Покрај брегот на Бајкалското eзеро со воз - најубавата железничка рута на светот!

Legion Media
Железничката пруга минува по јужниот брег на езерото и низ 38 тунели пробиени низ карпи. Ова лесно патување трае 5 часа, а ќе го паметите цел живот!

Возењето покрај брегот на Бајкалското езеро е задоволство што треба да си го дозволите.

Околубајкалската железница е изградена во 1904 година за да ги поврзе западниот и источниот дел на Транссибирската магистрала. Денес тоа е една од најпопуларните туристички рути во Сибир.

„Златна тока“

Во 1891 година започна изградбата на најдолгата железничка пруга на светот – Транссибирската магистрала. Замислете си само: дотогаш, патувањето од едниот до другиот крај на земјата траело со месеци! Затоа таквата пруга ѝ беше едноставно неопходна на Русија, а во нејзината изградба беа вложени силите на најдобрите умови од тоа време. Транссибирската магистрала се градеше по сегменти кои потоа беа меѓусебно поврзани.

На патот на изградбата имаше голема природна пречка - Бајкалското езеро.

На почетокот возовите преминуваа преку езерото со траект-мразокршач. Патот можеше да се скрати само со изградба на пруга околу езерото. Беше избран јужниот брег.

Релјефот на брегот е многу комплициран и каменест. Проектирањето траеше повеќе од 10 години. За да ја постават пругата, градежниците пробиваа карпи, користејќи експлозив. На некои места останаа траги од отворите каде што го ставаа динамитот.

На крајот мораа да изградат четириесет тунели, 16 камени галерии, 470 мостови и вијадукти. Вкупната должина на пругата околу Бајкалското езеро тогаш беше 260 километри.

Околубајкалската железничка пруга често се нарекува „златната тока на челичниот појас на Русија“, бидејќи ги поврзува западниот и источниот дел на Транссибирската железничка магистрала. И сé до 1950-тите таа во целост го оправдуваше овој назив.  

Меѓутоа, поради постојаните одрони, советските инженери веќе беа принудени да ги поместат шините подалеку од брегот на езерото. На крајот, дел од пругата беше затворена, а дел беше потопен при изградбата на Иркутската хидроцентрала. Возовите на Транссибирската железница денеска сообраќаат по друга пруга, заобиколувајќи ги опасните места.

Затворениот дел од Бајкалската железница беше ставен под државна заштита во 1980-тите поради неговото историско архитектонско значење. Тука доаѓаа туристи за да го видат со свои очи вековното чудо на инженерската мисла.

За волја на вистината, железничките насипи беа обновени, а тунелите зајакнати дури во текот на 2000-тите. Токму овој стар дел од пругата, долг 89 километри, денес се нарекува Околубајкалска железничка пруга.

Првиот туристички парен воз почна да сообраќа на оваа историска рута во 2005 година. А денес, освен со парниот воз, може да се возите и со обичен електричен воз кој поврзува одделни населби на Бајкалското езеро со центарот на регионот.

Од Сљуѓанка до Бајкалското езеро за 5 часа

Патувањето започнува на станицата Сљуѓанка-1 и завршува на станицата Бајкал. Најлесен начин да стигнете до Сљуѓанка е со електричен воз од Иркутск, најблискиот голем град до Бајкалското езеро. Патем, да напоменеме дека зградата на железничката станица во Сљуѓанка е единствената зграда за оваа намена во светот изградена целосно од бел мермер.

Попатно ќе наидете на огромен број на импресивни објекти. Еден од првите грандиозни заоблени вијадукти се наоѓа во близина на населбата Стара Ангасолка (станица „149-ти км“). Должината на тунелот е 778 метри, но бидејќи е прав, на крајот секогаш ќе го видите светлото.

Една од најживописните станици е „Италијанскиот ѕид“. Навистина има камен потпорен ѕид во вид на сводови, кој потсетува на алпските мостови. Оваа градежна конструкција ги штити колосеците од одрони на карпи. Во нејзината изградба навистина биле ангажирани италијански и пруски експерти.

Патувањето завршува на станицата Пристаниште Бајкал. Таму можете да го посетите Музејот на Околубајкалската железница и стариот светилник.

Од пристаништето Бајкал многу туристи со брод одат до Листвјанка, при што патувањето трае половина час, а од таму им треба еден час со автобус до Иркутск. А доколку сакате подобро да ги запознаете овие краишта, можете да се симнете од возот и да преноќите во некоја од населбите (туристичките центри се наоѓаат на станиците „137-ми км“, „98-ми км“ и „79-ти км“) .

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња