во 1866 година покрај морската тераса на дворецот Монплезир на брегот на Финскиот залив се појавила мала Кинеска градина. Во кинеската култура градината е повеќе од место за шетање, таа е водич за соединување со природата. Во неа се наоѓаат голем број вештачки релјефи, брекчиња, камења, езера, и тераси. Сѐ за облагородување на душата.
Во средината на Кинеската градина во Петерхоф поставена е вештачка пештера со фонтана во облик на каскада под називот „Школка“ и потоци преку кои се распоредени карактеристични мостови. Ова место не е широко познато зашто речиси педесет години беше напуштено, а се реконструираше дури во педесеттите години од 20 век.
А, во Москва, недалеку од метро-станицата „Ботанически сад“ се наоѓа една од најголемите кинески градини надвор од границите на Кина – Пејзажниот парк „Хуамин“ отворен на почетокот на мај годинава покрај истоимениот деловен центар. Архитектурата на паркот опфаќа три зони: традиционални сенки со водена површина во средината, дел за прошетка со дрвени патеки и дел за чување на опремата за одржувањето на паркот.
На влезот посетителите минуваат низ порта со митски битија од кинеските легенди и со кинески лампиони. Недалеку од главниот влез поставен е споменик на кинескиот филозоф Конфуциј. Тука има неколку пријатни сеници и павилјони каде во иднина ќе се одржуваат чајни церемонии и други манифестации.
Сите објекти носат поетични кинески називи. Езерото Линлун е „езеро на префинетоста“, портата Цијун е „порта на виолетовиот облак“, а мостот Басјан е „мостот на осум небеса“.
Покрај Ботаничката градина на Руската академија на науките се наоѓа градина направена во осумдесеттите години од минатиот век според проектот на јапонскиот дизајнер Кен Накаѕими. Јапоските градини, инаку, носат цел филозофски концепт, претставувајќи го Универзумот во минијатура. Во московскиот парк композицијата е направена така што се гледаат сите годишни времиња. На ова место растат 70 видови билки, од кои определен број се донесени од Јапонија. Меѓу нив има јапонски цреши, јапонски рододендрони и јапонски јавори.
Во Ботаничката градина на Санкт Петербург исто така има јапонска градина. Се појави во 2010 година според заеднички проект на руските и на јапонските стручњаци. Тука се сместени чајни павилјони, камени градини со минијатурната планина Фуџи и езеро во кое живее водениот дух-капа. Градината може да се посети само во рамките на организирани групи.
Пролетаа 2023 година жителите на Краснодар добија ново омилено место за прошетка – Јапонската градина. Таа се наоѓа во најубавиот градски парк под назив „Краснодар“. На површина од 7.5 хектари растат 12 илјади стабла и грмушки, а по должината на градината има патека долга 3,5 километри.
Посетителите влегуваат во градината низ величествената порта Карамон со декоративна резба.
Едно од најживописните катчиња на паркот е камената градина со билки и со различни архитектонски форми. Брановидните шари симболизираат вода, а камењата претставуваат планини.
Во близина се наоѓа и таканареченото „суво езеро“, односно простор на кој камењата формираат облик на езеро, но без вода. Секако, во градината има и традиционални јапонски пав+илјони.
Градот Псков на западот на Русија е збратимен со финскиот град Куопио. По повод 25-годишнината од пријателските односи помеѓу двата града во 1991 година изграден е пар. Финскиот парк се наоѓа во самиот центар на Псков на брегот на реката недалеку од тврдината.
Жителите на Куопио во таа пригода дојдоа за да посадат врби, да постават сеници и да направат детски игралишта.
Во рамките на паркот се наоѓаат и остатоци на воденица од 16 век, здание на фабрика за кожа од 17 век, како и одбранбени утврдувања.
Вештачкиот остров во центарот на Санкт Петербург е едно од најпосетуваните места во градот. Нова Холандија е стара колку и самиот град. „Холандскиот“ назив потсетува на тоа дека царот Петар Први на брегот на Нева ја основал Северната флота и со таа цел во престолнината повикал холандски градители на бродови. На островот се наоѓа магацин за чување дрва за изградба на бродови. А, денес ова е јавен парк со споменици на индустриската архитектура.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче