Десетте најголеми езера во Русија

Бајкал

Бајкал

klug-photo/Getty Images
Површината на езерото Ладога е поголема од Црна Гора, а Каспиското море всушност не е море, туку најголемото езеро на светот.

Русија има 2 милиони езера, од кои повеќето се наоѓаат во Сибир и на северот на европскиот дел на земјата. Кои меѓу нив се најголеми по површина?

1 – Касписко езеро (371 000 км²)

Иако Каспиското езеро често се нарекува море, тоа е затворена водена површина со големина на Германија. Научниците сметаат дека пред илјадници години Каспиското езеро и Црното море биле единствена целина. Водата во Каспиското езеро е солена, а неговото дно има океанско потекло. Меѓутоа, во него живеат само речни риби, а најголемиот дел од водата доаѓа од реката Волга.

Пет земји излегуваат на брегот на Каспиското езеро: Русија, Азербејџан, Иран, Казахстан, Туркменистан. Тука се експлоатираат наоѓалишта на нафта и гас. Патем, поголемиот дел од црниот кавијар доаѓа од Каспиското езеро.

2 – Бајкалско езеро (31 500 км²)

Ова е најдлабокото езеро во светот со максимална длабочина од 1,6 километри! Бајкалското езеро во Сибир е едно од најпознатите чуда на природата. Содржи една петтина од сите резерви на слатка вода на Земјата, а го населуваат стотици растенија и животни кои можат да се сретнат само на тоа место. На пример, бајкалската фока (единствената слатководна фока во светот) и бајкалската есетра.

Покрај јужниот дел на Бајкалското езеро минува многу живописна железничка пруга.

3 - Ладога (17 703 км²)

Ладога е најголемото езеро во Европа. На неговите брегови се сместени градовите на Карелија и Ленинградската област: Сортавала, Приозерск, Шлиселбург.  На истоимените острови се наоѓа познатиот Валаамски манастир. Од Ладога истекува реката Нева.

Дел од езерото го зазема Националниот парк „Ладошки карпи“. Се состои од стотици острови, канали и заливи, скриени во густите карелиски шуми. Тоа е едно од омилените места за риболов и возење кану.

4 – Онега (9 616 км²)

Уште едно езеро во Карелија, Онега, исто така се смета за најголемо во земјата. На тоа езеро се наоѓаат главниот град на Карелија, градот Петрозаводск, како и индустриските градови Кондопога и Медвежјегорск. Има преку илјада и петстотини острови, од кои најпознат е Кижи, музеј на дрвена архитектура на отворено.

Онега е поврзана со Белото море преку Беломорско-балтичкиот канал.

Од 1972 година на езерото се одржува најголемиот натпревар на едреници во земјата „Онешка регата“.

5 – Тајмир (4 560 км²)

Полуостровот Тајмир на северот на Краснојарскиот крај е едно од најнепристапните места во земјата со само неколку населби, раздвоени со стотици километри тундра. На едно од таквите оддалечени места, во близина на планината Биранга, се наоѓа огромното поларно езеро Тајмир.

Водата во него не само што е ладна, туку од септември до јули е замрзната до дното. Само 73 дена во годината Тајмир не е замрзнат. Но, има живот во него! Во езерото живеат арктичките риби, муксун, езерска златовчица и сиг.

Полуостровот Тајмир е регион со езера и висорамнини. Имавме можност едно од најубавите и најмистериозните езера на Тајмир да го посетиме лете.

6 - Ханка (4 560 км²) 

Езерото Ханка во Приморскиот крај, на границата со Кина, е едно од ретките места каде што може да се сретне амурската шумска мачка. Покрај тоа, езерото Ханка е многу популарно место за жителите на Далечниот Исток за одмор, риболов и набљудување ретки и убави птици.

7 - Чудско-Псковско езеро (3 555 км²)

Чудско езеро (северно) и Псковско езеро (јужно)

Тоа не е едно езеро, туку цел комплекс од езера! Понекогаш се нарекува Псковско море поради неговата големина. Дел од езерото е во Естонија, а дел во Русија.

Познато е и како историско место: во 1242 година на мразот на Чудското езеро се одржа битката на војската на Александар Невски со витезите на Тевтонскиот ред, позната како Битката на мразот.

8 - Убсу-Нур (3 350 км²)

Езерото Убсу-Нур се наоѓа на границата меѓу Монголија и Русија, во република Тува, на југот на Сибир. Басенот на ова езеро е вклучен во листата на Светско наследство на УНЕСКО. На тие територии се пронајдени бројни културни споменици на древните народи: петроглифи, рунски натписи, кургани. Денес практично никој не живее таму.

9 – Чани (1 990 км²) 

Најголемото езеро во Западен Сибир е Чани во Новосибирската област. На него има околу 70 острови со уникатен пејзаж во кој живеат ретки животни. Локалните жители раскажуваат легенда за џиновско чудовиште кое ги проголтува луѓето кои ќе влезат во водата. Во исто време, езерото е прилично плитко, со просечна длабочина од само 2 метри.

Езерото првпат го опиша научникот Петар Симон Палас за време на неговата експедиција во Сибир во 1786 година (истото езеро по кое го добила името и Паласовата мачка, т.е. манулот).

10 – Бело езеро (1 290 км²) 

Најубавото езеро на Рускиот Север се наоѓа во Вологодската област. Луѓето континуирано ги населуваат неговите брегови најмалку од IX век, користејќи го за водоснабдување и како трговски пат. Тука се наоѓаат населбите Белозерск, Крохино и голем број други. Се нарекува бело поради белата глина на дното. Практично е совршено тркалезно.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња