10 места во Кремљ кои не треба да ги одминете

Патувања
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Московскиот Кремљ не е само еден од симболите на главниот град, туку и површински најголем музеј на светот. За да не изгубите ориентација на толку голема територија, составивме листа на најважните места што треба да ги посетите.

 1. Ивановскиот плоштад

Во XVI-XVII век ова место било деловниот центар на Москва. Таму, во 1329 година, плоштадот пред храмот „Јован Лествичник“ бил покриен со калдрма; источниот дел го добил името Ивановски, додека западниот дел станал Соборен плоштад.

На Ивановскиот плоштад телалите ги објавувале најважните вести, а подоцна оттаму потекнува и изразот кој останал до ден-денес: „да галамиш по цел Ивановски плоштад“, што значи да се зборува многу гласно и емотивно. Храмот бил демонтиран во 1505 година, а источно од него италијанскиот архитект Бон Фрјазин ја изградил камбанаријата на Иван Велики.

Каде се наоѓа: отспротива од влезот на територијата на Кремљ од правец на Спаската кула

2. Цар-топот и цар-камбаната

Цар-топот е најголемиот топ на светот со калибар од 890 милиметри. И иако бил направен како вистинско оружје, никогаш не бил применет во борба. Излеан е во 1586 година и стоел на Црвениот плоштад до Спаската капија. Подоцна, ова оружје тешко 40 тони било поставено на пиедестал во внатрешноста на Кремљ, а композицијата комплетирана со декоративни ѓулиња.

Цар-камбаната се појавила дури во XVIII век за време на владеењето на Ана Ивановна. Тоа е најголемата камбана на светот. Висока е 6,14 метри и тешка речиси 202 тони. Никогаш не бил искористена за намената, бидејќи во моментот на пожарот во Кремљ била во јама, каде што се загреала, а откако била полеана со вода, пукнала. Од неа се откинало парче тешко 11,5 тони. Сега ова парче се наоѓа веднаш до камбаната на територијата на Кремљ.

Каде се наоѓа: до Ивановскиот плоштад  и до камбанаријата на Иван Велики

3. Успенската црква 

Оваа црква спаѓа меѓу најстарите градби на територијата на Кремљ. Изградена е во 1475-1479 година по желба на великиот московски кнез Иван III, а проектирана од италијанскиот архитект Аристотел Фјораванти. Од времето на владеењето на Петар I во неа се одржувале крунисувањата на руските цареви. До 1917 година таа била главната соборна црква во Русија, а и денес е активен храм.

Покрај тоа, токму во оваа црква се наоѓаат најстарите фрески во Москва, кои датираат од XV век.

Каде се наоѓа: на Соборниот плоштад меѓу Грановитата палата и црквата „Дванаесетте апостоли“

4. Грановитата палата

Оваа зграда е изградена 1487-1491 година од Италијанците Марко Фрјазин и Пјетро Антонио Солари. Во текот на неколку векови, до почетокот на владеењето на Петар I, таму се наоѓале главните царски сали во Русија. Во нив, меѓу другото, царевите ги пречекувале странските емисари, носеле важни одлуки и приредувале приеми. Палатата го добила името „грановита“ поради оригиналниот изглед на главната фасада - ѕидот е украсен со „брилијантски камен“ (блокови од специјално делкан бел камен).

Каде се наоѓа: на Соборниот плоштад помеѓу Успенската и Благовештенската црква

5. Тајницката градина и Големиот кремљовски плоштад

Покрај јужните ѕидини на Кремљ има голем парк, кој веројатно постоел уште од XIV век. Името на паркот се менувало неколку пати, сè додека во XIX век не го добил името Тајницка градина, по една од кулите на Кремљ во неговата близина. Меѓу најинтересните растенија овде е дабот „Космос“, засаден лично од првиот космонаут во историјата Јуриј Гагарин.

Каде се наоѓа: кај јужните ѕидини на Кремљ, веднаш до Архангеската црква и Тајницката кула

6. Големиот кремљовски дворец

Градбата подигната во XIX век била царска резиденција. Изградена е со указ на Николај I. Во советско време во неа заседавапе владата.

Еднокатната градба подигната во специфичен византиско-руски стил има навистина огромна површина: околу 25000 квадратни метри. Денес повеќето од просториите се затворени за посета. Имено, тие се дел од резиденцијата на претседателот на Русија. Меѓутоа, во еден дел од просториите се одржуваат обиколки.

Каде се наоѓа: покрај јужните ѕидини на Кремљ, зад Благовештенската црква и отспротива на Потешниот дворец

7. Потешниот дворец

Зградата со златни куполи и највисокиот кат што личи на „терем“ (мал раскошен замок во руски стил) е изградена во 1651 година за болјарот Милославски, тестот на царот Алексеј Михајлович. Подоцна градбата го добила името Потешни дворец. Таму се прикажувале првите театарски претстави во руската историја. Се нарекувале „потехи“, па оттука и името.

Каде се наоѓа: спроти Големиот кремљовски дворец до западните ѕидини на Кремљ

8. Оружејната палата

Оваа неокласична зграда е изградена во 1844-1851 година како музеј за чување и изложување на богатствата од царската ризница. Денес на ова место можете да видите руски и странски накит од ХII-ХIХ век, оружје и оклопи, државни инсигнии, кочии, одежди и многу други нешта. Во сутеренот се наоѓа „Дијамантскиот фонд“, каде што се изложени уникатни парчиња самородно злато и царски скапоцености.

Каде се наоѓа: До Потешниот дворец

9. Државниот кремљовски дворец (Дворецот на конгресите)

Една од зградите од советскиот период кои се наоѓаат на територијата на Кремљ. Изградена е во 1961 година на иницијатива на првиот човек на земјата Никита Хрушчов. Тој сакаше партиските конгреси да се одржуваат во огромна сала за 6000 луѓе. Денес, Државниот кремљовски дворец е главната театарска и концертна сцена во Русија. Во него настапуваат најпознатите домашни и странски уметници и театарски трупи, и токму на тоа место се одржува и главната новогодишна прослава за децата во земјата.

Каде се наоѓа: помеѓу Сенатскиот и Троицкиот плоштад кај западните ѕидини на Кремљ

10. Арсеналот (Цајгхаус)

На иницијатива на Петар I на почетокот на XVIII век на територијата на Кремљ била изградена една од најголемите градби од тоа време. Тогаш императорот планирал во неа да смести воен магацин, музеј на војничката слава и место за чување воени трофеи. Тој дури и лично учествувал во изготвувањето на нацртите според кои е изграден Арсеналот. Наполеон ја разнел оваа зграда во 1812 година кога ја напуштал Москва, но подоцна била обновена. Денес тука се сместени касарните на Кремљовскиот полк и администрацијата на Воената комендатура на Кремљ (организација која се грижи за почитување на законот и воената дисциплина во гарнизонот).

Каде се наоѓа: на Троицкиот плоштад во северниот дел на Кремљ