Дали се знае колку е стара Москва?

Russia Beyond (Црвениот плоштад, втора половина на XVII век, Аполинариј Васнецов/Public Domain; Legion Media)
Москва не е основана 1147 година! Тогаш градот е само првпат споменат во летописите. А колку е стара?

„Дојди ми, брат, во Москов“. Така гласи првото споменување на Москва во Ипатиевскиот летопис. Хрониката бележи дека Ростовско-Суздалскиот кнез Јуриј Долгоруки назначил состанок со новгородсеверскиот кнез Свјатослав Ољгович во местото наречено Москов. Тие се сретнале на 4 април 1147 година и склучиле привремено примирје во меѓусебната војна. Следниот ден Јуриј приредил голема гозба, а следниот ден кнезовите размениле подароци и се збогувале.

Основањето на Москва. Изградбата на новите ѕидини на Кремљ за време на Јуриј Долгоруки, 1156 година, Аполинариј Васнецов.

Сето тоа не значи дека Москва е основана во 1147 година и дека основач бил принцот Јуриј Долгоруки. Ова е само најстарото до денес пронајдено пишано споменување на топонимот „Москов“ (Москва).

Се споменува ли Москва во некои други стари текстови?

Ипатиевскиот летопис од XV век е пронајден во Ипатиевскиот манастир историчарот Николај Карамзин.

„Ипатиевскиот летопис“ е ракопис кој содржи 307 големи листови, а името го добил затоа што се чувал во Ипатиевскиот манастир во Кострома. Летописот е всушност збирка преписи од неколку други хроники извршени во текот на 1420-тите од најмалку пет различни составувачи. Настаните од 1147 година се препишани од „Киевскиот летопис“, хроника од XII век чиј оригинал не е пронајден.

Ако летописецот го спомнал името на местото без објаснување, тоа значи дека луѓето во XII век веќе добро знаеле за градот наречен Москов. Ова го поткрепуваат уште две референци:

  1. Писмото на брезова кора бр.723, Новгород, најрано во текот на 1160-тите. Душила, авторот на овој запис, вели: „Тргнац во Кучков“.
  2. Ипатиевскиот летопис (1176) објаснува дека Кучков и Москва се едно исто место: „Москва, која се вика и Кучково“.
Грамота №723 (писмо на брезова кора)

Кучково било едно од селата кои се наоѓале таму каде што денес е центарот на Москва. Александар Векслер, првиот главен археолог на Москва, кој во текот на 1990-тите и 2000-тите беше директно задолжен за ископувањата во центарот на градот, пишува дека подрачјето на улицата „Сретенка“ се викало наречена „Кучково Поле“. Векслер и другите археолози пронајдоа наоди кои потврдуваат дека градот е многу постар.

Што велат археолозите?

Кон крајот на 1990-тите Векслер спроведе истражување со метод на радиоактивен јаглерод на примероци од дрвен јаглен од почвата во близина на Кремљ и утврди дека најстарите примероци на јаглен датираат од 890 година од нашата ера. Тоа значи дека и тогаш во близина на денешен Кремљ имало објекти, куќи со ниви и бавчи.

Москва за време на Иван Грозни, Аполинариј Васнецов.

На територијата на Кремљ се пронајдени закопани пари од IX век, што покажува дека населбата тргувала со далечни земји како Ерменија или со античкиот град Мерв. Меѓу ископините на плоштадот „Манежни“ се наоѓа византиска амфора од XII век. Сето тоа, според Векслер, сведочи за фактот дека се работи за „спонтана рана населба“. Тој во едно интервју изјави: „Верувам дека во 1147 година на територијата на главниот град веќе постоела комплетна населба, а околу неа бројни словенски села“.

На територијата на денешна Москва има и остатоци од многу постари населби. Во близина на селото Коломенское се откриени утврдени населби од Ѓаковската култура (VII-V век пред новата ера). А човечки живеалишта од времето на неолитот (пред 4000 години) се пронајдени на северозапад: во Химки, Серебрјани Бор, Строгино и Шчукино.

Зошто поголемата старост на Москва сé уште не е официјализирана?

Генералниот директор на Центарот за археолошки истражувања Александар Векслер (лево) ги испитува наодите од локалитетот на плоштадот „Манежнаја“.

Водечкиот советски урбанист, доктор по географија Георгиј Лапо, пишува: „Во огромното мнозинство на случаи, населбите што станале градови не размислувале за урбана „кариера“. Затоа, појавата на населба не може да се третира како раѓање на град“. Да се потсетиме дека древни населби постоеле и на територијата на Санкт Петербург, но како година на неговото основање се зема 1703. За волја на вистината, Петербург имал свој основач. Во случајот со Москва, конкретниот датум на „полагањето темели“ на градот не е зачуван.

За ден кога е роден градот не може да се смета ниту почетокот, ниту крајот на изградбата на првата тврдина, бидејќи не сите утврдувања станале градови. Археолозите се сигурни дека тврдината, која веќе постоела на територијата на Кремљ во 1156 година, не била првото московско утврдување. Но, ако постоело уште постаро утврдување, треба да се пронајдат неговите остатоци и да се утврди нивната старост.

Леонид Кондрашев, сегашниот главен археолог на Москва, тврди: „На територијата на главниот град се пронајдени бројни предмети од XI век и населби на Словени од Х век“. Меѓутоа, потсетува Кондрашев, „постои усогласена традиција според која староста на градот се одредува според првото летописно споменување“. Значи, за да се официјализира поголемата старост на Москва, потребни се посериозни археолошки наоди и консензус во научните кругови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња