Зошто реката Москва се вика Москва?

Konstantin Kokoshkin/Global Look Press
Кој е заслужен за името на главниот град: мечките, кравите или дури и внукот на старозаветниот Ное?

Филолозите и историчарите се согласуваат дека Москва го добила името по реката што тече низ неа. Но, од каде доаѓа името на реката и што би можело да значи? Околу тоа прашање се кршеа копја, но несомнената вистина не беше утврдена.

Угро-финска верзија  

На почетокот на првиот милениум од нашата ера, на територијата на Москва живееле угро-фински племиња. Затоа, некои експерти претпоставуваат дека името Москва потекнува од угро-финската јазична група. Во јазиците на оваа група, елементот „ва“ обично значи „вода“, „река“ или „мокар“. Елементот „моск“ потсетува на зборот „моск“ на јазикот на народот Коми и значи „крава“. Излегува дека името на главниот град на Русија значи „кравја река“ или, метафорично, „река-хранителка“. Оваа верзија се здоби со популарност благодарение на тоа што беше поддржана од познатиот историчар Василиј Кључевски. Но, подоцна се покажа дека народот Коми никогаш не живеел во близина на реката Москва и теоријата беше прогласена за неуверлива.

На друг јазик од угро-финската група - мерјанскиот - зборот „маска“ значи „мечка“, а „ава“ значи „жена“ или „мајка“. Врз основа на звучењето се појави толкување според кое реката Москва значи „мечкина река“ или „река Мечка“. Мерјанскиот јазик го зборувал народот Мерја, а според најстарата хроника „Повест за минатите лета“, овој народ навистина живеел во источниот дел на Подмосковјето во IX  век. Но, бидејќи на тој простор немало други реки чие име би завршувало на „ва“, научниците се откажаа од оваа теорија.

Според третата угро-финска хипотеза, името се преведува како „матна или валкана вода“. Но, според неа, елементот „мокс“ доаѓа од прибалтичко-финските јазици, во кои „musta“ значи „црн, темен“, а елементот „вa“ од јазикот Коми. Потеклото на два дела од еден збор од различни јазици е спорно, така што денес експертите не поддржуваат ниту една угро-финска верзија за потеклото на зборот Москва.

Скитска и ибериско-кавкаска хипотеза

Ако ѝ се верува на верзијата за скитското потекло на зборот, името на главниот град доаѓа од зборот „ama“ со значење „моќна река“. Скитите, запознаени со планинските реки, тешко дека така би ја нарекле реката Москва со нејзиниот бавен и мирен тек. Но, главниот аргумент против оваа верзија е дека Скитите никогаш не живееле во близина на централна Русија.

Ибериско-кавкаската хипотеза е хибридна верзија, според која дел од зборот потекнува од кавкаските јазици, а дел од угро-финските. Елементот „ва“ според поддржувачите на теоријата е угро-фински, со значење „вода“, додека „моск“ наводно доаѓа од кавкаскиот народ Мосхи. Само што последната претпоставка почива исклучиво на надворешната сличност на двата збора и не се најдени никакви историски факти што би ја потврдиле.

Словенско потекло на зборот

Постојат голем број хипотези за словенското потекло на името на руската престолнина. Но, значењето на повеќето од нив е дека не треба да се анализира самиот збор Москва, туку неговата стара форма „Моски“. На староруски јазик коренот „моск“ го имал значењето „течност, мочуриште, влага“. Излегува дека името Москва значи „мочурлив терен“. Дополнителен аргумент во прилог на оваа теорија е тоа што реката Москва извира на мочурлив терен кој подоцна го добил името „Москворецка бара“.

Но, оваа хипотеза не зема предвид дека пред Словените, на територијата на Москва живееле племиња кои зборувале на јазиците на угро-финската и балтичката група. А тешко дека главната река на областа немала име пред доаѓањето на словенските племиња и дека до нас стигнало името што го смислиле Словените.

Балтичка хипотеза

Идејата дека балтичките племиња ѝ го дале името на реката Москва ја развил докторот по филологија Владимир Топоров. Тој забележал дека на територијата на балтичките земји има многу реки чии имиња завршуваат на „ва“, а во балтичките јазици нашол и цела група зборови слични по значење на рускиот кои го содржат елементот „моск“. Друг значаен факт е дека реките што завршуваат на „ва“ се наоѓаат западно од Москва и дека речиси ги нема на исток, што значи дека името на реката најверојатно потекнува од племиња кои подоцна се преселиле западно од Москва.

Според хипотезата на Топоров, постојат две варијанти на толкување на името на главниот град. Едната ја повторува претпоставката за словенското потекло на зборот. Додека според другата варијанта, името значи „извиткана река“. На балтичките јазици, зборовите што звучат слично на „моск“ може да го имаат името „јазол“, а реката Москва само на територијата на градот прави 11 големи завои, т.е. јамки. 

Фантастична верзија

Постојат и апсолутно неверојатни, бајковити претпоставки за потеклото на зборот Москва. На пример, во XVII век, поради грешките на хроничарите, се појавил мит за учество на библиска личност во основањето на Москва. Наводно Мосок, внукот на Ное, одел со своето племе од Вавилон и доаѓајќи до реката Москва, која го добила името по него, „ги изроди Московитите по своето име“. Излегува дека внукот на Ное, според легендата, не само што го дал името на главниот град, туку бил и прататко на Словените.

Сите верзии за потеклото на името Москва се само претпоставки и научниците до денес не можат со сигурност да ја објаснат етимологијата на овој збор.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња